Економија
Заев: Македонско-бугарската стопанска комора е јазол што ги поврзува двете земји на економски план
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска имаше свое обраќање на годишното изборно собрание на Македонско-бугарската стопанска комора. Премиерот му честиташе на Кирил Лазаров, кој беше избран за нов претседател на стопанската комора и му посака успех, а на членките на комората им оддаде признание за нивната улога во зајакнувањето на соработкара со Бугарија.
„Во иднина вашата работа ќе претставува значаен јазол којшто ќе ги поврзува земјите и бизнисот на економски план. Лично негувам огромна надеж токму преку овој состав денеска овде присутен дека ќе го оправда тоа што ние политичарите сме должни да го овозможиме, а тоа е да го отвориме патот за бизнисот, профитот, работните места, бруто-домашниот производ и меѓусебната трговска размена. Владата на Република Македонија е цврсто решена да ги отвори перспективите за бизнисот и економијата. Прв храбар чекор на тој пат беше потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија. Преку градење политички мостови кои нè спојуваат настојуваме да постигнеме економски резултати кои се важни за подобрување на животниот стандард на граѓаните од двете земји“, рече Заев.
Тој ги оцени како охрабрувачки последните податоци кои покажуваат дека по потпишувањето на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство со Бугарија има зголемување на обемот на трговската размена.
„Сигурен сум дека и во иднина многу компании од Бугарија ќе ја препознаат нашата земја како стабилна и долгорочна дестинација и ќе инвестираат во Македонија. Како што се многу примери, на досегашни компании, едно од тие е Минстрој на господинот Волканов. Мое очекување е да се отворат многу пазари и полиња на соработка и за македонските компании и во Бугарија. Должност на политичарите, на нас е да ги отворат можностите, а должност на стопанствениците е да ги зграбат таквите можности.
Додаде дека Македонија широко ги отвори вратите за нови инвестиции и дека сите компании добиваат третман на домашни компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Минималната плата ќе се зголеми во март за 1.500-2.000 денари, зголемување пред март ќе значи отпуштање работници, вели Дурмиши
Економско – социјалниот совет на денешната седница не се договори за зголемување на минималната плата барем на 500 евра, според барањето на Сојузот на синдикати на Македонија од мај 2024 година, пред изборите. Министерот за економија Бесар Дурмиши по седницата кажа дека минималната плата во март, со редовното усогласување ќе се зголеми за 1500 до 2000 денари, точно ќе се знае по Нова година, а интервентно зголемување на минималната плата рече дека ќе значи отпуштање работници од малите и средни претпријатија кои нема да го издржат ударот.
„Проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Ние како Влада никогаш не сме биле против зголемување на минималната плата туку преку дијалог оставаме таа да биде договор помеѓу работодавачите и работниците. Сепак, според нашите индикатори во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено со закон и кое би било меѓу 1500 до 2.000 денари. Со интервентно покачување малите и средни претпријатија со економски и финансиски проблеми ќе ги отпуштаат вработените. Мене ако ме прашате 1000 евра треба да биде минималната плата, може така да кажеме и да бидеме херои пред народот, но тоа ќе предизвика проблеми кои ќе се видат за два – три месеца“, рече министерот Дурмиши и нагласи дека во регионот добро стоиме оти пониска минимална плата отколку кај нас има во Бугарија, Албанија и Турција.
Го демантираше претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, Слободан Трендафилов кој кажа дека од први јануари 500 евра е минималната плата во Албанија, 430 па од јуни 500 евра во Косово, 550 евра во Србија, а Босна и Херцеговина, се веќе далеку, минималната плата таму ќе биде колку просечната плата во Македонија.

Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати
Трендафилов вели дека на седницата се зборувало за различен износ на минималната плата кој се движел од 500 до 1000 евра, па остава простор Владата во следните денови да се изјасни за зголемување на минималната плата. Побара да се договорат што е можно побрзо оти во спротивно тие ќе се организираат и ќе постапат како пред три години.
„Ако ја чекавме претходната Влада во 2022 година да го почитува само законот за минималната плата, да не протестиравме, да не штрајкувавме за негова измена и промена на критериумите, денеска работниците ќе имаа 19.000 денари минимална плата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати.
Минималната плата изнесува 24.397 денари.
Економија
Усвоен буџетот на Општина Илинден за 2026 година
Советот на Општина Илинден го усвои Буџетот за 2026 година, кој изнесува 742.557.000 денари, односно над 12,5 милиони евра.
„Споредбено со минатата година, може да се забележи значителен пораст во средствата со коишто ќе располага Општината. При неговото креирање беа земени предвид остварените приходи и расходи од претходните години, како и реалните проекции за приходите во 2026 година. Буџетот има изразена развојна насока и е подготвен согласно принципот на партиципативно буџетирање, со фокус на реалните потреби и барања на граѓаните и локалната заедница“, соопшти Општина Илинден.
Голем дел од планираните капитални инвестиции се насочени кон изградба, реконструкција и санација на локалните улици и патишта, со цел унапредување на патната инфраструктура во општината. Дополнително, се предвидуваат средства за подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и локалните економски зони, како и за редовно одржување на постојната патна мрежа.
Во рамки на програмата за заштита и унапредување на животната средина, планирани се средства за изградба на фекална канализација, чистење на одводни канали и речни корита, одржување на јавната чистота, уредување и проширување на зелените површини, пошумување, како и доделување субвенции од најразличен вид со цел подигнување на еколошката свест кај граѓаните.
Буџетот предвидува и значајни вложувања во образованието и предучилишното воспитание, преку набавка на нова опрема, реконструкција и доградба на училишните објекти и детската градинка, како и инвестиции во развој на спортската инфраструктура.
Економија
ЕСМ: Потпишани договори за 97 милиони евра, започнува историски инвестициски циклус во обновливи извори
Денеска беа потпишани договорите за државна гаранција и договорите за заем во вкупна вредност од 97 милиони евра, наменети за два капитални енергетски проекти кои ќе ја трансформираат енергетската слика на државата, соопшти АД ЕСМ.
Од овие средства, вкупно, 87 милиони евра кон АД ЕСМ се наменети за најголемата фотонапонска електрана „Битола 3“, 50 милиони евра од КфВ и 37 милиони евра од Европската банка за обнова и развој(ЕБОР). Уште дополнителни 10 милиони евра од КфВ ќе бидат насочени за реализација на третата фаза од ревитализацијата на државните хидроелектрани.
На настанот на кој присуствуваше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, договорите за државна гаранција ги потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претставникот на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу и директорот на регионалната канцеларија на КфВ, Мориц Реме. Истовремено, генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, ги потпиша посебните договори за заем со претставниците на меѓународните финансиски институции.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска се заблагодари на Европската банка за обнова и развој и германската КфВ банка кои континуирано стојат зад Република Македонија во реализацијата на значајни проекти во инфраструктурата и особено во енергетскиот сектор и истакна дека Министерството за финансии преку обезбедување државна гаранција овозможи овој проект да добие вкупно 87 милиони евра – 50 милиони од КфВ и 37 милиони од ЕБОР, како и дополнителни 10 милиони евра за ревитализација на хидроелектраните.
„Со овие капитални инвестиции, заедно со АД ЕСМ, ја зајакнуваме домашната енергетска продукција, обезбедуваме стабилно снабдување со електрична енергија и ја поттикнуваме економската стабилност и одржлив развој. Министерството за финансии останува посветено на поддршка на проекти кои ја граделе иднината на нашата држава – зелена, економски силна и енергетски независна“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Узунчев, истакна дека овој чекор е од суштинско значење за оперативната одржливост на компанијата и за енергетската безбедност на Македонија.
„Нашите стратешки цели веќе се реализираат со голема динамика на терен. Токму денеска ги отвораме понудите за избор на изведувачи за фотонапонските електрани ’Осломеј 2’ и ’Битола 1 и 2’, а истовремено интензивно се работи и на теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк ’Богданци’. Преку сите овие проекти, вклучувајќи ја и новата електрана ’Битола 3’, во следните две до три години ќе го зголемиме домашното производство од обновливи извори за повеќе од 200 MW. Тоа не само што значи енергетска стабилност, туку и значаен еколошки придонес со намалување на годишните емисии на јаглерод диоксид за повеќе од 260.000 тони, годишно“, изјави Узунчев.
Како што рече амбасадорката на СР Германија Петра Дрекслер, во текот на изминатите години, Германија и ЕУ обезбедуваа континуирана поддршка за земјава на патот кон одржлива и отпорна енергетска иднина.
„Договорите потпишани од Германската развојна банка KfW, ЕБОР, Владата и ЕСМ се уште еден чекор за овозможување непречена енергетска транзиција преку правилна комбинација на обновливи извори на енергија“, смета Дрекслер.
Посебен фокус во овој инвестициски циклус е ставен и на проектот Ревитализација на хидроелектраните, чија вкупна финансиска конструкција изнесува 47,3 милиони евра, заокружена со денешниот дополнителен договор за заем од КфВ и значаен грант од 10 милиони евра преку ВБИФ механизмот на Европската Унија. Реализацијата на овој капитален проект ќе резултира со зголемување на домашното производство на електрична енергија од нашите хидропотенцијали за дополнителни 50 GWh, годишно.

