Економија
Фирмите чекаат по 6 месеци за да ги добијат парите за завршената работа
Центарот за граѓански комуникации го објави извештајот од следењето на јавните набавки спроведени од институциите на централно ниво за периодот јули-декември 2017 година и приказ на клучните состојби за 2017 година. Клучни наоди од анкетирањето на 210 фирми за нивното искуство во јавните набавки спроведено во периодот февруари-март 2018 година се: најниската цена како единствен критериум за доделување договор за јавни набавки, задоцнетото плаќање и потребната обемна документација за учество на тендерите се главните проблеми во јавните набавки што ги посочуваат фирмите.
Испитаните фирми чекаат просечно по 6 месеци и 21 ден за да ги добијат парите за завршената работа. Пред 2 години просекот изнесуваше 8 месеци, а лани 6 месеци. 95 отсто од фирмите сметаат дека на е-аукциите се постигнуваат нереално ниски цени и се занемарува квалитетот на набавките во однос на нивната цена. Дури 88 отсто од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки, но со различна оценка за нивото на нејзината присутност. Најголем дел од фирмите, односно 47 отсто, сметаат дека во јавните набавки има корупција, но ретко; 5 отсто велат секогаш, а 36 отсто често. Само 12 отсто од фирмите се изјасниле дека во јавните набавки никогаш нема корупција.
Доминантен дел од фирмите се изјаснил дека во тендерите на кои учествувале почесто или поретко сведочеле на непочитување на Законот за јавните набавки. Дури 96 отсто од испитаните фирми никогаш или ретко се жалат на тендерите на кои учествуваат главно поради високиот надоместок за трошоците во жалбената постапка и недовербата кон ДКЖЈН. Фирмите го оценуваат со 2,85 на скала од 1 (негативно) до 5 (одлично) вкупниот процес на јавните набавки. Во споредба со минатото истражување забележано е влошување на искажаното задоволство на фирмите што учествуваат на тендерите за 0,28 поени и оценката е повторно под 3.
Мониторингот на јавните набавки утврдил рекордно ниско ниво на јавните набавки во 2017 година. Вредноста на договорите за јавни набавки склучени во 2017 година изнесуваат 624 милиони евра наспроти 962 милиона евра во 2016 година. Советот за јавни набавки престана со работа на крајот на ноември 2017 година. Не постојат податоци за ефектот од нивното работење во последните пет месеци од работењето (јули-ноември 2017 година). Специјално формираната комисија во Министерството за финансии не ги достави побараните податоци.
Уделот на поништувањето на постапките од 24 отсто на годишно ниво во 2017 година е највисок во периодот од 2013 до 2017 година. Уделот на тендери на кои имало задоволително ниво на конкуренција (3 и повеќе учесници) во 2017 година е евидентиран кај само 48 отсто од мониторираните тендери. Уделот на тендери со само една понуда е на најниско ниво во изминатите 4 години и изнесува 21 процент. Во 2017 година се склучени 496 договори за јавна набавка без објавување оглас, во вкупна вредност од 29 милиони евра. Дури 12 милиони, односно 42 отсто од вкупната вредност на овие договори, им припаѓаат само на две институции – Министерството за образование и наука и АД „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ).
Во 2017 година фирмите доставиле 507 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки (ДКЖЈН), што претставува намалување во однос на минатата година од 9 отсто. Повеќето од жалбите се доставуваат против донесените одлуки за избор на најповолна понуда (65 отсто) . Следната значајна основа за доставувањето жалби, со удел од 15 отсто, се однесува на донесените одлуки на договорните органи за поништување на тендерите, а 8 отсто од жалбите се однесувале на тендерските документации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.
Економија
Одржана редовната седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана на 25 април 2024 година, го усвои Годишниот извештај на Народната банка за 2023 година, во кој се наведува дека мерките и политиките на Народната банка спроведени минатата година, овозможија успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и справување со инфлацијата, којашто од највисокото ниво од 19,8% во октомври 2022 година, се сведе на 3,6% на крајот на 2023 година, без притоа позначително да се загрози реалната економија и финансиската стабилност. Всушност финансиската стабилност и дополнително зајакна и покрај последователните кризи во изминатиов период.
Во 2023 година Народната банка продолжи со постепено зголемување на основната каматна стапка до нивото од 6,3%, а истовремено направи и промени во макропрудентната политика, како и кај инструментот на задолжителна резерва, кои дополнително го поттикнаа штедењето во домашната валута, односно доведоа до поголема „денаризација“. Начинот на водењето на монетарната политика од страна на Народната банка, одржувањето на финансиската стабилност, како и довербата на граѓаните и на институциите во нашата централна банка беа позитивно оценети од страна на повеќе релевантни меѓународни и европски институции како што се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската комисија, Европската централна банка (ЕЦБ), како и Светската банка.
Дел од активностите на Народната банка во 2023 година беа насочени во области кои носат погодности за граѓаните како корисници на банкарските услуги. Со стапувањето на сила на Законот за платежни услуги и платни системи, се поттикнува влез на нови даватели на платежни услуги, што ќе придонесе за поширока понуда на поевтини платежни услуги за граѓаните и компаниите, а се уредуваат и повеќе решенија за подобра заштита на потрошувачите, преку поставување насоки и ограничувања за надоместоците за платежните услуги, основната сметка со платежни функции, како и поголема транспарентност. Народната банка воспостави и нова алатка која овозможува споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги, а исто така за прв пат донесе и Циркулар којшто ги опфаќа добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор. Исто така, Народната банка започна со таргетирани контроли на давателите на платежни услуги во насока на заштита на корисниците на финансиските услуги.
Минатата година се засилуваше и колективната свест кон спроведување одржливи економски политики насочени кон екологијата. За таа цел, Народната банка го усвои првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, со што се постави сеопфатна рамка за управувањето со ризиците од климатските промени, којашто предвидува повеќе активности во областа на регулативата и супервизијата за климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на домашните банки поврзани со климатските промени. Како дел од активностите од Планот, Народната банка донесе и Насоки за управување со ризиците поврзани со климатските промени, коишто деловните банки ќе ги земат предвид при формулирањето и спроведувањето на својата деловна стратегија и во процесот на управување со ризиците.
Во 2023 година беше донесена и Финтек-стратегијата за финансиските регулатори, во која се содржат препораки за координиран пристап на регулаторите, со цел да се трасира патот за ползување на придобивките од развојот на иновациите на финансиите, коишто се повеќекратни.
Народната банка активно работеше на остварувањето на Програмата за работа за 2023 година којашто придонесува за исполнување на стратегиските цели и јакнење на институционалните капацитети предвидени со Стратегискиот план за периодот 2022 ‒ 2024 година, а воедно и за исполнување на предвидената визија да биде препознаена како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција којашто ужива висока доверба и кредибилитет во јавноста.
Во однос на статистиката, Народната банка продолжи со објавување на нови сетови на податоци со кои ги продолжи напорите за следење на меѓународните и европски статистички барања и го исполни последниот показател во рамките на највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци СДДС плус. Ова, во основа значи зголемување на транспарентноста на Народната банка што е видливо и преку збогатувањето на веб-страницата со повеќе податоци, алатки за пристап до информации и преку дополнувањето со други начини на комуникација со јавноста.
На истата седница беше усвоен и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во 2023 година. Во него се наведува дека и покрај повеќето шокови кредитното портфолио на банките е со солиден квалитет, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити од 2,8% е на ниво на историскиот минимум. Адекватноста на капиталот на банките во 2023 година достигна нивоа коишто се највисоки во изминатите 17 години и на крајот од годината изнесува 18,1%, што е суштински за задржувањето на стабилноста при соочувањето со евентуалните ризици. Народната банка во неколку наврати во текот на 2023 година го зголеми нивото на противцикличниот капитален заштитен слој што треба да го одржуваат банките, со што се очекува натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем. Во насока на понатамошно јакнење на отпоноста на банкарскиот сектор и јакнење на макропрудентната политика, минатата година беа подготвени и донесени новиот Законот за финансиска стабилност и Законот за решавање банки.
Носител на депозитниот раст во 2023 година чиј годишен раст достигна 9,2% беа депозитите од домаќинствата, иако и депозитите од претпријатијата го забрзаа растот. Преку инструментот за задолжителна резерва Народната банка придонесе за раст на склоноста на депонентите за чување на своите средства во денарските депозити, чиј годишен раст е неколкукратно повисок во споредба со зголемувањето на девизните депозити, при што кај домаќинствата растот на депозитите во денари изнесува 11,8% наспроти 4,4% во странска валута, додека кај корпоративниот сектор 15,8% наспроти 8,2%. Дополнително, позитивни придвижувања има и во однос на рочноста на депозитите, при што долгорочните депозити, по подолг период на намалување, во 2023 година забележаа раст со стапка од 25,7%, највисока во последните десетина години.
Показателите за изложеноста на ризици на банкарскиот сектор се стабилни и дополнително се подобрени, а стрес-тестовите упатуваат на добар капацитет за апсорбирање на можните шокови. Сепак, окружувањето и натаму е неизвесно во услови на геополитички превирања и потребно е натамошно внимателно следење на ризиците и претпазливост во водењето на политиките.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.