Забава
Полицијата го предупреди писателот Гејман поради непочитување на здравствените мерки
Британскиот писател Нил Гејман се извини што патувал од Нов Зеланд до својот дом на шкотскиот остров Скај, со што ги прекршил мерките за превенција на ширење на коронавирусот, пренесува „Ројтерс“.
Полицијата разговарала со прочуениот автор на бестселери во врска со неговите постапки кога открила дека поминал приближно 18.000 километри до Велика Британија, слетал во Лондон и потоа се упатил кон својот дом на островот Скај на почетокот на месецот.
Пратеникот што ја претставува таа област, лидерот на шкотската Национална партија во парламентот во Вестминстер, Јан Блекфорд, остро го критикува писателот за неговите, како што ги нарече, себични постапки.
„Сакам да им се извинам на сите на островот што направив таков метеж“, напиша писателот на својата веб-страница.
„Исто така, сакам да ѝ се заблагодарам и да ѝ се извинам на локалната полиција, која сигурно имала поважна работа отколку да ме проверува. Сум правел и поглупи работи во мојот живот, но ова е, дефинитивно, најглупавата од поодамна“.
Тој додава дека се вратил од Нов Зеланд кога мерките биле ублажени и дека тој и неговата сопруга се договориле да си дадат простор еден на друг. Неговата сопруга, Американката Аманда Палмер, е музичар и изведувач. А Гејман е познат во светот по големите бестселери „Коралина“, „Ѕвезден прав“, „Океан на крајот од патот“, „Американски богови“, „Добри предзнаци“, култната „Книга за гробиштата“, како и по многуте филмски адаптации на неговите дела.

Шкотска одржува построги превентивни мерки и прописи во споредба со Англија, им кажува на граѓаните да останат дома и ги советува да избегнуваат прекугранични патувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) Брејк објави нова песна „Една во милион“
Музичарот Дарко Гелев‑Брејк објави нова песна „Една во милион“.
Новиот сингл доби и видео спот. Ова музичко дело е плод на наши познати лица од музиката.
Музиката е на Никола Перевски Пере од „Нокаут“, аранжманот на Дарко Димитров, текстот е на Игор Џамбазов, а миксот и мастерингот на Дарко Димитров.
Забава
Бритни Спирс ги продаде правата за сите нејзини хитови
Бритни Спирс ги продаде правата за целиот свој музички каталог, профитирајќи од наследството што го изгради со хитовите како Baby One More Time и Toxic. Според правните документи, каталогот е продаден на издавачката куќа Primary Wave, и иако износот не е откриен, медиумските извори го опишуваат како историски договор споредлив со продажбата на каталогот на Џастин Бибер за околу 200 милиони евра.
Според документите, 44-годишната пејачка го потпишала договорот на 30 декември. Извори блиски до Спирс велат дека таа е задоволна од одлуката и слави поминувајќи време со своите деца, синовите Шон (18) и Џејден (17), кои ги има со поранешниот сопруг Кевин Федерлајн.
Со овој потег, Спирс се придружува на голем број музички ѕвезди кои профитираа од своите каталози во последните години. Меѓу нив се Џастин Бибер, Брус Спрингстин, Боб Дилан, Шакира, Стинг и Фил Колинс.
Каталогот на Бритни Спирс се смета за еден од највредните во модерната поп музика. Нејзината кариера започна во 1999 година со нејзиниот деби албум Baby One More Time, кој се продаде во повеќе од 10 милиони примероци и помина две недели на врвот на табелата Billboard Hot 100.
За време на нејзината кариера, таа постигна 11 синглови број еден, повеќе од 30 песни во топ 10 и издаде девет студиски албуми. Вкупната продажба на нејзините албуми надминува 100 милиони примероци низ целиот свет.
Хитови како „Toxic“, „Oops!… I Did It Again“, „Gimme More“ и „Womanizer“ ѝ донесоа бројни номинации за Греми, МТВ и Билборд награди. Нејзината музика продолжува да генерира огромни приходи од услугите за стриминг, радио емитување, како и употреба во филмови, реклами и на платформи како TikTok.
Забава
(Видео) Најубавата жена на светот е номинирана и за најдобра актерка: Сите зборуваат за нејзиниот стил
Ема Стоун, која ја носи титулата најубава жена на светот, блесна на 98-та гала вечера на номинираните за Оскари. Самиот настан се одржува пред Оскарите и ги собира сите номинирани ѕвезди за таа година во хотелот Беверли Хилтон.
Ема, која беше номинирана за најдобра актерка во филмот „Бугонија“, беше таа што ги привлече сите погледи со необична, но привлечна комбинација. Таа носеше смокинг фустан кој комбинира класичен стил и гламур, и не завршува тука. Црната креација е исто така украсена со доза на сексапил бидејќи има длабоко деколте и мини крој.
Покрај тоа, цветниот детаљ беше забележлив – централниот мотив кој го нагласуваше тоа многу длабоко деколте. За да го комплетира стајлингот, таа се одлучи за отворени потпетици.
Што се однесува до шминката, таа носеше нежни, земјени тонови и едвај забележливи додатоци – ситни обетки.

