Забава
(Видео) Лажно видео на Тејлор Свифт како зборува мандарински стана вирално во Кина и предизвика дискусија за вештачката интелигенција
Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт го привлече вниманието на своите кинески фанови оваа недела кога клип на кој зборува течно мандарински стана вирален на социјалните мрежи во Кина.
Во видеото објавено на популарната социјална платформа „Веибо“ 33-годишната пејачка се пофали со своите вештини за зборување мандарински во некаква емисија што изгледа како ток-шоу.
„Неодамна бев на многу места, како Италија, Франција и Јапонија“, вели Свифт на мандарински со благ американски призвук.
Видеото беше споделено на 21 октомври и оттогаш има над шест милиони прегледи.
Во друго видео Свифт зборува за песни што се запоставени и како би сакала луѓето да ги чујат.
Сепак, Свифт својата способност да зборува на мандарински јазик ја должи на вештачката интелигенција.
Овие лажни видеозаписи биле генерирани со алатка на вештачка интелигенција од „Хејџен“ (HeyGen), кинески стартап, пренесува порталот „Чајна проџект“ (The China Project).
Движењата на усните се синхронизирани за да изгледа како да зборува на мандарински, а звучи како гласот на Свифт правејќи ги видеата толку реални што ги натера кинеските корисници на интернет да ја изразат својата вчудовиденост од технологијата, со коментари како: „Ова е прекрасно!“
Но, исто така поттикна дискусија за потенцијалните стапици што ќе се појават кога вештачката интелигенција ќе стане понапредна, како, на пример, појава на измами, губење работни места итн.
„Најстрашното нешто е некој да ја користи оваа технологија за да прави лажни вести – бидејќи вештачката интелигенција е способна да манипулира со гласот и движењето на устата – луѓето лесно ќе поверуваат“, напиша еден интернет-корисник.
Друг корисник на „Веибо“ напиша дека би било страшно АИ-технологијата (вештачката интелигенција) да служи за измами бидејќи криминалците може да ја користат за да мамат жртви за пари.
Видеогенераторот напојуван со вештачка интелигенција (алатка за генерирање видеа) им овозможува на корисниците да креираат видео со говорење – над 300 гласа на повеќе од 40 јазици – користејќи над 100 АИ-аватари од разни етнички групи, возраст, пози и облека.
Технологија како оваа предизвика загриженост за криминални примени на вештачката интелигенција. Оваа година измамник во северна Кина употребил лажна технологија за да убеди еден човек да му префрли пари на наводен пријател.
Измамникот користел технологија за замена на лица напојувана со вештачка интелигенција за да имитира пријател на жртвата во видеоповик. Човекот на крајот му префрлил приближно 4,3 милиони јуани.
Во јануари Кина воведе нови правила, кои бараат од бизнисите што нудат лажни услуги да ги добијат вистинските идентитети на своите корисници.
Според новите правила, секоја лажна содржина мора да биде соодветно означена за да се избегне забуна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Кога помошта станува притисок: Грешки што родителите често не ги забележуваат
Спротивно на популарното верување, односите со возрасни деца најчесто не се оштетени од грубост или занемарување. Многу почеста причина е прекумерната вклученост – постојаната потреба за помош, советување и надзор, дури и кога тоа не е потребно.
Психологот и терапевт Џефри Бернштајн предупредува дека таквото однесување често произлегува од љубовта и стравот од губење на блискоста, но може да има спротивен ефект. Наместо да ги зајакнува односите, прекумерната грижа може да ја поткопа почитта и да ги оддалечи децата.
Еве три модели кои се особено проблематични:
Претерување со размислување
Кога родителот постојано ги замислува најлошите сценарија, дали детето ќе се справи, дали ќе направи грешки, дали некогаш ќе стане независно, оваа вознемиреност се чувствува во комуникацијата. Децата тогаш не слушаат поддршка, туку недоверба. Наместо блискост, се појавува притисок.
Реакција на неизвесност
Кога возрасно дете ја доведува во прашање својата работа, врска или финансии, природно е да сака да понуди решение. Сепак, постојаното утешување и давање совети што никој не ги побарал може да изгледа како наредба. Ова го ослабува чувството на детето за компетентност и способност само да решава проблеми.
Повлекување
Ако секоја ситуација се претвори во заедничка криза, врската постепено ја губи својата рамнотежа. Детето може однадвор да се согласи да помогне, но внатрешно да почне да се дистанцира. Дел од родителската улога е и правење чекор назад – дозволувајќи му на возрасното дете да прави грешки, да учи и да ги сноси последиците од сопствените одлуки.
фото/Depositphotos
Забава
Вечер посветена на Тоше Проески во Битола: „Засекогаш во срцата“ по осми пат
Убаво е кога имаме некого со кого можеме да се гордееме. Некого за кого секогаш ќе кажеме тој беше наш. Тоше Проески остави многу повеќе од песни. Остави спомени, емоции и моменти што со години живеат во животите на луѓето од сите генерации.
На 05 март 2026 година, по осми пат, во Центарот за култура – Битола, ќе се одржи концертот „Засекогаш во срцата“, посветен на музиката и наследството на Тоше Проески. Настанот со години прерасна во препознатлива традиција и еден од најемотивните музички проекти во Битола, кој секоја година обединува публика од различни генерации.
Концертот се реализира во организација на Оркестар DIVA, во соработка со Центар за култура Битола. Оркестар DIVA со години е носител на овој проект, градејќи внимателно осмислена концертна целина која со почит и достоинство му пристапува на музичкото наследство на Тоше Проески.
Годинава, на сцената ќе настапат: Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Бојан Стојков, Јасна Димитровска, Марија Митровска, Марија Јаковлеска и Алексеј Ивановски изведувачи кои ќе ѝ дадат свој личен печат на музиката што одамна е дел од колективната меморија. Музичките аранжмани се прилагодени од Владимир Димовски, со цел песните да добијат нов оркестарски израз, задржувајќи ја нивната препознатлива емоција и суштина.
„Засекогаш во срцата“ е вечер во која публиката заедно пее, се потсетува и ја чувствува музиката што сите нè поврзува.
Концертот ќе се одржи на 05.03.2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Центар за култура – Битола. Билетите се во продажба по цена од 500 денари, преку платформата yournextevent.info и на продажното место Тобако Димпо во Битола.
А публиката во Битола по осми пат ќе се собере на едно место за да го каже истото: Ти благодариме, Тоше.
Забава
(Видео) Деловниот стил добива нова димензија, Меланија Трамп носи совршено одело
Првата дама на Америка, Меланија Трамп, присуствуваше на претседателскиот говор на Доналд Трамп, а поддршка му дадоа и сите негови деца. Како што обично е случај кога Меланија е во близина, сите очи се вперени во неа и нејзиното модно издание.
Меланија избра костум од модната куќа „Долче и Габана“ за овој важен настан во претседателскиот мандат на Доналд Трамп.
Првата дама избра вистински деловен стил за оваа единствена пригода, но со допир на вечна елеганција. Совршено скроен костум во потемна нијанса беше нејзин избор, а го комбинираше со бела кошула, едноставен црн појас и високи чевли.
Нејзината препознатлива фризура и шминка повторно беа тука, а Меланија цело време стоеше покрај својот син Барон и не ја симна насмевката од лицето.
За време на самиот говор, таму беа и останатите деца на Трамп, Иванка, Ерик, Тифани и Доналд Трамп помладиот. Сите стоеја заедно и покажаа дека семејството и добрите односи се пред сè кога станува збор за нив.
Ова беше уште една модна задача што Меланија ја заврши без многу проблеми и ја зацврсти својата позиција на листата на најдобро облечени жени во светот.

