Забава
Наградени најдобрите транспарент и фотографија од „Визер – Скопски маратон“
Вчеравечер во хотелот „Парк и спа“ се одржа завршната манифестација на „Визер -Скопски маратон“, на која присуствуваа сите партнери и учесници на овој спортски настан.
Сојузот на спортовите на град Скопје, кој е организатор на овој спортски настан, уште еднаш потврди дека за целокупната успешност се заслужни учесниците, покровителите, поддржувачите, спонзорите и соработниците.
На вчерашната свечена церемонија беа доделени наградите за најдобрите тимови на полумаратонот, најдобрите тимови на трката од 5 км и најдобрите тимови на штафетен маратон. Клучен дел од маратонот беа и навивачите кои правеа фотографии и кои излегоа на улиците со транспаренти да ги бодрат учесниците. На најдобрите, најинтересните и најзабавните им беа доделени наградите за најдобар транспарент и најдобра фотографија.
На свечената церемонија беа додели награди за најдобрите женски тимови во полумаратон, и тоа „прво место за NRC – Nike Running Club Скопје, второ место за Атлантик група“ и трето место за „Делта“. Во машка категорија АК „Работнички“ освои прво место, втори беа „NRC Скопје“ и „Делта“ доби трето место. Најдобри 3 тима на трката од 5 км од жените беа Nike+Run Club Belgrade, „Телеком“ и „Алкалоид – Здравјето пред сѐ“ од вкупно 159 женски тима. Најдобрите машки тимови „NRC Скопје“, Nike Running Club Belgrade и „Делта3 беа наградени како најбрзи од вкупно 164-те машки тима. Од женските тимови на штафетниот маратон најдобри беа „Стара МО“, ОК „Златоврв“ и ФЕИТ, а најдобри од машките тимови беа АРМ, ОК „Златоврв“ и „Сеавус“. Свечена награда беше доделена и на најмасовниот тим со 306 пријавени, Johnson Matthey.

Најдобар транспарент
Првото место за најдобар транспарент му припадна на Ѓорѓи Филиповски, а второто место го делат Љубомир Стојчески и Методија Бунтевски. За најдобра фотографија прво место зеде Борче Поповски, второ Орце Поповски и трето место Анета Цветкова. Тие добија вредносни награди од „Визер“ и „Ри спорт“ и од организаторите на маратонот.
Тенденцијата на зголемување на популарноста на „Визер – Скопски маратон“ продолжува. Оваа година на улиците во Скопје трчаа 10.500 учесници, а значајноста на овој развој зависи од самата организација што Сојузот на спортовите на Скопје и тимот на „Визер – Скопски маратон“ ја надминуваат од година на година како со бројките на учесници така и со самите трки што се одржуваат.

Најдобра фотографија
„При секоја спортска манифестација, како ‘Визер – Скопски маратон’, „Авицена – женска трка“ и „Скопје трча 10 км“, воведуваме новитети кои имаат цел да го подобрат самиот настан. Оваа година се одржа и традиционалната хуманитарна „Паста парти“, на која беа собрани 84.600 денари за ‘Проект среќа’ и акцијата ‘Здраво шампиони’. Еден од главните аспекти оваа година беше и промоторката, светска рекордерка во маратон, Пола Редклиф. Нејзиното позитивно искуство во Скопје ја поттикна и да трча на трката од 5 км, при што таа застана пред самиот финиш и ги бодреше тие што ја поминуваа последната линија“, порача Кире Синадиновски, директор на „Визер – Скопски маратон“.
„Приказната и напредокот на ‘Визер – Скопски маратон’ се неостварливи без покровителите, како Град Скопје, Делегација на ЕУ во Скопје, Агенцијата за млади и спорт, партнерите, поддржувачите и, најважно, учесниците“, истакна Ѓорги Кузмановски, претседател на Сојузот на спортовите на Скопје.
„Визер – Скопски маратон“ ги повикува заинтересираните во овој спорт да се подготвуваат уште од сега затоа што сезоната на трчање повторно ќе биде отворена во октомври со „Скопје трча 10 км“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
По олимпиското злато, пирсингот на Алиса Лиу станува опасен вирален тренд
Откако американската уметничка лизгачка Алиса Лиу го освои златниот медал на Зимските олимписки игри во Милано, стоматолозите предупредија за здравствените ризици поврзани со виралниот тренд што таа ненамерно го започна. 20-годишната Лиу привлече внимание и со својот пирсинг, кој многумина почнаа да го копираат.
Лиу го освои златото во поединечна конкуренција на 19 февруари, откако претходно славеше во тимска конкуренција. Таа стана првата Американка што освои поединечен олимписки златен медал во уметничко лизгање за 24 години и првата медалистка за Соединетите Американски Држави во оваа дисциплина од 2006 година.
Додека медиумите известуваа за нејзиниот медал, на социјалните мрежи кружеа видеа на кои се гледаше сребрен накит над нејзините заби. Станува збор за таканаречен „смајли“ пирсинг, кој се поставува во тенката кожа што ја поврзува горната усна со непцата и е видлив само кога лицето се насмевнува широко.
Интересот се зголеми уште повеќе кога Лиу во јануари за NBC изјави дека самата го направила пирсингот, со помош на нејзината сестра. „Го направив тоа пред повеќе од две години. Сестра ми ми ја држеше усната, а јас само ја зедов иглата и ја ставив низ неа“, рече таа.
Стоматолозите сега предупредуваат дека ваквите процедури не треба да се прават дома. Американското стоматолошко здружение (ADA) истакнува дека оралниот пирсинг носи голем број ризици бидејќи устата е дом на голем број бактерии.
„Устата е дом на милиони бактерии, поради што инфекциите и отокот се чести. Отекувањето на јазикот или усните може да биде толку силно што го отежнува дишењето, а постои и ризик од задушување ако дел од накитот се откине“, според упатствата од MouthHealthy, организација која работи во соработка со ADA.
Стоматолозите, исто така, предупредуваат за можноста за оштетување на забите при гризење на накитот и трајно оштетување на непцата поради постојано триење. Можни се и компликации како што се крварење, лузни, враснат накит што бара хируршко отстранување и дренажа на раната.
„Најдобро е да размислите за отстранување на накитот пред да стане проблем. Оралниот пирсинг бара постојана грижа и одржување. Консултирајте се со вашиот стоматолог за совет“, велат тие.
фото/ЕПА
Забава
(Видео) Која е убавицата во црвениот фустан што привлече внимание на доделувањето на БАФТА наградите?
Маура Хигинс беше ѕвездата на црвениот тепих на доделувањето на наградите БАФТА, а нејзиниот драматичен црвен фустан стана главна тема на разговор на социјалните мрежи.
Во тесен црвен сатенски фустан со долг црн дел што се влече, ријалити ѕвездата беше една од највпечатливите на престижната церемонија.
Која е Маура Хигинс?
Маура Хигинс е 35-годишна ријалити ѕвезда која се здоби со слава во 2019 година како финалист во популарното британско шоу „Love Island“.
Моментално може да се види во ријалити шоуто „The Traitors“. Таа се појави на настанот во Кралската фестивалска сала заедно со голем број познати актери.
За оваа пригода, таа избра фустан украсен со црни монистра, а комбинацијата ја заокружи со црни проѕирни ракавици. Фустанот беше доволен сам по себе, па не претеруваше со накит. Косата ја собра во елегантна пунџа, а шминката ѝ беше воздржана и поприродна.
Иако таа вечер не беше меѓу номинираните, Хигинс неодамна го имаше своето актерско деби во ирската комедија „The Spin“.
Според „Дејли меил“, иако има само неколку реплики во филмот, нејзиното пристигнување на црвениот тепих наводно ги импресионирало филмските инсајдери и „големите холивудски шефови“. Велат дека многумина прашале за нејзините планови во филмската индустрија.
Забава
Петнаесет минути во Лувр: Фотографија од апсењето на Ендру осамна покрај Мона Лиза
Петнаесет минути Мона Лиза и Милоската Венера имаа нов сосед, Ендру Маунтбатен-Виндзор. Активистите закачија фотографија од апсењето на поранешниот британски принц во музејот Лувр во Париз за да покажат „како светот ќе го памети“, пишува „Евроњуз“.
Британската антимилијардерска група „Сите го мразат Елон“ објави фотографија вчера на ѕидот на познат француски музеј, со натпис „Сега се поти“. Тоа е референца на катастрофалното интервју за „Њузнајт“ од 2019 година со Емили Мејтлис, во кое поранешниот принц тврдеше дека не може да се поти и затоа ја обвини жртвата Вирџинија Џуфре дека лаже кога вели оти го видела испотен во ноќен клуб.
Џуфре, која изврши самоубиство минатата година, го обвини Маунтбатен-Виндзор дека имал сексуални односи со неа кога таа била малолетничка, со која тргувал педофилскиот финансиер Џефри Епштајн.
View this post on Instagram
Фотографијата го прикажува Маунтбатен-Виндзор на задното седиште на „рејнџ ровер“ откако ја напуштил полициската станица во Норфолк. Тој помина 11 часа во притвор таму откако беше уапсен во четвртокот под сомнение за злоупотреба на службената должност. Тоа беше прво апсење на висок член на британското кралско семејство од апсењето на кралот Чарлс I во 1647 година.
Групата „Сите го мразат Елон“ сподели видео на Инстаграм од своите членови кои ја прикачија фотографијата, со опис: „Велат ‘закачете го во Лувр’. Така и направивме“.
„Мислевме дека ќе му покажеме на поранешниот принц Ендру како светот ќе го памети со објавување на оваа иконска фотографија од неговото апсење во Лувр“, изјави групата за Ројтерс. „Да се надеваме дека ова е само почеток. Правда за сите жртви на Епстин“.
Персоналот на Лувр ја отстрани фотографијата 15 минути подоцна.
Маунтбатен-Виндзор беше уапсен откако американската влада објави милиони документи поврзани со Епстин. Меѓу нив беа копии од е-пошта што наводно покажуваа дека Маунтбатен-Виндзор споделувал класифицирани информации со Епстин додека работел како британски трговски претставник. Маунтбатен-Виндзор продолжува да негира какво било кривично дело.
Поранешниот војвода од Јорк останува осми во редот за наследување на тронот, а минатата недела беше објавено дека владата на Сер Кир Стармер разгледува закон за отстранување на Ендру од редот на наследници, со што ќе се спречи тој некогаш да стане крал.

