Забава
Кевин Костнер засрамен од однесувањето на отуѓената сопруга
Кевин Костнер бил прилично изненаден кога неговата отуѓена сопруга Кристин заминала на одмор со негов пријател среде бракоразводна постапка, дознава „Радар онлајн“.
Откако се избори за привремена алиментација од 130.000 долари месечно, Кристин Баумгартнер, наскоро поранешна сопруга на холивудскиот актер, отиде на Хаваи со семејниот пријател финансиер Џош Конор.
Според извори запознаени со ситуацијата, ѕвездата на „Јелоустоун“ бил вчудоневиден кога дознал што прави Кристин со еден од неговите најблиски пријатели.

Дизајнерката на чанти, наводно, успеала да го разбесни Кевин со тоа што отишла на одмор во луксузно одморалиште на хавајските острови. „Мачно му е од сето ова. Не знае што да мисли или кому да верува,“ открива друг извор за „Ин-тач викли“.
Дизајнерката и актерот неодамна објавија дека се разведуваат по 18 години брак. Имаат три деца: Кејден (16), Хејс (14) и Грејс (13). Кристин го поднсе барањето, а како причина ги наведе „непомирливите разлики“.

Разделбата веднаш стана комплицирана. Кевин (68) ја обвини Кристин (49) дека ги прекршила условите од нивниот предбрачен договор со тоа што одбива да се исели од неговата куќа во Санта Барбара, вредна 145 милиони долари.
Неколку дена откако судијата нареди Кевин да ѝ плаќа на Кристин 130.000 долари месечна алиментација (1,56 милиони долари годишно) за нивните деца, таа беше фотографирана како го впива сонцето во друштво на Џош.
„Мислам дека тој никогаш не бил толку засрамен,“ рече друг извор, кој открива како се чувствувал Кевин откако ги видел фотографиите на Кристин со Џош.
„Таа му покажува на Кевин дека може да отиде на Хаваи со неговиот главен човек и да се забавува најдобро што може. Таа инсистира дека не бара романса со Џош, но на Кевин му испрати силна порака дека има многу поголема поддршка од нивната група пријатели отколку што тој мисли,“ вели изворот.

Се чини дека потегот е еден вид одмазда за победата што ја извојува Кевин во врска со нивниот предбрачен договор. Имено, судијата нареди таа да ја напушти куќата најдоцна до 31 јули. Камионите за селидба првпат биле забележани четири дена пред истекот на рокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Зошто Брижит Бардо беше толку привлечна? Дел од одговорот е во математиката
Француската актерка и стилска икона Брижид Бардо, која почина на 91-годишна возраст, со децении важеше за една од најпривлечните жени на 20. век. Според некои експерти, дел од таа привлечност може да се објасни и со математиката – поточно со таканаречениот златен пресек.
Лондонскиот естетски хирург д-р Џулијан де Силва наведува дека лицето на Бардо во голема мера одговара на златниот пресек, математички однос (1,618) што уште од античка Грција се користи за опишување склад и убавина. Анализа направена со онлајн алатка, пренесува „Дејли мејл“, покажала дека лицето на Бардо се совпаѓа со правилата на златниот пресек во 81,62 проценти.
Истражувањето ги земало предвид односите меѓу носот, усните и очите, висината на лицето и симетријата. Иако резултатот е висок, според истата анализа, некои денешни ѕвезди имаат уште поголема усогласеност со златниот пресек.
Освен лицето, во нејзината привлечност улога можела да има и русата коса. Истражување на Универзитетот Вестминстер од 2011 година покажало дека мажите почесто им приоѓале на жени со руса коса, во споредба со други бои.
Сепак, според експертите, бројките не можат целосно да го објаснат феноменот Брижит Бардо. Нејзината привлечност, велат, лежела и во комбинацијата на природност и провокативност, како и во харизмата што не може да се измери со формули.
Забава
Би-би-си објави листа од 20 најдобри дестинации за патување во 2026 година
Новинарите на Би-би-си, заедно со експерти за одржлив туризам, објавија листа од 20 најдобри места за патување во 2026 година – дестинации, кои, освен уникатни искуства, го користат туризмот за поддршка на локалните заедници, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство.
На листата се најдоа разни светски региони – од Алжир, Црна Гора и Хебридите во Шкотска, до далечни дестинации како Ишикава во Јапонија, Комодо островите во Индонезија и Улуру во Австралија.
Како една од најдинамичните дестинации се издвојува Абу Даби, каде што во 2026 година се очекуваат значајни културни отворања, меѓу кои Националниот музеј „Зајед“, Природонаучниот музеј „Абу Даби“ и долго најавуваниот „Гугенхајм Абу Даби“.
Меѓу европските избори се најдоа и Гимараеш во Португалија, кој во 2026 година ќе ја носи титулата зелена престолнина на Европа, како и Оулу во Финска, кој ќе биде европска престолнина на културата.
Листата вклучува и дестинации што повикуваат на одговорно патување, како Ишикава во Јапонија, погодена од разорен земјотрес во 2024 година, каде што посетителите директно придонесуваат за обновата на локалните заедници.
Според Би-би-си, заедничко за сите избрани места е тоа што нудат автентични доживувања и можност патувањето да остави позитивен и одржлив траг.
Фото: Žabljak, Montenegro (Pexels)
Забава
Колку дена јадете руска салата? Последиците по здравјето се сериозни, предупредува докторка
За време на празниците се подготвуваат големи количини храна, но важно е да се знае дека несоодветната подготовка и чување може да доведат до сериозни последици по здравјето.
Руска салата, мимоза салата, сарми – се само дел од јадењата што ќе се најдат на новогодишната и божиќната трпеза во домовите.
Меѓутоа, доколку не се внимава, празничната гозба може да предизвика здравствени проблеми.
Како што изјави за „ТВ Прва“ д-р Аурора Белјин, специјалист по микробиологија со паразитологија, многу е важно како храната се подготвува и како се чува, за да не дојде до труење, односно внесување бактерии или вируси во организмот преку храната, пренесува „Б92“.
„Важно е да се одржува хигиената на рацете, облеката во која се подготвува храната, како и на садовите и приборот што се користат. Садовите не треба да имаат оштетувања, бидејќи на такви места можат да се задржат микроорганизми“, изјави Белјин.
Колку дена може да се јаде руска салата?
Таа наведе дека е важно и суровата храна правилно да се чува пред подготовката, за да не дојде до развој на микроорганизми.
„Храната мора добро да се распореди и чува. Суровата храна треба да стои на пониските полици во фрижидерот, бидејќи таму температурата е пониска. Максималната температура во фрижидерот треба да биде 5 степени. На горните полици може да се чува оригинално спакувана храна“, објасни таа.
Особено е важно, кога храната ќе се подготви, да се подели така што иста чинија со салата да не се изнесува и внесува повеќепати, односно истите парчиња храна да не се подгреваат повеќе пати.
„Станува збор главно за салати на база на мајонез. Препораката е тие што побрзо да се оладат и да се поделат во повеќе чинии, за да не се изнесува и враќа една иста во фрижидерот. Периодот на чување е најмногу два до три дена“, изјави д-р Белјин за „Тв Прва“,
Таа додаде дека не се препорачува подгревање на храната во микробранова печка.
„Микробрановата не постигнува еднаква температура во сите делови на храната и тоа е ризично од аспект на бактериите кои имаат тенденција да создаваат спори, а потоа можат да преминат во активна фаза и да лачат токсини што можат да предизвикаат сериозни тегоби“, истакна таа.
Д-р Белјин наведе кои симптоми можат да се појават при труење со храна и потсети дека е потребна лабораториска проверка за точно да се утврди причината и соодветно да се реагира. Во одредени случаи може да дојде и до хоспитализација, особено кај ризичните групи како што се деца, бремени жени и имунокомпромитирани лица.
Симптомите на труење со храна можат да бидат:
мачнина
повраќање
дијареја
понекогаш покачена телесна температура
Поради сето ова, потребно е да се внимава празниците да не се претворат во борба со здравствени проблеми. Уживајте во славењето и храната, но бидете внимателни.
Фото: Depositphotos

