Забава
Џони Деп ќе го режира својот прв филм по 25 години

Џони Деп ќе ја земе режисерската палка во свои раце првпат по 25 години и планира да застане на чело на тимот на биографски филм за познат сликар.
Деп заедно со Ал Пачино ќе снима филм за познатиот италијански сликар и скулптор Амедео Модиљани.
Деп , исто така, и ќе го продуцира филмот за уметникот кој починал осиромашен во 1920 година на млада возраст, но стана познат по своите ремек-дела на актови со издолжени лица и екстремитети.
Модиљани починал во 1920 година од туберколоза. Имал само 35 години.
Според „Холивуд репортер“, Деп (59) веќе го ангажирал својот пријател Ал Пачино (82), откако ѕвездата на „Кум“ не успеа да издејствува биографски филм за Модиљани во режија на Мартин Скорсезе во 1980-тите.
Не се објавени други детали за кастингот, но бидејќи Модиљани почина на 35-годишна возраст, мала е веројатноста некој од овие двајца актери да го глуми уметникот, освен ако немаат намера да користат CGI за намалување на стареењето како во „Ирецот“ на Мартин Скорсезе.
Филмот всушност е адаптација на драмата „Модиљани“ на Денис Мекинтајр од 1979 година, чие дејствие е сместено во 1916 година за време на кризен период од животот на уметникот.
Вториот обид на Деп како режисер доаѓа 25 години по неговиот вестерн The Brave („Храбриот“) од 1995 година, во кој глумеше заедно со Марлон Брандо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
САД го потврдија своето учество на таканаречената руска евровизија, познато и кој пејач ќе ги претставува

Учеството на меѓународниот музички натпревар Интервизија во Русија го потврдија и САД, покрај 20 други земји од светот. САД ќе го испратат пејачот Брендон Хауард на натпреварот, кој ќе се одржи во Москва на 20 септември.
Постојат шпекулации дека Хауард е син на Мајкл Џексон иако нема докази што ги поткрепуваат овие тврдења.
Меѓу учесниците се Белорусија, Киргистан, Венецуела, Куба, Катар и Казахстан.
Русија ќе ја претставува поп-пејачот Шаман, кој беше санкциониран од ЕУ поради учество на концерти организирани од Кремљ.
Интервизија, алтернативата на Евровизија од советската ера, се одржуваше од 1965 до 1968 година и од 1977 до 1980 година во Чехословачка и во Полска.
Откако на Русија ѝ беше забрането учество на Евровизија 2022 поради војната во Украина, рускиот претседател Владимир Путин повторно ја иницира организацијата на Интервизија.
Забава
(Видео) Нормален ден во Бангладеш – автобуси се гребат во сообраќајниот хаос

Во Бангладеш возењето автобус не е само средство за транспорт, туку искуство што го одразува секојдневниот живот на земјата.
Автобуси од сите облици и големини ги преполнуваат патиштата, од стари, преоптоварени минибуси, покриени со боја и слогани, до автобуси на долги релации, што поврзуваат далечни градови.
View this post on Instagram
Неколку факти:
Голем метеж: Дакa, главниот град, е еден од најгусто населените градови во светот, со сообраќаен хаос, што изгледа како организиран неред;
Разновидни автобуси: на улиците навистина има и стари, шарени, често импровизирано поправани автобуси со рачно насликани декорации, како и поголеми меѓуградски автобуси;
Начин на качување: речиси нема фиксни автобуски станици во градот – автобусите застануваат каде што ќе им се сигнализира;
Преполнетост: често патниците висат на вратите, стојат на скалилата или седат на покривите – нешто што на странците им изгледа небезбедно, но е дел од секојдневието таму;
Функционалност: иако изгледа хаотично, системот навистина работи и секојдневно пренесува милиони луѓе.
Забава
Од Кисела Вода в понеделник тргнува уметничкиот карван „Баскерфест 2025“

Во понеделник, од Расадник во скопската општина Кисела Вода, ќе започне Баскерфест 2025, обележувајќи го почетокот на јубилејното 15. издание на еден од највозбудливите и најпрепознатливи улични фестивали во Македонија.
Под мотото „Побарај ја забавата“, после неколкугодишна пауза, фестивалот повторно ќе ја оживее уличната сцена, носејќи ја уметноста меѓу луѓето, на плоштадите, улиците и јавните простори.
„Ме радува што по неколкугодишна пауза, се враќаме повторно на уличната сцена, посилни и повозбудливи од кога било досега. Од 25 август до 6 септември На уличните сцени ќе продефилираат преку 20 интернационални артисти, од сите краеви на светот – од Полска до Чиле, од Канада до Бразил – со единствена цел да ја раздвижат секоја локација, да создадат моменти што се доживуваат со сите сетила и се паметат трајно“, истакна Пане Темов, организатор на Баскерфест, на денешната прес-конференција по повод 15.издание на фестивалот. Тој информираше дека оваа година, Баскерфест ќе гостува на 13 различни локации во 9 градови низ земјава.
Во понеделник, првиот фестивалски ден, ќе се одржи во скопската општина Кисела Вода, во вторник караванот ќе гостува кај амфитеатарот во Велес, во среда на плоштадот во Кавадарци, прилепчани ќе можат да се забавуват во четврток на плоштадот, а петок е резервиран за битолчани пред фонтана Магнолија. Во сабота (30.08.), Баскерфест ќе биде на плоштадот во Охрид, а веќе наредниот ден во Тетово.
Од 1 до 4 септември, караванот повторно ќе биде пред скопската публика, односно во општините Бутел, на плоштадот, Аеродром, жителите на Гази Баба ќе можат да го проследат Баскерфест на плоштадот во Автокоманда, додека паркот во Ѓорче Петров е локацијата на која ќе се одржуваат уметниките перформанси. Претпоследниот ден од двонеделното патување, 5 септември, Баскерфест ќе го посети Куманово, а наредниот ден во Гевгелија е последната фестивалска вечер. И во двата града, баскерџиите ќе настапуваат на плоштадите.
Публиката ќе има можност да ужива во огнениот спектакл на Plucie Ogniem од Полска, театарско-циркускиот настап на харизматичниот Hiram Meza од Чиле, ќе се смееме до солзи со Mr. Mostacho и неговиот уницикл-шоу „Equilibrium“, кое носи комедија, рамнотежа и многу изненадувања. Публиката со своите кукли Carolina и Maria Beijoqueira – комбинација од шарм, хумор и интеракција, ќе ја забавува популарниот Edu Boneco од Бразил, а Канаѓанецот Sean Rooney ќе донесе бои и фантазија преку балон-уметност која буквално се трансформира пред вашите очи. Свој перформанс ќе има и македонскиот уличен артист Кристијан Бенито, кој со својот автентичен стил и енергија ќе внесе локален дух во интернационалната програма. Целовечерното улично шоу ќе го збогатат и The Beat Killers Academy од Албанија, кои со танц и перформанс ќе креираат вистинска улична магија, како и статуите од Србија – актерска уметност што ќе ве воодушеви. Фестивалските вечери ќе бидат збогатени и со музички перформанси за кои ќе биде задолжен DJ MartiAn.
Бразилецот Edu Boneco беше присутен и на денешната прес-конференција на која не ја криеше возбудата што ќе настапи пред македонската публика.
„Навистина ми е драго што сум дел од овој Баскерфест, што се одржува во Македонија. За првпат сум овде, многу ми се допаѓа она што го видов до сега, се надевам дека се за време на моите настапи ќе запознаам што повеќе нови луѓе и ќе ја видам одблизу вашата култура. Јас ќе дадам се’ од себе да ве претставам на моите следбеници од целиот свет што поизворно, за и тие да ја запознаат Македонија и македонскиот народ. Се надевам дека сите заедно ќе си поминеме одлични 13 дена“, истакна Edu кој ќе ја забавува публиката со своите кукли Carolina и Maria Beijoqueira.