Македонија
Чавков, Мукоски и Василевски излегуваат од затворот во Шуто Оризари
 
																								
												
												
											Врховниот суд денеска донесе одлука осомничените во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, да бидат пуштени од притвор. На ексминистерот за внатрешни работи, Митко Чавков, пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, како и на Душко Лазаров и Митко Пешов, мерката притвор им се заменува со мерка куќен притвор.
Осомничемите З.С., Г.А., И.С., В.Т. и В.М. остануваат во притвор. За осомничените Љ.Д., Ј.Т., Е.Д.Б. и И.Д. за кои била определена мерка куќен притвор, истата се укинува и се определуваат мерки на претпазливост да се јавуваат еднаш неделно во основниот суд на чија територија имаат живеалиште.
Осомничените С.М., М.М. и С.М. мерката куќен притвор останува.
Врховен минатата недела одржа јавна седница, по жалбите кои се поднесени на решенијата на Апелацискиот суд, со кои се бараше укинување на мерките притвор и куќен притвор и изрекување на поблаги казни за обвинетите. Меѓу другите обвинети, за поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски се бараше укинување на мерката притвор, а за пратеникот Љупчо Димовски и оперскиот пејач Игор Дурловски укинување на мерката куќен притвор и изрекување на мерки на претпазливост.
Муковски, Василевски, Чавков и полицискиот службеник Мунир Пепиќ се дел од 35-те осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Ексминистерот за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски се во притвор од 28 ноември минатата година.
Инаку, премиерот, Зоран Заев, денеска по рочиштето за случајот „Поткуп“ пред медиумите изјави дека мерката притвор не смее да се користи како казна, туку да биде применувана само кога е неопходно. Најголемата оппозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, го условуваше враќањето во Собранието со тоа пратениците кои се затворени бидат пуштени од притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Делови од Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош денеска без струја
 
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот корисниците од бул. Борис Трајковски бр.1 (Пеглата) влез 2 (општина Кисела Вода)
– во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од Новоселски Пат, како и објектите на Стокомак, КАМ Маркет, бензинската пумпа ОКТА и објектите во нивна близина. (општина Ѓорче Петров)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Леринска, лоцирани во околината на бр. 3. (општина Карпош)
Македонија
Без вода дел од Чаир
 
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка од ф – 150 мм на раскрсница меѓу улиците Челопек и бр. 157 без вода ќе останат корисниците од улиците Челопек и бр. 157, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди
 
														Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 4, а максималната ќе достигне од 17 до 20 степени.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
За време на викендот времето ќе биде стабилно и суво, а во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник кон крајот на денот, најпрвин во западните делови, а во вторник и среда насекаде ќе има врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											