Забава
Гласањето е почнато, а кој всушност стои зад манифестацијата „Сајт на годината“?
Гласањето е веќе во тек на www.sajtnagodinata.mk и ќе трае до 4 март, а прогласувањето на победниците во сите категории е на 6 март.
Изборот „Сајт на годината 2021“ се одвива во текот на февруари 2022 година. До пред неколку дена беше активно номинирањето интернет-страници, а сега се гласа за најдобра интернет-страница во дваесетина категории.
Во исчекување на годинешното прогласување на победниците направивме интервју со организаторот на манифестацијата, дигиталната маркетинг-агенција „Медија солутионс“, поточно со Љупчо Ангелов, менаџер на социјални медиуми во „Медија солутионс“.
Кој стои зад изборот Сајт на годината?
Организатор на изборот на Сајт на годината веќе 12 години е дигиталната маркетинг агенција Медиа Солутионс, а зад изборот стојат стотици сајтови кои го збогатиле интернет просторот во Македонија, и илјадници интернет посетители, консументи на содржини и нивни креатори од многу различни аспекти, кои придонеле кон квалитетот на сајтовите и кои гласале низ годините да ги изберат најдобрите.

Која беше идејата за правење на една ваква манифестација и дали сајтовите се стимулирани да учествуваат во изборот? Престиж ли е да се добие титулата Сајт на Годината?
Идејата за организирање на ваква манифестација произлезе од основачите на Медиа Солутионс. Бидејќи Медиа Солутионс е дигитална агенција, таа може да функционира во полн капацитет само во услови на добро развиен интернет простор во Македонија, и добро развиен интернет маркетинг. Целта на оваа манифестација беше преку наградување на најдобрите позитивно да се влијае врз развојот на македонскиот дел од интернетот, и да се подигне на повисоко ниво.
Кои се критериумите за избор и кој се може да учествува? Како оди целиот избор?
Секоја веб страна е уникатна во изгледот, но тоа не е пресудниот елемент. Веб страната треба да е брза и оптимизирана. Навигацијата низ неа треба да биде интуитивна и лесна. Оригиналноста игра огромна улога како и користењето на нови технологии за нејзината изработка. Содржината треба да е корисна и писмена. Што повеќе од овие елементи се опфатени толку страната подобро котира.
Дали се бројат само гласовите од публиката или имате жири комисија?
Даваме ексклузивното право на публиката и посетителите. Сепак тие се оние кои го гледаат и користат финалниот изглед на веб страните. Од секогаш корисниците се најдобриот репер за тоа како е дизајниран продуктот, на изглед, но и во однос на неговата функционалност, заштита, оптимизација и безбедност.

Знаете ли колку нови сајтови никнуваат на годишно ниво во Македонија, и може ли да направите споредба како беше пред 12 години и сега?
Бројот на сајтови кои се креираат на дневно или месечно ниво е голем. Со оглед на тоа што претходните две години поради пандемијата скоро сите компании на некаков начин ги префрлија своите бизниси на интернет, бројот на сајтови е драстично зголемен. Зголемен е и затоа што многу поединци кои претходно не се осмелуваа да започнат свој бизнис или проект сега се осмелија да го направат тоа. Сѐ подостапните CMS системи за изработка на страни придонесоа дури и со многу малку искуство и знаење да се направи солидна веб страна. Заклучокот е дека бројот на веб страни рапидно расте, но прашањето е колку од тие страни се изработени професионално и според висок стандард.
Која е најголемата промена на интернет пазарот во Македонија која можете да ја издвоите?
Како што кажав, префрлањето на бизнисот онлајн е важен акцент во последнава година. Новото пандемско секојдневие наметна нови начини на функционирање и го забрза процесот на дигитализација, а со сето тоа се подигна свесноста за онлајн тргување и направи сериозна промена во однесувањето на интернет корисниците, чијшто број во меѓувреме истотака многу се зголеми. Тоа што до пред некоја година беше незамисливо да се купи или бара на интернет, сега е ставено како прв избор. Со самото тоа што децата почнаа онлајн настава се наметна потреба од дигитално описменување од многу рана возраст и тоа не само со игри туку и информатички содржини и едукација.
Секоја година имате нови категории, кои се новите категории оваа година и зошто се одлучивте за нив?
Оваа година воведовме 4 нови категории. Тоа се: Најпопуларна е-атлета – еСпортот како една од најпопуларните нови професии во светот доведе и во Македонија да се појават професионални играчи од светски ранг, Најпопуларен Јутјубер – најактивните креатори на содржини во моментот имаат прегледи повеќе од било кој друг традиционален медиум, Најпопуларен онлајн/хибриден настан – минатите две години се одржаа повеќе настани кои според обемот и големината надминаа настани во живо и Најдобра автоматизирана алатка/чет бот – најновиот тренд на комуникација со клиенти преку чет ботови кои се доведуваат до таква совршеност што корисниците немаат претстава дека разговараат со алгоритам.

Да се навратиме на претходните години, која манифестација ја паметите како нешто посебно, и дали има некои победници кои можете да ги издвоите ( нешто специфично за нив и сл.)
Победник на првиот Сајт на годината во 2010 беше kajgana.com, сајт кој опстојува и се подобрува низ годините. Минатата година, која беше по сите основи нестандардна, година на тешка пандемија, победи сајт кој не е сајт туку Фејсбук група – Ковид19 искуства и совети, која одигра незаменлива улога во првата година од пандемијата, преку здружување, вмрежување и меѓусебна помош на нејзините членови и одреден број на лекари.
Како го гарантирате фер натпреварувањето на оваа манифестација?
Секој корисник мора да гласа со уникатна мејл адреса. Секако дека големината на медиумот има огромна улога во тоа колку корисници ќе гласаат, и лобирањето на сајтовите кај своите читатели да гласаат игра голема улога при освојувањето на местата, вклучително и на најпрестижната награда Сајт на годината 2021.
Какви се плановите за во иднина? Може ли та манифестација да прерасне во престижен настан како Оскари на пример?
Манифестацијата е еден вид оскари за веб сајтови. „Гламурот“, ако може така да се нарече, кој успеавме да го постигнеме пред пандемијата беше на завидно ниво и за многу попопуларни манифестации. Низ текот на годините имавме видни личности кои беа дел од доделувањето. Луѓе како тогашните Претседатели на државата, министри, заменици министри, Претседателот на ИАБ Европа ја поддржаа и препознаа оваа манифестацијата како сериозен акцелератор за подигнување на квалитетот на веб страните и веб културата во Македонија.
И на крајот сакам да ги повикам интернет посетителите од Македонија, кои се денес практично сите граѓани на државата, да го дадат својот глас за своите омилени сајтови и преку тоа да придонесат кон подобар, поубав, поквалитетен, понепристрасен, поедукативен и позабавен интернет во Македонија.
Гласањето е веќе во тек на www.sajtnagodinata.mk и ќе трае до 4-ти март, а прогласувањето на победниците во сите категории е на 6 март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) Нова песна на Сара Мејс – „Не ме сакаш“
Македонската пејачка Сара Мејс го објави новиот сингл „Не ме сакаш“, придружен со видеоспот во кој глуми и познатиот актер Стефан Николовски.
Музиката и текстот се на Сара Мејс, а аранжманот, снимањето, миксот и мастерингот се изработени во JustRBProduction.
Забава
Бела Хадид ја открива тажната реалност на борбата со болест од која страдаат многу познати личности
Манекенката Бела Хадид проговори за тоа како се чувствувала „потрошна“ и „заменлива“ додека работела и се справувала со сериозни здравствени проблеми. Во ново интервју, 28-годишната ѕвезда, која со години се бори со Лајмска болест, отворено зборуваше за тоа низ што поминала физички и емоционално додека ја снимала новата серија и како научила да го става своето здравје на прво место.
Зборувајќи за нејзината улога во новата ТВ серија на Рајан Марфи „The Beauty“, Бела за италијанскиот Vogue изјави што ѝ се случило за време на снимањето.
„Снимањето траеше околу шест месеци и понекогаш имав многу болки, и емоционално и физички“, рече таа. „Снимав половина од тоа време помеѓу третманите за Лајмска болест, па затоа беше физички доста исцрпувачки.“
Моделот додаде дека во исто време се справувала и со некои лични проблеми. „Беше навистина тешко емотивно, но успеав да го насочам тоа во мојата работа и мојата улога. Мислам дека можноста да се изразам на тој начин навистина ме исполни“, објасни таа.
Лајмската болест е бактериска инфекција која се пренесува на луѓето преку крлежи кои ја носат бактеријата. Доколку се дијагностицира рано, полесно е да се лекува, а еден од главните симптоми е осип во облик на прстен околу местото на каснувањето. На Бела ѝ била дијагностицирана болеста во 2012 година и оттогаш отворено зборува за своите борби, објаснувајќи дека „неподносливата болка“ понекогаш ја спречува да прави дури и наједноставни работи.
Нејзината мајка Јоланда и братот Анвар исто така се борат со истата дијагноза, како и бројни други познати личности како Шанаја Твејн, Алек Болдвин и Џастин Тимберлејк. Во септември, нејзината мајка сподели вознемирувачки фотографии од Бела за време на нејзиниот третман. Во 2023 година, Бела напиша на Инстаграм дека зад себе има „15 години невидливо страдање“.
„Живеењето со оваа состојба, која се влоши со текот на времето и работата, додека се обидувам да се направам себеси, моето семејство и луѓето што ме поддржуваат горди, си зема данок на начини што не можам ни да ги објаснам“, напиша таа во тоа време.
Забава
(Фото) Сребрените панталони на Меланија Трамп предизвикаа дебата на интернет: „Несоодветни“
Американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп се појавија на гала вечера во чест на гувернерот во Вашингтон, а нејзиниот моден избор повторно предизвика изненадување. Меланија, која некои во јавноста ја сметаат за модна икона, овој пат беше критикувана за комбинацијата што ја избра.
Melania Trump wearing silver pants and stilettos with a black top at tonight’s governor’s dinner pic.twitter.com/EqAyVjlowF
— Emily Goodin (@Emilylgoodin) February 22, 2026
За вечерата, Меланија носеше сребрени метални панталони од луксузниот бренд Dolce & Gabbana, кои чинеа 2.395 долари (околу 2.000 евра). Ги искомбинираше со црна блуза со долги ракави и машна, исто така од истата модна куќа, која чини 2.245 долари (околу 1.900 евра). Стајлингот го комплетираше со високи потпетици од Christian Louboutin и големи дијамантски обетки.
Дел од публиката ја критикуваше за тоа што не го почитуваше дрескодот „black tie“. Според Vogue, „black tie“ за жени генерално значи вечерни фустани до подот. Токму затоа што не се придржуваше до класичните упатства, брзо почнаа да се појавуваат коментари за Икс.
Не недостасуваа критики: „Го кажав тоа и претходно и ќе го кажам повторно – некој треба да го смени нејзиниот стилист. „Black tie“ не значи дека е подготвена за дискотека“, „Несоодветно за ваков настан“, „Нападно и кичесто – дефинитивно не е „black tie“. Никој од нив нема вкус“, „Изгледа како да оди на пикник. Каква штета“, „Убава е, како и секогаш, но јас сум старомодна и бирам фустани за вакви настани“, се само дел од коментарите.
Сепак, некои луѓе застанаа во нејзина одбрана: „Меланија е единствена. Носи што сака и го сака она што го сака. Не се облекува за да ги импресионира другите, туку за да се изрази себеси. Мислам дека изгледа одлично и тешко е таа да изгледа лошо“, „Ми се допаѓа што избра панталони за вечера. Прекрасни се и знае како да го извлече сè што носи“, „Навистина ми се допаѓа оваа комбинација. Прекрасна е, како и секогаш“, пишуваше во коментарите.

