Македонија
Покачувањето на минималната плата во март нема да ги зголеми платите во јавниот сектор, Тренчевска најави усогласување, но во 2025 година
Најавеното покачување на минималната плата од март в година нема веднаш да ги зголеми другите плати. Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денес објасни дека усогласување на другите плати со минималната ќе има, но од март 2025 година.
„Усогласувањето во март ќе видиме дали ќе биде затоа што потпишувањето на општиот колективен договор значеше воспоставување нова методологија. По 10-те проценти во септември што ги зедоа сите вработени во јавниот сектор, во септември 2024 година ќе има уште едно усогласување на платите и во март 2025 година да почнеме со новата пресметка на платите, односно коефициент помножен со просечна плата“, рече министерката Тренчевска.
Владата најави дека во март следната година минималната плата ќе порасне на 22.500 денари, а очекувањата беа дека во согласност со веќе потпишаните договори, ќе се направи усогласување, кое ќе ги зголеми и другите плати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС не може да најде простор за поддршка на одлуката за поголеми плати
Како и секогаш до сега кога се во прашање важни одлуки како зголемување на платите, СДСМ повторно не може да најде простор за поддршка, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека очигледно е дека повеќе би сакале да молчат, отколку да признаат дека нашата влада презема вистински чекори.
„Шегата на страна, ВМРО-ДПМНЕ сериозно се грижи за граѓаните и затоа ја донесе одлуката за зголемување на платите, за подобрување на животниот стандард на сите. Ова е важен чекор кој СДС, наместо да го игнорира, треба да го поддржи за доброто на народот. Молкот на СДС е уште еден доказ за нивната неодговорност и недостиг на визија. Граѓаните заслужуваат повеќе, заслужуваат одговори и дела, а не плитки избрзани критики во слабост од луѓе кои за 7 години буквално ја уништија државата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
В понеделник ќе продолжи судењето за убиството на Вања и Панче
Велешанецот Боре Видевски, еден од обвинетите за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски е вратен во Истражниот затвор Скопје. Тој поради влошена здравствена состојба кон крајот на минатиот месец беше пренесен на болничко лекување.
Поради хоспитализацијата на Видевски, Основниот кривичен суд Скопје ги отповика рочиштата за судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски кои беа закажани за минатата недела, информирајќи дека судењето продолжува на следниот закажан термин на 14 октомври.
Судењето за убиството на Панче и Вања почна на 20 септември. Им се суди на првообвинетиот Љупчо Палевски, како и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа најдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Македонија
Поранешниот прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд почина денеска во Охрид
Алекс Салмонд поранешен прв министер на Шкотска почина денеска во Охрид, каде учестувуваше како панелист на вториот Форум за културна дипломатија, информираат од Канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Салмонд вчера имаше излагање на второто издание на Форумот за културна дипломатија во коорганизација на кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Институтот за културна дипломатија од Берлин.
Салмонд од 2007 до 2014 година беше прв министер на Шкотска.