Вести
Бројот на жртвите од тајфунот на Филипини се зголеми на 22 луѓе

Бројот жртвите од тајфунот Коппу кој го погоди северниот дел од Филипини, се зголеми до 22 луѓе, соопштија локалните власти коригирајќи го претходниот извештај од понеделникот во кој се зборуваше за 16 загинати, претежно во поплави и во лизгање на земјиште.
Локалната служба за цивилна заштита соопшти дека повеќе од 200 села во руралните области на земјата биле поплавени во вторникот, а во некои региони висината на надојдените води е поголема од еден метар, пренесува AFP.
Владината агенција за справување со природни катастрофи соопшти, пак, дека со невремето предизвикано од тајфунот се погодени речиси 300.000 луѓе на најголемиот филипински остров Лузон.
Тајфунот Коппу (чаша), ги зафати северните делови од Филипини во текот на изминатиот викенд, предизвикувајќи поројни дождови, излевања на реките од своите корита и поплави, како и лизгања на земјиштето. Десетици илјади луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, а во петокот во земјата беше прогласено „црвено“ ниво за предупредување од невреме.
Секоја година во текот на дождовната сезона, којашто трае од јуни до декември, Филипини се погодени од околу 20 бури и тајфуни. Но еден од најкатастрофалните во историјата на земјата се случи кон крајот на 2013 година, кога централните региони беа разорени од супертајфунот Јоланда (во меѓународната класификација – Хајан). Бројот на луѓето кои ги загубија животите или сé уште се водат како исчезнати надмина 8.000, целосно или делумно беа уништени 1,1 милиони домови, а без покрив над главата останаа 4 милиони луѓе./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.