Забава
Емили Ратајковски го привлече вниманието со фустан кој повеќе открива отколку што крие

Емили Ратајковски присуствуваше на настанот The King’s Trust Global Gala што се одржа во Casa Cipriani во Њујорк, каде што ги привлече погледите со храбар фустан.
Познатата убавица носеше свилен крем фустан со длабоко деколте, кој допираше речиси до нејзиниот папок, а кој ја истакна нејзината витка линија. Фустанот имал и гол грб и бил врзан околу вратот.
The King’s Trust Global Gala е основана од британскиот крал Чарлс III. со цел да им се помогне на младите, а свечениот настан собра многу познати фаци, како моделот Ирина Шајк, актерката Кејт Бекинсејл, славната двојка Криси Тајген и Џон Леџенд, поранешната манекенка Кејт Мос и плус сајз моделот Ешли Греам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Британската монархија во нов проблем: пронајден документ што го зголемува притисокот врз кралот Чарлс

Британскиот крал Џорџ IV лично профитирал од работата на робови на плантажите во Гренада, покажува најновото истражување, што дополнително ја зголемува јавната критика кон монархијата да се соочи со својата улога во времето на ропството.
Дезири Баптист, независен истражувач, пронашла документ од 1823-24 година во Националниот архив во Лондон, кој сведочи за уплата од 1.000 фунти (што денес изнесува околу 103.000 фунти или околу 120.000 евра) од две кралски плантажи во Гренада каде што работеле стотици поробени луѓе.
Парите биле наменети за приватната каса на кралот Џорџ IV и, според Баптист, придонеле за неговиот „раскошен начин на живот“.
Баптист истакнува дека досега никој британски монарх јавно не признал дека Круната поседувала и профитирала од поробени луѓе.
Нејзиното истражување е дел од поширока студија наречена „Робови, сопственост на Неговото Величество: Џорџ IV и Гренада“.
Професорот Едмон Смит од Универзитетот во Манчестер, кој ја води студијата за улогата на кралската фамилија во ропството, изјави дека оваа уплата може да биде „само врвот на ледениот брег“.
Тој заедно со Ник Дрејпер од Универзитетскиот колеџ во Лондон ги потврдиле наодите на Баптист.
Смит додаде дека доказите укажуваат на поширок образец на колонијална експлоатација во потрага по приходи од карипските колонии.
Бакингемската палата не дала коментар на извештајот.
Крал Чарлс претходно изразил жалење поради ропството во говор пред лидерите на Комонвелтот во 2022 година и ја поддржал академската студија за историската улога на монархијата, но засега не ја признал директната вмешаност на Круната во робовласништвото, пренесе Ројтерс.
Забава
Џенифер Лопез и Бен Афлек со нови проблеми по разводот

Џенифер Лопез и Бен Афлек го завршија својот брак минатиот август по две години, но споровите околу имотот сè уште траат.
Поранешната двојка го повлече својот дом во Лос Анџелес вреден 68 милиони долари од продажба откако го финализира разводот.
Џенифер Лопез и Бен Афлек го направија овој потег по неуспехот да ја продадат куќата во Беверли Хилс што ја огласија уште во јуни 2024 година, објавува „Пејџ сикс“.
„Додека се надеваа дека ќе можат да го продадат имотот, во исто време не сакаа да претрпат голема финансиска загуба. Ја намалија цената за да привлечат поголем интерес, а кога тоа не се случи, им беше советувано да го повлечат од пазарот“, рече изворот.
„Тоа беше деловна одлука што ја донесоа заедно“, додаде тој.
Извор од недвижнини изјави за медиумите дека „пазарот во моментов е лош за продавачите, особено за недвижности во тој ценовен опсег“.
„Повлекувањето на понудата сè додека пазарот не стане поповолен за продавачите изгледа како најпаметен потег“, рече истиот извор.
Претставниците на двојката не беа достапни за коментар.
Поп-ѕвездата и актерот ја намалија цената на вилата со 12 спални соби и 24 бањи на 59 милиони долари, пред официјално да ја повлечат од продажба.
Hitech
„Опен АИ“ го претстави „Чат ГПТ 5“, дава поточни одговори за медицината, науката, финансиите

Компанијата „Опен АИ“ денес официјално го претстави својот долгонајавуван модел на вештачка интелигенција „ГПТ-5“, кој сега е достапен бесплатно за сите корисници.
Според компанијата, тоа е нивниот најпаметен, најбрз и најкорисен модел досега, кој дава поточни и порелевантни одговори во области како што се математика, наука, финансии, право и медицина.
„ГПТ-5 е првпат навистина да се чувствувате како да разговарате со експерт за која било тема“, рече извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, на денешната прес-конференција. Тој го спореди овој пробив со моментот кога „Епл“ ги претстави дисплеите со висока густина, чии поединечни пиксели повеќе не можеа да се видат со голо око.
Алтман тврди дека „ГПТ5“ е „најдобриот модел во светот за кодирање“ и пишување, но исто така и за здравствена заштита и долг список на други области.
За разлика од претходните верзии, „ГПТ5“ е претставен како „модел на расудување“, што значи дека користи итеративен пристап кон решавање проблеми – размислување низ повеќе чекори пред да понуди конечен одговор.
Компанијата е толку убедена во супериорноста на новата верзија што го најавува крајот на претходните: „Со доаѓањето на моделот ГПТ-5, ги откажуваме сите наши стари модели“, рече истражувачката Тина Ким за време на презентацијата.
Меѓу проблемите што ГПТ-5 наводно подобро ги решава се долгогодишните проблеми како што се „халуцинации“ – кога моделот измислува непостоечки информации – но и безбедносните ранливости, кои беа особено изразени во неодамнешните истраги како онаа на списанието „Вирд“.
Новиот модел, исто така, воведува можност за избор помеѓу четири предефинирани „личности“: циник, робот, слушател и гик, со цел дополнително прилагодување на стилот на комуникација на корисникот.
Сепак, и покрај помпезните тврдења, Алтман признава дека тие се уште се далеку од крајната цел – вештачка општа интелигенција (АГИ), термин што означува ниво на кое способностите на ВИ би ги надминале човечките.
„Искрено, го мразам терминот АГИ бидејќи секој го користи во различна смисла, но [ГПТ-5] е значаен чекор напред кон модели кои се навистина способни“, рече Алтман.
„Сè уште ни недостасува нешто клучно“.
Исто така, не е јасно дали ГПТ-5 ќе го реши проблемот познат како „Чат ГПТ психоза“, каде што некои корисници пријавиле чувство на губење на контакт со реалноста по долгите сесии за разговор со моделот. Засега, „Опен АИ“ најавува само воведување на „нежни потсетници за паузи“ за време на продолжена употреба.
Како и претходните генерации, ГПТ-5 се потпира на инфраструктура која бара огромни инвестиции и троши огромни количини енергија, што предизвика сè поголеми критики за неговото влијание врз животната средина. И покрај ова, „Опен АИ“ исто така објави два нови јазични модели со „отворена тежина“ претходно оваа недела – gpt-oss-120b и gpt-oss-20b – кои сега сигурно ќе паднат во втор план поради доаѓањето на ГПТ-5.
Компанијата, која започна како непрофитна организација, денес е една од највредните на пазарот. Во среда се појави информација дека „Опен АИ“ е во преговори за продажба на акции во секундарна понуда што би можела да ја процени на дури 500 милијарди долари.