Македонија
НБРМ: Пензиските фондови и осигурителниот сектор растат засилено

Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата осма седница на која беше разгледан и усвоен Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија во 2015 година, при што беше констатирано дека македонскиот финансиски систем беше стабилен и во 2015 година, и покрај надворешните и внатрешните случувања коишто ја тестираа неговата отпорност.
Во 2015 година, вкупната актива на финансискиот систем достигна 494 милијарди денари и оствари раст од 7,1% во однос на претходната година. Главните карактеристики на финансискиот систем и понатаму се едноставната структура, слабата меѓусекторска поврзаност и отсуството на сложени финансиски инструменти и услуги. Во последните години се забележуваат активности за комбинирање на осигурителните и банкарските производи, но обемот на овие активности е сѐ уште мал. Ваквата поставеност и развиеност на домашниот финансиски систем се главните фактори за минимизирање на можностите за нарушување на неговата стабилност, преку прелевање на ризиците од еден во друг институционален сегмент.Поради најголемата застапеност во финансискиот систем, банките се и најзначајниот фактор за одржување на неговата стабилност во целина, на стабилноста на останатите институционални сегменти, но и на двата клучни нефинансиски сектора, компаниите и домаќинствата. Солвентноста и ликвидноста на овој сектор се основните фактори за неговата стабилност и отпорност на надворешни и внатрешни шокови. Главниот ризик за банките доаѓа од нивната кредитна активност, којашто оствари забавен раст во 2015 година. Во овој контекст, значителното забавување на растот на нефункционалните кредити предизвика намалување и на нивното учеството во вкупните кредити на банките на 10,8%, додека ризиците коишто доаѓаа од нивото на нефункционалните кредити беа дополнително намалени и заради високата покриеност на овие кредити со исправка на вредноста издвоена за нив. Одделни банки покажуваа мала ранливост на претпоставените шокови и хипотетичка потреба од докапитализација или ликвидносна поддршка. Пензиските фондови и осигурителниот сектор и натаму растат засилено, но поради малиот обем на овие институционални сегменти, ризикот од прелевање на ризиците од банкарскиот сектор ̶ преку вложените депозити во банките ̶ е сѐ уште ограничен. И во 2015 година штедилниците, инвестициските фондови, друштвата за лизинг и финансиските друштва имаа речиси незначително учество во вкупната актива на финансискиот систем, а со тоа и врз неговата стабилност. И функционирањето на пазарот на пари и краткорочни хартии од вредност и на пазарот на капитал веќе подолг временски период се одвиваа без поголемо влијание врз финансиските текови во земјата. На денешната седница, Советот го разгледа и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2016 година, при што беше констатирано дека по релативно високиот раст на банкарските активности со корпоративниот сектор во декември 2015 година, веќе во наредниот месец следеа сосема спротивни движења на пад на кредитната поддршка за нефинансиските друштва, проследен со позначително намалување на корпоративните, трансакциски и краткорочни депозити, поради што истовремено се наруши и неколкугодишниот тренд на постојана денаризација на депозитите кај банките. И покрај тоа, квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот систем се задржа на високо ниво, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на 31 март 2016 беше 10,9%, што претставува само минимално зголемување, коешто главно беше поттикнато од корпоративните кредити. Соодветно на ова, во првиот квартал од 2016 година показателите на солвентноста и капитализираноста на банките забележаа извесно зголемување, што најмногу произлегува од намалувањето на кредитните активности и зголемувањето на вложувањата во државните записи, при речиси непроменет износ на сопствените средства. Во споредба со крајот на 2015 година, отпорноста на банките кон претпоставените шокови поврзани со кредитниот ризик се зголеми, а останатите ризици имаа мало значење, со оглед на ниската веројатност за остварување на валутниот ризик и сѐ уште незначителната изложеност на ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности. На денешната седница Советот го разгледа и Кварталниот извештај за вториот квартал од 2016 година при што беше констатирано дека и покрај индикациите за можни отстапувања во однос на основното сценарио од априлската проекција кај некои клучни варијабли за монетарната политика, оцените за здравоста на економските фундаменти и понатаму се позитивни. Податоците за економската активност упатуваат на натамошен раст, но побавен во однос на досегашните остварувања. Последните податоци за депозитната база на банките и побарувачката на девизи на менувачкиот пазар укажуваат на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти, коишто се разнишани од домашната политичка нестабилност. Девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветното ниво, и покрај негативниот шок во вториот квартал, кога се пролонгира разрешницата на домашната политичка криза, којашто се прелеа во домашната економија. Ризиците за економијата и натаму се оценуваат како неповолни и главно се поврзани со домашната политичка криза, а присутни се и надворешните ризици на кои беше посочено во априлската проекција. Нов ризик во овој контекст претставува референдумското гласање на Обединетото Кралство за излез од Европската Унија, што би можело да има неповолни последици за британската и европската економија. Имајќи го сето ова предвид, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи дополнителни промени во монетарната политика за успешно остварување на законски поставените цели.Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Владимирска“ од серијата „Икони на Пресвета Богородица“, со апоен од 1000 денари во количина од 500 парчиња, Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Мајка Тереза“, со апоен од 100 денари во количина од 5000 парчиња, како и одлуките за издавање и одлуките за пуштање во оптек на кованите пари за колекционерски цели „Година на петелот – петел со ангел“ и „Година на петелот – ветроказ со петел“, со апоен од 100 денари во количина од 5000 парчиња. /крај/со/ст
Извор: НБРМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.