Забава
Научниците го нарекуваат кинеската Атлантида, заборавениот подводен град целосно зачуван
Потопен на длабочина од 40 метри, на дното на акумулациското езеро Кијандао во Кина, постои целосно зачуван град кој научниците го нарекуваат кинеска Атлантида. Градот Ши Ченг (Градот на лавовите) се наоѓа на истокот на Кина, пренесува порталот „Индипендент инди 100“.
Повторно беше откриен од кинески истражувачи во 2001 година кога кинеските власти организираа експедиција за да го пронајдат она што остана од изгубената метропола. Утврдено е дека Градот на лавовите е совршено зачуван и по 53 години под вода, а во 2017 година бил отворен за туристи.
Но, каква е историјата на Градот на лавовите и како тој завршил под вода? Се верува дека Ши Ченг бил изграден за време на династијата Хан, помеѓу 25 и 200 година од нашата ера. Некогаш бил политички и економски центар на источната провинција Жеџијанг и во него се наоѓало регионалното седиште на владата.
Ши Ченг, стар повеќе од илјада години, беше потопен кога кинеската влада одлучи да ја заврши хидроелектричната брана на реката Ксин таму во 1959 година, која го поплави античкиот град и заврши под огромно акумулациско езеро. Во исто време раселени се повеќе од 300.000 жители.

Беше заборавен речиси 53 години. Градските ѕидини, за кои се верува дека датираат од 16 век, имале пет влезни порти за разлика од традиционалните четири што ги карактеризирале старите кинески градови. Широките градски улици имаат 265 свода со камени ѕидови врежани со змејови, феникси и лавови.
Но, античкиот град е зачуван како временска капсула од периодот кога бил поплавен. Со оглед на тоа што водата што се користела за потопување не содржела ништо корозивно, градот е зачуван во совршена состојба.
Иако функционирал како град до средината на 20 век, Ши Ченг сè уште не е целосно мапиран.
Денес, нуркачите постепено ги проучуваат секоја зграда, структура, лак и пат за да добијат целосна слика за тоа како изгледал градот.
Туристите и посетителите може да го видат градот како дел од подводни екскурзии, но мора да имаат сертификат за напреден курс за нуркање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Hitech
Шефот на „Гугл“: Вештачката интелигенција е склона кон грешки, корисниците не треба „слепо“ да ѝ веруваат
Корисниците не треба слепо да веруваат на сè што им кажуваат нивните алатки за вештачка интелигенција (АИ), изјави денес за Би-би-си шефот на матичната компанија на „Гугл“, „Алфабет“. Извршниот директор на компанијата, Сундар Пичаи, изјави за британскиот медиум дека моделите на АИ се склони кон грешки и ги повика корисниците да ги користат заедно со други алатки.
Пичаи ја нагласи важноста на богат информациски систем, наместо да се потпираат исклучиво на технологијата на АИ, објави Би-би-си. „Затоа луѓето го користат пребарувањето на „Гугл“, а ние имаме и други производи што обезбедуваат подобри, поточни информации“.
Пичаи, индиско-американскиот шеф на „Алфабет“, рече дека алатките на АИ се корисни ако „сакате да напишете нешто креативно“, но предупреди дека луѓето треба да научат да ги користат овие алатки за „она во што се добри, а не само слепо да веруваат на сè што ќе кажат“.
„Горди сме на трудот вложен во обезбедување на најточни можни информации, но дури и најдобрата технологија на АИ во моментов е склона кон грешки“, нагласи тој.
Пичаи разговараше со Би-Би-Си додека технолошкиот свет со нетрпение очекува нова верзија на комерцијалниот модел на вештачка интелигенција на „Гугл“, „Џемини 3.0“, кој во тековните верзии веќе врати дел од пазарниот удел во битката против ChatGPT.
Неговите коментари се во согласност со истражувањето на Би-би-си спроведено претходно оваа година, кое заклучи дека ботовите со вештачка интелигенција се неточни при производство на резимеа на вести.
Забава
Откриена статуа на Бриџит Џонс во центарот на Лондон
Бриџит Џонс, откачената хероина, им се придружи на Мери Попинс, Хари Потер и други сакани филмски ликови со своја статуа на лондонскиот Лестер Сквер.
Добитничката на Оскар, Рене Зелвегер, која го игра главниот лик во сите четири филмови за Бриџит Џонс, вчера присуствуваше на откривањето на статуатата по повод 25-годишнината од објавувањето на првиот филм „Дневникот на Бриџит Џонс“.
„Доста е лудо. Малку е чудно. Не е нешто што некогаш би го очекувале (…) големо изненадување е“, рече Зелвегер.

Фото:ЕПА
Авторката Хелен Филдинг го создаде ликот на Бриџит Џонс пред повеќе од 30 години за колумна во весник во која детално е опишан љубовниот живот на Бриџит.
Статуата на Бриџит Џонс е дел од филмската патека „Сцени на плоштадот“, полна со скулптури на филмски ликови на плоштадот Лестер каде што се одржуваат многу филмски премиери. Патеката беше отворена во 2020 година и вклучува статуи на Лорел и Харди, како и на Бетмен, меѓу другите.
Ерик Фелнер, претседател на филмската компанија „Воркинг титл“, која ја продуцираше франшизата „Бриџит Џонс“, по најавата дека ќе биде подигната статуа во центарот на Лондон во чест на хероината со исто име, изјави: „Одлично е затоа што Бриџит е вистински лондонски херој, а идејата таа да биде постојано присутна во центарот на Лондон е навистина возбудлива“.
Задоволна, Фелнер се пофали: „Ова е првпат да изберат лик од романтична комедија“.
Забава
(Фото) Прорез на незгодно место откри премногу: oд опуштена мајка до секси заводничка
Џенифер Лоренс, американската актерка која ги остава сите без зборови со своите внимателно одбрани модни креации за црвениот тепих, ниту овој пат не погреши и отиде уште чекор понатаму – се чини дека е во еден од најубавите изданија во нејзината кариера.
Иако приватно е голем љубител на лежерните комбинации и не може да поднесе да биде ограничена од ништо, Џенифер сигурно знае како да одговори на соодветната пригода и да ја воодушеви јавноста со елегантен избор.

На 16-то доделување на наградите „Гувернерс“ во Холивуд, таа буквално блесна во снежно-бел фустан кој максимално ја истакнуваше нејзината фигура и природна убавина, но со кој покажа дека може да биде многу заводлива.
Фустанот е плисиран по целата должина и во исто време создава впечаток на елеганција и лежерност, има спуштени ремени кои лежерно паѓаат преку рацете, но и многу незгоден детаљ на „незгодно“ место што ѝ го дава на креацијата тој интригантен, провокативен момент за барем моментално да одговори на актуелниот тренд на тесни фустани што долго време владее на сцената.

Станува збор за совршено направена комбинација од горниот и долниот дел, кои се преплетуваат во висина на бутовите и ги откриваат голите, витки нозе на прекрасната Џенифер Лоренс, која ја надополни комбинацијата со соодветни сандали со високи потпетици.

Носеше впечатливи висечки обетки, косата и беше пуштена до рамената, а нежен впечаток остави со суптилна шминка во природни тонови.
фото: принтскрин

