Македонија
Единствена Македонија: Заев исто како Груевски криминалот го гони по однапред изготвен список
Партијата Единствена Македонија денеска го осуди, како што велат, истиот пристап на Зоран Заев со оној на поранешниот премиер Никола Груевски во борбата со криминалот, која, според нив, се води по политичко сценарио и по однапред изготвен список.
„Никола Груевски по изборната победа во 2006 година изготви список на дваесет и пет функционери од поразениот СДСМ, кои еден по еден се гонеа редоследно по политичка процена за одвлекување на вниманието на јавноста од афери и неповолни настани поврзани со власта на ВМРО-ДПМНЕ. Своевремено, од поистакнатите фигури на СДСМ од тој список куртули само поранешниот висок функционер на СДСМ, Никола Ќуркчиев, чие судско гонење според списокот на ВМРО-ДПМНЕ требаше да се прикаже како враќање на слободата и демократијата во ‘ќуркчиево’ како што вмровските креатори на списокот ја нарекуваа Гевгелија од каде што доаѓаше тој“, се наведува во соопштението на Единствена Македонија.
Оттаму додаваат дека Заев сега тргнува по стапките на Груевски во момент на голем револт на македонскиот народ поради донесувањето на законот за двојазичност.
„Бугарската православна црква стана мајка на МПЦ, а во истиот ден беа приведени 37 лица за тероризам со цел одвлекување на вниманието на јавноста или, пак, вчерашното приведување поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ со цел отргнување на вниманието од големиот народен револт од законот за двојазичноста, значи дека криминални случаи се процесираат и темпираат кога има настани, што негативно влијаат на рејтингот на Владата на СДСМ“, истакнуваат од партијата.
Оттаму констатираат дека партијата, како што велат, „Погреб за Македонија“, составена од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, борбата против криминалот ја базира на политички процени и однапред изготвен список за отстрел иако секој оној што се води од искрена борба за расчистување со криминалот не треба да се служи со маркетиншки трикови.
Додаваат дека новата легална власт на Единствена Македонија ќе ја сосече во корен праксата на гонење криминал според политичко сценарио дефинирано во некој список и ќе спроведе социјална револуција, што подразбира ревизија и одземање на украдените десетици милијарди евра во приватизацискиот и постприватизацискиот период во изминатите 27 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

