Забава
(Видео) Тамара Тодевска со емоционална преработка на стариот евергрин – „Време за плачење“
Некои песни се безвременски… Остануваат засекогаш, како сведоци на времето во кое се создадени, носејќи во себе универзална порака за сите времиња. Најмногу кога душата искината на парчиња непреболно тагува. Тогаш кога емоциите го надвладуваат разумот, кога болката го гушнала траорот, а молкот царува во прегратките на тишината, тогаш веројатно најсилно одекнува песната која во себе носи стихови кои имаат само едно значење… „Време (е) за плачење“.
Ако оригиналната латино верзија на овој безвременски макфестовски евергрин го направи своето во таа 1992 година кога во изведба на Игор Џамбазов ја разбранува не само музичката јавност, денес ја добивме нејзината кавер верзија во една сосема поинаква форма. И музичка и аранжманска и изведбена, онака како што само Тамара Тодевска знае и умее вокално да ја донесе и испее, а Роберт Билбилов аранжмански и продукциски спакува.
„Време за плачење“ како симболика на мигот во кој се најдовме, во времето кое и после толку години никако да покаже каде (по)греши(в)ме, за најскапата цена се’ уште да ја плаќаме.
Овојпат, песната добива сосема поинаков сензибилитет преку аранжманот на Роберт Билбилов, кој како долгогодишен соработник и пријател на Тамара, со сенс за чувствителност и почит кон оригиналот, успева на песната да ѝ даде нова емоционална и аранжманска нота. Онаква, која совршено се впива во амбиентот на времето и деновите кои денес ги живееме, „Време за плачење“.
Нова верзија на старата латино тема трансформирана во клавирска анплагд балада, во која маестралната изведба на Тамара со сета нејзина вокална експресија и вдахнува нова душа на песната, изведба која во исто време и ја кине душата на парчиња, навирајќи ви солзи на очите додека ја слушате. Со автентична емоција и зрелост во изразот, со чувство кое ви предизвикува грутка во грлото и оловна тежина во градите, пренесувајќи ја нејзината безвременска порака за љубов, болка и лекување.
„Преку оваа песна им оддаваме почит на емоциите што ги носиме во себе, без разлика на времето што минува“ – како што вели Тамара.
Музиката и текстот на оригиналот на песната се дело на Томислав Которчевиќ, а новата верзија е издадена преку светски познатата музичка етикета Cafe De Anatolia, носејќи ја приказната на “Време за плачење” пред новите генерации слушатели.
Визуелниот идентитет на проектот е заокружен со впечатлив cover art изработен од Љубан Стамениќ, додека едноставното но, мошне ефектно црно-бело видео, кое дополнително ја пренесува емоционалната изведба на песната, е во режија на Зоран Зонде Стојановски.
Новата верзија на “Време за плачење” е достапна на сите дигитални платформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Фото) Пет бои за ѕидови кои веднаш го трансформираат и наједноставниот простор во скап дом
Изборот на вистинската нијанса при уредувањето на вашиот дом може да го направи да изгледа поелегантно, потопло и поскапо без да потрошите многу пари. Ако сакате луксуз и софистицираност, изберете бои што зрачат со длабочина, префинетост и безвременски шарм.
1. Длабоко смарагдно зелена
Оваа богата, темна нијанса на зелена веднаш потсетува на луксузни ентериери и хотели. Смарагдно зелената е моќна, но сепак смирувачка, и изгледа особено убаво кога се комбинира со златни акценти и темно дрво.
2. Темно сина (navy blue)
Темно сината додава сериозност и софистицираност на ѕидовите, правејќи го просторот елегантен. Идеална е за дневни соби или спални соби, бидејќи создава чувство на длабочина и луксуз без да биде премногу драматична.
3. Топла сива со беж нијанси (greige)
Ова е совршен избор за оние кои сакаат неутрални тонови, но сакаат поголема софистицираност. Оваа боја изгледа многу елегантно, лесно се комбинира со различни стилови и му дава на просторот исклучително софистициран изглед.
4. Темно чоколадно кафеава
Длабоко кафеавата нијанса внесува топлина и луксуз во секој простор, особено кога се комбинира со кадифени текстури и топли светилки. Иако е темна, не делува тешка, туку многу елегантна и отмена.
5. Пригушена бордо или вино боја
Бордо тоновите зрачат со елеганција и класика, а на ѕидовите им даваат драматичен, но софистициран карактер. Оваа боја совршено функционира во простори каде што сакате да создадете чувство на интимност, луксуз и уникатност.
Со правилен избор на боја, дури и наједноставниот простор може веднаш да добие луксузен и гламурозен допир, без поголеми интервенции и со максимален ефект.
Забава
(Фото) Најголемата слава ѝ донесе и најголеми проблеми: „Плачев без престан“
Поранешната членка на „Спајс Грлс“, Мел Си, денес воодушевува со изгледот, но малкумина се сеќаваат на проблемите со кои се бореше на почетокот на нејзината кариера и додека беше во популарниот бенд.
Во едно интервју, Мел Си детално зборуваше за нарушувањето во исхраната со кое се бореше, а откри и дека нејзините колешки од бендот во тоа време, вклучувајќи ја и Викторија Бекам, ѝ понудиле помош, која таа секогаш ја одбивала.
„Вежбав сè повеќе и повеќе, а јадев сè помалку и помалку. Станував сè помала и помала. Беше физички видливо, многу забележливо. Моите колешки се обидуваа да разговараат со мене, но не сакав да слушам“, изјави таа за The Times of London.
Нејзината состојба најмногу се влоши кога остана сама, а пресвртницата дојде кога забремени пред 16 години.
„Се враќав дома и бев сама. Не можев да станам од кревет, плачев цело време. Почнав да се прејадувам, но во тоа време не разбирав за што станува збор. Бременоста сè ми промени, тоа беше прв пат да бидам горда на моето тело“, беше искрена Мел.
Мел Си сега има 52 години и сите нејзини проблеми се зад неа. Таа живее сосема поинаков начин на живот и никогаш не сакала јавно да ја разоткрие својата ќерка бидејќи се плашела од последиците што славата може да ги има врз неа.
Забава
Најубавата манекенка повторно е соло: Раскина со каубојот по две години врска
Иако се чинеше дека нивната љубовна приказна ќе трае, моделот Бела Хадид е повторно сингл. Таа ја заврши врската со професионалниот јавач Адан Бануелос, со кого беше во врска две години, а извор за Entertainment Tonight изјави дека се обидува да остане позитивна и да не размислува постојано за раскинувањето.
Шпекулациите за нивната романса се појавија на есен 2023 година, со тврдења дека се во врска долго време, а откако ја потврдија својата љубов, повеќе не се разделија.
Во октомври 2023 година, тие беа фотографирани како разменуваат нежности во Тексас, што потврди дека нивната љубов станува се посериозна. И двајцата имаат љубов кон јавањето и коњите, и се појавија заедно на бројни настани.
Во декември минатата година, тие присуствуваа на настан во Далас како вљубен пар, кога Бела го промовираше својот парфем.
Минатиот октомври, тие ја прославија својата годишнина и роденденот на Бела, кога Адан објави неколку нивни заеднички фотографии со емотивна порака: „Октомври стана посебен месец. Те сакам, душо. Ќе продолжам да те потсетувам секој ден колку…“.
Како што еднаш манекенката изјави за британскиот Вог минатата година, тие се запознале откако таа се преселила во Тексас, каде што нејзината мајка Јоланда и очувот граделе куќа. Одлуката за преселба дошла по нејзината борба со хронична болест, а кога Адан влегол во нејзиниот живот, сè почнало да се подобрува.
„Бев со мојот очув на ранчот. Отидовме на јавање и почнав да се чувствувам малку подобро, но сè уште ме мачеа сите мои работи. А следниот ден го запознав моето момче“, рекла таа, откривајќи дека тој дури и не знаел кој е таа, што ја изненадило позитивно и изгледало освежувачки.

