Забава
Истражување: Врската меѓу парите и среќата е комплицирана
Парите навлегуваат во секој аспект од нашиот живот, влијаат на тоа каде ќе живееме, каде одиме на училиште, што правиме, што јадеме, меѓу другото. Имањето пари ослободува од справување со прашања како што се несигурност во домувањето или неможност да си дозволиме медицинска нега.
Истражување за врската помеѓу парите и среќата открива дека нивната поврзаност е всушност доста комплицирана. Се чини дека дури и експертите не можат да се согласат за ефектот на парите врз чувството за благосостојба и среќа кај луѓето.

Според едно истражување, парите честопати водат до поголемо ниво на среќа – но не секогаш. Професорот за бизнис-администрација од Харвард, Јон Јахимовиц, објаснува дека главната предност на заработување повеќе пари е тоа што ќе ви даде повеќе можности кога се соочувате со проблеми во вашиот живот – на пример, како да плаќате кирија ако го изгубите работното место.
„Парите не се само начин на кој луѓето можат да си купат среќни моменти, тие се клучна алатка за безбедност, сигурност и стабилност“, објаснува Јахимовиц. „Парите можат да помогнат да се ублажи ударот на лошите времиња, недостигот на пари може да ги направи дури и бенигните работи многу помачни и поболни.“
Не се работи за поголемa куќа или поубав одмор. Финансиската стабилност им помага на луѓето да избегаат од секојдневните проблеми во животот.

Што е прво: пари или среќа? Според професорката по психологија на „Јеил“, Лори Сантос, добивањето работа што ќе ви донесе многу повеќе пари не мора да значи дека ќе бидете многу посреќни. Додека истражувањето покажува дека заработувањето повеќе пари влијае на вашата среќа, тој ефект е многу помал кај големите приходи.
„Всушност, истражувањата покажаа дека среќата доаѓа пред да заработите повеќе пари, а не обратно. Ако имате попозитивен поглед на вашата иднина, поголема е веројатноста да бидете помотивирани на работа и да заработите повеќе пари“, објаснува Сантос.
Иако се чини дека парите се поврзани со среќата на некој начин, тоа не е единствениот фактор што влијае на нашата благосостојба. Ако сакате да го подобрите вашето расположение и да имате попозитивен поглед на животот, можеби е подобар потег да практикувате работи како што се доволно спиење, вежбање или поминување време со луѓето што ги сакате. Потоа, како резултат на тоа, може дури и да заработите малку повеќе пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

