Забава
Што навистина забележуваат луѓето на првиот состанок: не е тоа што мислите
Наместо да го анализирате секој детаљ кога се подготвувате за состанок, фокусирајте се на она што навистина остава добар впечаток.
Запознавањето нови луѓе може да биде возбудливо, но може да биде и стресно. Секој што некогаш бил на состанок го знае тоа чувство на преиспитување на секој ваш потег – од вашиот изглед до секој ваш збор што го кажувате. Но, вистината е дека повеќето работи за кои се грижиме, дури и не ни остануваат во сеќавање. Еве некои работи што навистина оставаат впечаток кај спротивниот пол.
1. Говор на телото
Вашето тело често кажува повеќе од зборовите. Експертот за состанување, Дамона Хофман, вели дека интересот е очигледен во вашето држење на телото.
„Некој што се наведнува, го врти своето тело во ваша насока и бара можности да се приближи – покажува дека му е грижа“, објаснува таа. Тренерот за состаноци, Блејн Андерсон, додава: „Стоењето исправено и отворениот став се знак на самодоверба, а тоа е секогаш привлечно“.
2. Изрази на лицето и поглед
Вашите очи и насмевката кажуваат сè. Контактот со очите и искрената насмевка создаваат врска и ја намалуваат тензијата.
„Кога воспоставувате контакт со очите, покажувате дека сте присутни и заинтересирани“, вели тренерот Ник Нотас. „Топла, природна насмевка им дава до знаење на луѓето дека ви е удобно и дека другата личност може да се опушти“. Со други зборови, не мора да имате совршени реченици, само зрачете топлина и позитивност.
3. Уредност и хигиена
Пред да излезете, одвојте време да ги направите основните работи – истуширајте се, имајте свеж здив и чиста коса. „Малите работи, како потстрижена брада, чисти нокти и уредна облека, покажуваат дека се грижите за себе“, објаснува Нотас. „Непријатните мириси и неуредниот изглед може да остават погрешен впечаток“.
4. Облечете се соодветно за пригодата
Не е важно дали носите дизајнерски етикети – поважно е да сте соодветно облечени и да се чувствувате удобно. „Добро облечената личност не мора да има скапа облека, но таа знае што е соодветно за пригодата“, вели Андерсон. „И секако – чистите чевли секогаш се добар знак“.
5. Енергијата што ја создавате
Лицето со кое сте можеби не се сеќава на бојата на вашите очи, но ќе се сети како се чувствувало кога сте биле во негова близина. „Атмосферата и чувството на поврзаност се поважни од совршената облека или фризура“, вели Хофман. Токму ова создава впечаток што трае долго по завршувањето на вечерта.
И што луѓето речиси никогаш не забележуваат
Експертите велат дека повеќето од нашите грижи не се совпаѓаат со она на што луѓето, всушност, се фокусираат. Додека ја анализираме секоја ситница – мозолче што се појавило утрото пред состанокот, неколку килограми вишок или лузна што само ние ја забележуваме – лицето со кое се забавуваме гледа во нешто сосема друго. Она што остава впечаток не е совршениот тен, туку енергијата.
Истото важи и за облеката. Никој нема да ги брои етикетите, ниту ќе ги препознава брендовите, но ќе забележи дали изгледот е хармоничен и чист. Уредноста и опуштениот став секогаш ќе ја надминат дизајнерската чанта.
А кога станува збор за разговор, тонот и начинот на кој слушаме се поважни од секоја совршено изговорена реченица. Луѓето ја паметат топлината на гласот, погледот во очите и интересот, а не самите зборови што биле изговорени. Токму таа автентичност создава врска – и тоа е она што се врежува во меморијата.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

