Забава
Менуваше сопрузи, се бореше со дрогата, а потоа се уништи со ботокс: животниот тобоган на познатата актерка остава без здив
Мелани Грифит е една од најконтроверзните американски актерки, која отсекогаш привлекувала големо внимание во јавноста.
Мелани Грифит е родена на 9 август 1957 година во Њујорк, а кога нејзините родители се развеле, имала само четири години. Мајка ѝ набргу повторно се омажила и имала три сина, со кои Мелани пораснала.
Родена во Њујорк, таа првпат се појави на екранот на 12-годишна возраст.
Мелани досега има играно во повеќе од 50 филма, а може да се пофали со престижната награда „Златен глобус“ и со номинацијата за „Оскар“. Таа ги помина 2000-тите години настапувајќи во телевизиски серии, а во 2003 година го имаше своето деби на Бродвеј во мјузиклот „Чикаго“ по што доби добри критики.
Сепак, нејзиниот приватен живот отсекогаш бил интригантен и интересен за јавноста.
Четири пропаднати брака и проблеми со дрогата
Првпат се омажила кога имала 19 години со Дон Џонсон, но бракот траел само шест месеци. По шест години, таа решила повторно да се омажи, овој пат за Стивен Баер, со кого го доби своето прво дете, синот Александар. Сепак, по пет години, таа стави точка на овој брак.
По ова, таа се препуштила на пороците и почнала да пие и да зема дрога. Подоцна признала дека вкупно трипати била на рехабилитација, а како што рекла – вистинско чудо е што останала жива.
„Никогаш не користев хероин, па мислев дека сум подобра од другите. Но, имаше многу алкохол и кокаин. Огромни количини. Мислев дека само се забавувам“, рекла Мелани еднаш.
По рехабилитацијата, таа се вратила кај својот прв сопруг Дон, а тие повторно се венчале во 1989 година. Во вториот брак ја добија ќерката Дакота, која подоцна стана позната актерка и се прослави во филмот „Педесет нијанси сиво“.
Сепак, тие повторно се разведоа и повторно се смирија. Конечниот крај на нивната љубов беше во 1995 година.
Сите беа изненадени кога Грифит само неколку месеци подоцна влезе во врска со тогаш оженетиот шпански актер Антонио Бандерас. Тој беше во брак со Ана Леза, а набргу потоа се ожени со Мелани. Веќе во 1996 година ја добија ќерката Стела.

Иако изгледаше како конечно да ја најде среќата, проблемот со пороците продолжи, па во 2000 година повторно заврши на рехабилитација.
Парот се обиде да го спаси бракот, но во 2014 година официјално се разведоа. Медиумите го нарекоа еден од најскапите разводи, станува збор за дури 50 милиони долари, колку што изнесуваше вредноста на имотот што требаше да го поделат.
Иако остана во добри односи со Бандерас, имаше шпекулации дека нему му била непријатна нејзината опсесија со пластични операции, како и дека ѝ бил неверен. По Мелани, тој се ожени со 20 години помладата Никол Кимпел.
Прекумерни естетски корекции
Иако беше една од најубавите актерки во Холивуд, естетските операции на кои се подложи ѝ предизвикаа последици.
Веќе на 40 години ја направи првата пластична операција и целосно го трансформира својот изглед. Промената на нејзиниот изглед влијаеше и на немањето актерски ангажмани.
„Не бев свесна за ништо додека не слушнав како луѓето велат: Боже, што направи таа од себе?“
„Бев толку повредена што отидов кај друг лекар, кој се обиде да поправи сѐ што беше претерано на моето лице“, рекла Мелани еднаш.
Двапати била болна и го победила ракот
Во 2009 година на Мелани ѝ беше дијагностициран рак на кожата, кој потоа беше отстранет со операција. Осум години подоцна, ракот повторно се врати. Мелани Грифит повторно успеа да го победи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
По олимпиското злато, пирсингот на Алиса Лиу станува опасен вирален тренд
Откако американската уметничка лизгачка Алиса Лиу го освои златниот медал на Зимските олимписки игри во Милано, стоматолозите предупредија за здравствените ризици поврзани со виралниот тренд што таа ненамерно го започна. 20-годишната Лиу привлече внимание и со својот пирсинг, кој многумина почнаа да го копираат.
Лиу го освои златото во поединечна конкуренција на 19 февруари, откако претходно славеше во тимска конкуренција. Таа стана првата Американка што освои поединечен олимписки златен медал во уметничко лизгање за 24 години и првата медалистка за Соединетите Американски Држави во оваа дисциплина од 2006 година.
Додека медиумите известуваа за нејзиниот медал, на социјалните мрежи кружеа видеа на кои се гледаше сребрен накит над нејзините заби. Станува збор за таканаречен „смајли“ пирсинг, кој се поставува во тенката кожа што ја поврзува горната усна со непцата и е видлив само кога лицето се насмевнува широко.
Интересот се зголеми уште повеќе кога Лиу во јануари за NBC изјави дека самата го направила пирсингот, со помош на нејзината сестра. „Го направив тоа пред повеќе од две години. Сестра ми ми ја држеше усната, а јас само ја зедов иглата и ја ставив низ неа“, рече таа.
Стоматолозите сега предупредуваат дека ваквите процедури не треба да се прават дома. Американското стоматолошко здружение (ADA) истакнува дека оралниот пирсинг носи голем број ризици бидејќи устата е дом на голем број бактерии.
„Устата е дом на милиони бактерии, поради што инфекциите и отокот се чести. Отекувањето на јазикот или усните може да биде толку силно што го отежнува дишењето, а постои и ризик од задушување ако дел од накитот се откине“, според упатствата од MouthHealthy, организација која работи во соработка со ADA.
Стоматолозите, исто така, предупредуваат за можноста за оштетување на забите при гризење на накитот и трајно оштетување на непцата поради постојано триење. Можни се и компликации како што се крварење, лузни, враснат накит што бара хируршко отстранување и дренажа на раната.
„Најдобро е да размислите за отстранување на накитот пред да стане проблем. Оралниот пирсинг бара постојана грижа и одржување. Консултирајте се со вашиот стоматолог за совет“, велат тие.
фото/ЕПА
Забава
(Видео) Која е убавицата во црвениот фустан што привлече внимание на доделувањето на БАФТА наградите?
Маура Хигинс беше ѕвездата на црвениот тепих на доделувањето на наградите БАФТА, а нејзиниот драматичен црвен фустан стана главна тема на разговор на социјалните мрежи.
Во тесен црвен сатенски фустан со долг црн дел што се влече, ријалити ѕвездата беше една од највпечатливите на престижната церемонија.
Која е Маура Хигинс?
Маура Хигинс е 35-годишна ријалити ѕвезда која се здоби со слава во 2019 година како финалист во популарното британско шоу „Love Island“.
Моментално може да се види во ријалити шоуто „The Traitors“. Таа се појави на настанот во Кралската фестивалска сала заедно со голем број познати актери.
За оваа пригода, таа избра фустан украсен со црни монистра, а комбинацијата ја заокружи со црни проѕирни ракавици. Фустанот беше доволен сам по себе, па не претеруваше со накит. Косата ја собра во елегантна пунџа, а шминката ѝ беше воздржана и поприродна.
Иако таа вечер не беше меѓу номинираните, Хигинс неодамна го имаше своето актерско деби во ирската комедија „The Spin“.
Според „Дејли меил“, иако има само неколку реплики во филмот, нејзиното пристигнување на црвениот тепих наводно ги импресионирало филмските инсајдери и „големите холивудски шефови“. Велат дека многумина прашале за нејзините планови во филмската индустрија.
Забава
Петнаесет минути во Лувр: Фотографија од апсењето на Ендру осамна покрај Мона Лиза
Петнаесет минути Мона Лиза и Милоската Венера имаа нов сосед, Ендру Маунтбатен-Виндзор. Активистите закачија фотографија од апсењето на поранешниот британски принц во музејот Лувр во Париз за да покажат „како светот ќе го памети“, пишува „Евроњуз“.
Британската антимилијардерска група „Сите го мразат Елон“ објави фотографија вчера на ѕидот на познат француски музеј, со натпис „Сега се поти“. Тоа е референца на катастрофалното интервју за „Њузнајт“ од 2019 година со Емили Мејтлис, во кое поранешниот принц тврдеше дека не може да се поти и затоа ја обвини жртвата Вирџинија Џуфре дека лаже кога вели оти го видела испотен во ноќен клуб.
Џуфре, која изврши самоубиство минатата година, го обвини Маунтбатен-Виндзор дека имал сексуални односи со неа кога таа била малолетничка, со која тргувал педофилскиот финансиер Џефри Епштајн.
View this post on Instagram
Фотографијата го прикажува Маунтбатен-Виндзор на задното седиште на „рејнџ ровер“ откако ја напуштил полициската станица во Норфолк. Тој помина 11 часа во притвор таму откако беше уапсен во четвртокот под сомнение за злоупотреба на службената должност. Тоа беше прво апсење на висок член на британското кралско семејство од апсењето на кралот Чарлс I во 1647 година.
Групата „Сите го мразат Елон“ сподели видео на Инстаграм од своите членови кои ја прикачија фотографијата, со опис: „Велат ‘закачете го во Лувр’. Така и направивме“.
„Мислевме дека ќе му покажеме на поранешниот принц Ендру како светот ќе го памети со објавување на оваа иконска фотографија од неговото апсење во Лувр“, изјави групата за Ројтерс. „Да се надеваме дека ова е само почеток. Правда за сите жртви на Епстин“.
Персоналот на Лувр ја отстрани фотографијата 15 минути подоцна.
Маунтбатен-Виндзор беше уапсен откако американската влада објави милиони документи поврзани со Епстин. Меѓу нив беа копии од е-пошта што наводно покажуваа дека Маунтбатен-Виндзор споделувал класифицирани информации со Епстин додека работел како британски трговски претставник. Маунтбатен-Виндзор продолжува да негира какво било кривично дело.
Поранешниот војвода од Јорк останува осми во редот за наследување на тронот, а минатата недела беше објавено дека владата на Сер Кир Стармер разгледува закон за отстранување на Ендру од редот на наследници, со што ќе се спречи тој некогаш да стане крал.

