Забава
Холивуд се подготвува за делумно враќање на работа, постигнат е договор за прекин на штрајкот на писателите
Продуцентите на американските ток-шоуа почнаа да планираат нови епизоди во понеделникот, први чекори за враќање на Холивуд на работа откако сценаристите постигнаа привремен договор за прекин на нивниот речиси петмесечен штрајк.
Здружението или Еснафот на сценаристите на Америка (WGA), кој претставува околу 11.500 филмски и телевизиски писатели, постигнаа прелиминарен тригодишен договор со големите студија.
Договорот, сепак, мора да биде одобрен од раководството и членовите на синдикатот. Медиумите потсетуваат на последниот штрајк на писателите во 2008 година. Тогашниот привремен договор за прекин на штрајкот беше одобрен од повеќе од 90 отсто од членовите.
Додека актерите и понатаму штрајкуваат, доцните ноќни и дневни ток-шоуа може да продолжат со продукција кога нивните сценаристи ќе добијат зелено светло од Еснафот да се вратат на работа во наредните денови или недели.
Ноќните ТВ-шоуа, вклучувајќи ги најгледаните, како тоа на Дру Баримор (Drew Barrymore Show), Џими Фелон (Tonight Show Starring Jimmy Fallon) на Ен-би-си и Џими Кимел (Jimmy Kimmel Live) на Еј-би-си, најверојатно ќе се вратат во етерот за неколку дена како резултат на постигнатиот договор.
Тригодишниот договор, постигнат по маратонските преговори меѓу Здружението на писателите на Америка и Алијансата на студијата, стриминг-платформите и продукциските компании, треба да добие зелено светло од одборот на Еснафот и членовите, што ќе значи официјален крај на штрајкот.


Приближно 11.500 члена на Здружението на писателите на Америка на 2 мај излегоа на штрајк поради проблеми со хонорарите, работните услови и употребата на вештачка интелигенција при креирањето сценарија.
Лидерите на синдикатот и холивудските студија постигнаа прелиминарен договор по речиси пет месеци иако сè уште нема договор за штрајкувачките актери. Актерите, кои им се придружија на писателите во јули, имаат свои проблеми, но сè уште нема најава за продолжување на преговорите со нивниот синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

