Забава
Совети како ноќното возење да го направите пријатно и удобно
За некои возачи возењето во ноќни услови е забавно и возбудливо, за некои спокојно и мирно, за некои е вистинско уживање, а за некои е напорно, мачно и тешко. Секој возач си има свои лични афинитети, желби и барања, но важно е да се потенцира дека, согласно со искуствата и истражувањата, денското возење се смета за многу побезбедно од ноќното возење.
Возењето во ноќни услови носи многу предизвици, потенцијални закани и опасности од аспект на безбедно одвивање на сообраќајот и токму затоа Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) советува за полесно справување со предизвиците од ноќното возење.
„Најголем предизвик кај ноќното возење е слабата видливост на патот и околината. Една студија во САД покажува дека од една третина до една половина од сите возила имаат слабо или погрешно насочени фарови и светла. Затоа, доколку патувате во ноќни услови, задолжително проверете дали светлата и фаровите работат со максимална ефикасност“, советуваат од РСБСП.
За подобра видливост, помало напрегање и помал замор при возењето во ноќни услови, светлата, фаровите, ретровизорот, ветробранските стакла и страничните стакла секогаш треба да бидат максимално чисти.
Возачите со сериозни проблеми со видот најдобро е да не учествуваат во сообраќајот, особено во ноќни услови и во услови на дожд, кога видливоста е значително загрозена.

Според англиските оптичари, околу 90% од реакцијата на возачот зависи од видот. Затоа, секогаш кога возите, а особено кога возите во ноќни услови, доколку имате проблем со видот, задолжително користете ги оптичките помагала.
Доколку имате проблеми со видот и доколку користите оптички помагала, пред да започнете со патувањето, почекајте неколку минути во автомобилот очите да се прилагодат на темнината. Според англиската асоцијација на оптичари, прилагодувањето на темнината значително ќе ја подобри вашата способност за гледање во мракот.
Возачите кои имаат проблеми со видот, во услови на ден и силно сонце, пожелно е редовно да користат очила за сонце и на тој начин полесно ќе се прилагодат за возење во услови на темнина.
Намалување или елиминирање на пушењето е особено важно затоа што чадот од пушењето ја намалува визуелната способност на возачот.
Согласно со ЗБСП, користењето светла во Република Македонија е задолжително и дење и ноќе и таа обврска треба секогаш да се почитува. Доколку некогаш ги немате вклучено светлата и се прашувате дали е доволно темнина да ги вклучите светлата, тоа значи дека првите симптоми за намелена видливост се веќе присутни и треба веднаш да ги вклучите светлата.
Искусните возачи знаат дека брзината секогаш треба да се прилагодува кон условите и видливоста на патот. Секој возач секогаш треба да внимава на дозволената брзина, но во услови на ноќ брзото возење повеќекратно го зголемува ризикот од предизвикување сообраќајна незгода.
Користете ги долгите светла, но истовремено бидете внимателни и не заслепувајте ги возачите кои доаѓаат од спротивен правец. Исто така, создавајте си навика да не гледате директно во светлата на возилата што доаѓаат од спротивната страна или во светлата што се наоѓаат во околината. Гледањето директно во изворот на светлината ја намалува визуелната способност на возачот и ги изморува очите.
Внимавајте на рефлексиите и на индиректните извори на светлина како издувните гасови на возилата пред вас, очите на животните, вировите вода на коловозот итн. Голема е можноста погрешно да ве наведат и да донесете погрешна одлука како возач.
Возењето во ноќни услови најчесто е спротивно на биоритамот на организмот и предизвикува замор и поспаност кај возачот, особено во периодот од 2:00 до 7:00 часот наутро. Затоа, доколку возите ноќе, правете почести паузи за одмор, вежби, краток сон.
За полесно да се справите со заморот, консумирајте повеќе течности (вода, кафе), разговарајте со сопатниците, пропуштајте свеж воздух во возилото и дишете длабоко.
При возење во ноќни услови, внимавајте на животните на патот – тие се активни во тој период од денот и ризикот за нивна појава е поголем.
Доколку имате навика, желба или потреба да патувате ноќе и доколку сакате полесно да се справите со предизвикот наречен „Безбедно ноќно возење“, почитувајте ги овие препораки и совети, наведуваат од РСБСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Кога помошта станува притисок: Грешки што родителите често не ги забележуваат
Спротивно на популарното верување, односите со возрасни деца најчесто не се оштетени од грубост или занемарување. Многу почеста причина е прекумерната вклученост – постојаната потреба за помош, советување и надзор, дури и кога тоа не е потребно.
Психологот и терапевт Џефри Бернштајн предупредува дека таквото однесување често произлегува од љубовта и стравот од губење на блискоста, но може да има спротивен ефект. Наместо да ги зајакнува односите, прекумерната грижа може да ја поткопа почитта и да ги оддалечи децата.
Еве три модели кои се особено проблематични:
Претерување со размислување
Кога родителот постојано ги замислува најлошите сценарија, дали детето ќе се справи, дали ќе направи грешки, дали некогаш ќе стане независно, оваа вознемиреност се чувствува во комуникацијата. Децата тогаш не слушаат поддршка, туку недоверба. Наместо блискост, се појавува притисок.
Реакција на неизвесност
Кога возрасно дете ја доведува во прашање својата работа, врска или финансии, природно е да сака да понуди решение. Сепак, постојаното утешување и давање совети што никој не ги побарал може да изгледа како наредба. Ова го ослабува чувството на детето за компетентност и способност само да решава проблеми.
Повлекување
Ако секоја ситуација се претвори во заедничка криза, врската постепено ја губи својата рамнотежа. Детето може однадвор да се согласи да помогне, но внатрешно да почне да се дистанцира. Дел од родителската улога е и правење чекор назад – дозволувајќи му на возрасното дете да прави грешки, да учи и да ги сноси последиците од сопствените одлуки.
фото/Depositphotos
Забава
Вечер посветена на Тоше Проески во Битола: „Засекогаш во срцата“ по осми пат
Убаво е кога имаме некого со кого можеме да се гордееме. Некого за кого секогаш ќе кажеме тој беше наш. Тоше Проески остави многу повеќе од песни. Остави спомени, емоции и моменти што со години живеат во животите на луѓето од сите генерации.
На 05 март 2026 година, по осми пат, во Центарот за култура – Битола, ќе се одржи концертот „Засекогаш во срцата“, посветен на музиката и наследството на Тоше Проески. Настанот со години прерасна во препознатлива традиција и еден од најемотивните музички проекти во Битола, кој секоја година обединува публика од различни генерации.
Концертот се реализира во организација на Оркестар DIVA, во соработка со Центар за култура Битола. Оркестар DIVA со години е носител на овој проект, градејќи внимателно осмислена концертна целина која со почит и достоинство му пристапува на музичкото наследство на Тоше Проески.
Годинава, на сцената ќе настапат: Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Бојан Стојков, Јасна Димитровска, Марија Митровска, Марија Јаковлеска и Алексеј Ивановски изведувачи кои ќе ѝ дадат свој личен печат на музиката што одамна е дел од колективната меморија. Музичките аранжмани се прилагодени од Владимир Димовски, со цел песните да добијат нов оркестарски израз, задржувајќи ја нивната препознатлива емоција и суштина.
„Засекогаш во срцата“ е вечер во која публиката заедно пее, се потсетува и ја чувствува музиката што сите нè поврзува.
Концертот ќе се одржи на 05.03.2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Центар за култура – Битола. Билетите се во продажба по цена од 500 денари, преку платформата yournextevent.info и на продажното место Тобако Димпо во Битола.
А публиката во Битола по осми пат ќе се собере на едно место за да го каже истото: Ти благодариме, Тоше.
Забава
(Видео) Деловниот стил добива нова димензија, Меланија Трамп носи совршено одело
Првата дама на Америка, Меланија Трамп, присуствуваше на претседателскиот говор на Доналд Трамп, а поддршка му дадоа и сите негови деца. Како што обично е случај кога Меланија е во близина, сите очи се вперени во неа и нејзиното модно издание.
Меланија избра костум од модната куќа „Долче и Габана“ за овој важен настан во претседателскиот мандат на Доналд Трамп.
Првата дама избра вистински деловен стил за оваа единствена пригода, но со допир на вечна елеганција. Совршено скроен костум во потемна нијанса беше нејзин избор, а го комбинираше со бела кошула, едноставен црн појас и високи чевли.
Нејзината препознатлива фризура и шминка повторно беа тука, а Меланија цело време стоеше покрај својот син Барон и не ја симна насмевката од лицето.
За време на самиот говор, таму беа и останатите деца на Трамп, Иванка, Ерик, Тифани и Доналд Трамп помладиот. Сите стоеја заедно и покажаа дека семејството и добрите односи се пред сè кога станува збор за нив.
Ова беше уште една модна задача што Меланија ја заврши без многу проблеми и ја зацврсти својата позиција на листата на најдобро облечени жени во светот.

