Црна хроника
Царината запленила цигари, лекови, козметика, девизи, фалсификати

Во текот на минатата недела царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани цигари, лекови, парфеми, тоалетни води, облека, обувки, ремени, девизи, читачи за патарини, опрема за тетовирање и фалсификати.
Според соопштението, задржана е следната стока:
– 430 штеки цигари ЛД блу и ЛД ред со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на празен бугарски камион за превоз на возила, управуван од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица. На прашање на царинските службеници возачот изјавил дека нема што да пријави за царинска контрола, но при извршениот преглед на возилото во резервоарите за гориво биле откриени специјално конструирани бункери исполнети со непријавените цигари. Цигарите и возилото се привремено задржани, а против возачот е поднесена кривична пријава.
– 75 штеки цигари со македонски акцизни маркички, откриени во два одвоени случаи на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола со скенер на чекираниот багаж на двајца македонски државјани, кои имале намера да отпатуваат со лет за Малме.
Во првиот случај биле откриени 50 штеки цигари од марките Maрлборо и Винстон, а во вториот случај биле откриени 25 штеки цигари ЛД. Во двата случаи непријавените цигари се привремено задржани, а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.
– 34.500 таблети TAMOЛ – XX 200мг (Tramadol Hydrochloride), откриени на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола со скенер на чекираниот багаж на шведска државјанка, која имала намера да отпатува со лет за Малме. Непријавените лекови се привремено задржани, а против патничката е поведена соодветна постапка.
Парфеми, тоалетни води, облека и обувки
– 43 парфеми и тоалетни води, 16 фустани, 23 пара обувки, 3 парчиња ремени и 1 пар очила за сонце, откриени во два одвоени случаи на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола на патните торби на двајца македонски државјани, пријавени за влез во државата.
Во првиот случај, во патните торби на патник кој пристигнал со лет од Лондон биле пронајдени 43 парфеми и тоалетни води од различни марки, 16 фустани и 8 пара чизми. Во вториот случај, во патните торби на патник кој пристигнал со лет од Виена биле пронајдени 15 пара обувки (машки и женски чевли, влечки и чизми), 3 машки ремени и 1 пар очила за сонце, од разни познати светски брендови. Во двата случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.
Девизи
– 6.600 швајцарски франци, откриени на Интернационалниот аеродром Скопје, при личен претрес на српски државјанин кој пристигнал со лет од Цирих. Во џебовите од јакната и паричникот на патникот биле пронајдени 16.950 швајцарски франци и 1.190 евра. Согласно со законските прописи, на патникот му биле вратени девизи во противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а за сторениот прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.
Техничка стока и опрема за тетовирање
– 80 дигитални читачи за патарина за товарни возила, откриени во координација со полициските службеници од граничниот премин Дојран, при контрола на македонски камион управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи, пронајдени позади седиштата и на креветот во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 9 сетови машини за тетовирање и 81 шише од 60 мл со боја за тетовирање, откриени на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола на патниот куфер на руски државјанин кој пристигнал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 2 дијагностички уреди и 1 мултимедија уред за моторни возила со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинското претставништво Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на три пратки од Сингапур, наменети за три физички лица, македонски државјани. Поради сомневање дека уредите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани, и согласно со законските прописи ќе бидат поведени постапки за утврдување на нивната оригиналност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
(Видео/фото) Акциска контрола на Регионалниот центар за гранични работи Запад, пронајдени над 200 кубни метри бесправно исечено огревно дрво

Вчера, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад извршија засилени акциски контроли во шумскиот појас над неколку дебарски села, како и на поширокото подрачје на граничниот појас и зелената граница со Република Албанија.
Притоа, во близина на селото Дренок, пронајдени се две товарни моторни возила со вкупно 22 метри кубни огревно буково дрво, една работна машина за пробивање на шумски патишта и околу 200 метри кубни исечени букови дрва подготвени за товарање и транспорт без соодветна документација.
Во координација со јавен обвинител, Јавното претпријатие „Национални шуми“, Шумската полиција, како и надлежниот инспекторат, се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот, по што ќе биде поднесена пријава за сторено кривично дело „пустошење на шуми“.
Црна хроника
Уапсен ресенец, возел под дејство на алкохол

Денеска во 00.40 часот на улицата „Ленинова“ во Ресен, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај го лишиле од слобода Х.Б.(68) од Ресен.
При сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „фоксваген“ со ресенски регистарски ознаки, кое го управувал Х.Б., и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,58 промили алкохол во крвта.
Тој бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
За осум часа казнети 76 возачи во Скопје, 20 од нив возеле мотоцикли

Синоќа од страна во периодот од 17.00 до 01.00 часот полицијата во Скопје повторно спроведе засилена сообраќајна контрола на учесниците во сообраќајот кои управуваат мотоцикли и велосипеди со помошен мотор.
„За време на контролата биле преземени мерки против 76 учесници во сообраќајот, од кои 20 санкции за возачи на мотоцикл. Од нив четири за возење мотоцикл без возачка дозвола, 10 санкции за возење без заштитна кацига, четири мерки за возење мотоцикл без положен испит“, извести Министерството за внатрешни работи.