Македонија
Потрошувачите најмногу се жалат за квалитетот на техничките апарати и белата техника
Потрошувачите во изминатите три месеци најмногу се пожалиле за квалитетот и сервисирањето на технички апарати и бела техника.
Според извештајот на Организацијата на потрошувачите на Македонија, во третиот квартал на 2014 година (јули, август и септември), заклучно со 30-ти септември кај нив се јавиле 586 потрошувачи кои побарале некој вид на совет, по пат на телефонски повик, e-mail или лично. Од советувањата 529 биле општо правни, а 57 специјалистички советувања (исхрана, финансиски услуги, права на пациентите и домување). Најголем дел од советувањата биле направени преку телефон.
„Најголем проблем на кој се пожалија потрошувачите во домен на општо правните советувања, исто како и во првата половина од годинава, е сервисирањето и продажбата на неквалитетни производи, за кои имаше 352 јавувања. Најчесто потрошувачите се жалеа за сервисирање на техничките апарати (35%), а пред сè доминираат мобилните телефони, но имаше и поплаки за телевизори, лаптоп и десктоп компјутери и други технички апарати. Во доменот на поплаки за бела техника (17%) најчесто потрошувачите се жалеа на проблеми со машини за перење, шпорети и рерни за печење“, велат од ОПМ.
За разлика од претходните статистики, може да се забележи пораст во делот на жалби на потрошувачите за производи за лична употреба (23%), каде пред сè потрошувачите се жалеа на проблеми при рекламирање на обувки, облека, накит и асесори.
Со 14% застапени се жалбите на потрошувачите за производи во домот, а најчесто за мебел, како и во првиот дел од годината.
Во делот на услугите имало 73 јавувања, очекувано поради летниот период во кој потрошувачите најчесто користат годишен одмор и заминуваат на некое патување, се забележува голем пораст на поплаките за туристичките патувања (74%). Потрошувачите се соочиле со најразлични проблеми, а најчесто на услугата која ја добиле во хотелот, неисполнети делови од понудата, лажно рекламирање, откажување на патување од страна на туристичката агенција на само неколку дена пред патувањето итн.
Од ОПМ апелират потрошувачите кои се соочиле со било каков проблем со туристичкото патување да реагираат со приговор во рок од 8 дена од денот кога се вратиле од патувањето со цел да можат да ги остварат своите права, во спротивно приговорот ќе им биде одбиен.
Во делот на јавните услуги на национално ниво имало 62 јавувања и тоа: испорака на струја (55%), мобилна телефонија (27%), а останатото се однесувало на поплаки на фиксната телефонија, телевизиски и интернет провајдери. Потрошувачите често укажувале на тоа дека добиваат паушални сметки за струја кои се повисоки од претходните месеци и се нереални поради тоа што тие месеци за кои е стигната сметката воопшто не биле дома и не била користена електрична енергија.
Во делот на мобилната телефонија потрошувачите се жалеле на превисоки цени на сметките за реализиран интернет сообраќај во роаминг и други непредвидени трошоци.
ОПМ апелира до сите потрошувачи пред заминување на пат добро да се информираат за цените на интернет сообраќајот доколку користат интернет во роаминг. „Доколку не планирате да користите интернет во странство, контактирајте го вашиот мобилен провајдер за да ви биде исклучена опцијата да можете да користите интернет во странство, или целосно да биде исклучен интернетот, со што ќе можете да бидете сигурни дека трошоци од таков вид нема да ви пристигнат на следната сметка“, велат од ОПМ.
Во делот на јавни услуги на ниво на град Скопје и локална самоуправа имало 42 јавувања, од кои во најголем дел биле за испорака на топлинска енергија (60%), а имало и поплаки за водовод и смет, јавниот превоз и паркинг услугите.
Потрошувачите се жалеле на големи сметки вон грејна сезона, проблеми со радијаторите или цевките за пренос за топлинска енергија, како и со договорите со претпријатијата кои ја вршат оваа услуга.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата
ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.
На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.


Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.


Економија
„Македонија 2025“ со рекордни резултати во 2025: поддржани 2.573 лидери и таленти, 168 бизниси и 190 стипендисти
„Македонија 2025“ ги објави резултатите од својата работа во 2025 година, при што организацијата постигна рекордни успеси во поддршката на економскиот развој, лидерството и глобалната поврзаност на земјата. Во 2025 година „Македонија 2025“ имплементирала, преку повеќе од 40 програми и иницијативи со кои се поддржани 168 компании, доделени се 190 стипендии за едукација и усовршување, а 2.573 лидери и таленти биле директно опфатени со програмите за развој. Организацијата исто така бележи значително зголемување на својот општествен импакт, со 94 активни членови во управните и советодавните тела и развиени шест клучни предлог-политики кои веќе се интегрираат во национални стратегии и реформски процеси.
2025 беше година на значајни исчекори и во однос на глобалната дијаспора. Македонија2025 ја спроведе првата и најголема глобална анкета на дијаспората со над 1.400 учесници од повеќе од 40 земји, чијашто анализа веќе е основа за новата Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025-2030. Во партнерство со Владата беше лансирана и кампањата „Македонска дијаспоро, добредојде дома“, која допре до над 20.000 иселеници ширум светот, а организацијата учествуваше во креирањето и на повеќе стратешки документи во областите дигитализација, конкурентност, високо образование, научно-технолошки развој и односи со дијаспората.
Паралелно, „Македонија 2025“ продолжи континуирано да ја зајакнува бизнис-заедницата и човечкиот капитал преку програми насочени кон модернизација, дигитална трансформација и развој на лидерски компетенции. Преку Центарот за дигитална трансформација – GoDigital беа изработени 30 детални проценки на дигитална зрелост, 15 дигитални стратегии за компании и беше обезбедена практична техничка поддршка за пет компании во процесот на имплементација на нови дигитални решенија. Овие услуги им помогнаа на фирмите да го подигнат својот степен на конкурентност, да ги оптимизираат процесите и да воведат алатки што ја забрзуваат нивната интеграција во современите економски текови. Воедно, 553 професионалци и менаџери посетуваа специјализирани обуки, работилници и вебинари, со што се создаде поширока заедница на практичари кои активно ја применуваат стекнатата експертиза во своите организации. Како дел од напорите за градење силна генерација претприемачи, 27 млади менаџери и основачи на компании го надградија своето бизнис знаење преку реномираната обука што ја спроведе канадската Ајви бизнис-школа во рамките на проектот „Лидер“, со што мрежата на алумни се прошири на 451 член.
Во делот на лидерството, програмите на Македонија2025 и годинава изградија нова генерација на носители на промени. Престижната програма за образование на извршни директори Зафировски, на Келог-школата за менаџмент (САД) во 2025 година ја завршија пет македонски извршни директори кои стекнаа врвни глобални менаџерски знаења и пристап до меѓународна мрежа на лидери. Со ова, нашата Зафировски алумни заедница достигна до 51 член. Дополнително, 5 професионалци беа дел од програмата за извршно образование во Канада, комбинирајќи академски модули со практично учење и размена на искуства во канадски компании.
Стипендиската програма за студентска извонредност „Атанас Близнакоф“ поддржа 121 студент, а особено значајно е што 75% од нив беа поврзани со ментори – успешни македонски професионалци од земјата и дијаспората – кои им помогнаа да ги развијат своите кариерни насоки, академски капацитети и професионални амбиции. На овој начин, програмите на Македонија2025 не само што обезбедуваат финансиска и образовна поддршка, туку создаваат и силен еко-систем на идни лидери, поврзани со глобалната мрежа на знаење и можности.
Во хуманитарната сфера, како одговор на трагедијата во Кочани, организацијата обезбеди 55.356 евра за медицинска опрема за три здравствени установи во Скопје и во Кочани, а Клубот на амбасадорите на „Македонија 2025“ му донира средства за реновирање дел од детското одделение во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид.
Посебно влијание во 2025 година имаше и 14-тиот годишниот самит „Македонија 2025“, кој повторно се позиционира како водечки бизнис-настан во регионот. Со повеќе од 700 учесници, 38 говорници од 15 земји и богата програма од панели, дискусии и B2B-средби, самитот беше фокусиран на економскиот раст, дигиталната трансформација, иновациите и улогата на дијаспората во забрзувањето на развојот на земјата, создавајќи платформа за идеи и партнерства што ги поврзуваат бизнисите дома и во светот.
Со овие резултати „Македонија 2025“ ја заокружува 2025 година како една од најуспешните досега, поставувајќи високи стандарди за економски развој, иновации и вклученост на дијаспората и поставува темели за уште поамбициозна агенда во 2026 година.
Економија
Божиновска: Енергетиката мора да биде простор каде што жените не се исклучок, туку правило
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, одржана во Скопје во организација на Министерството за европски прашања и UN Women. Настанот обедини високи претставници на институциите, експерти и партнерски организации во заедничка цел – интегрирање на родовата еднаквост како централна компонента на европската интеграција.
Во своето воведно обраќање, министерката Божиновска истакна дека родовата рамноправност е темелна европска вредност и јасен услов за членство во ЕУ, но пред сè – е инвестиција во стабилноста, економскиот раст и одржливата иднина на државата.
„Европа јасно стави до знаење дека еднаквоста не е избор, туку стандард. А ние тој стандард го прифаќаме затоа што веруваме во држава без привилегирани и непривилегирани граѓани,“ нагласи министерката.
Таа потсети дека токму енергетиката – како стратешки сектор и политички столб на европската интеграција – останува област со најниско учество на жени, што не претставува само општествена неправда, туку и пречка за успешно водена зелена транзиција.
„Жените се најмалку застапени во техничките професии, енергетските иновации и лидерските позиции. Тоа е ограничување што мора да го надминеме ако сакаме модерна, европска и конкурентна економија, Рамноправноста не се случува сама од себе – таа се гради. Во сектор како енергетиката, каде жените често мора двојно да се докажуваат, моја обврска како лидер е да ја отворам вратата за други жени. Ако институциите создадат фер правила и јасни можности, талентот ќе се истакне,“ порача Божиновска.
Министерката го истакна и фактот дека Министерството за енергетика денес е институција со целосен родов баланс – 50% жени и 50% мажи – што, како што нагласи, е доказ дека институциите можат и мора да бидат двигател на еднаквоста.
Во обраќањето беше најавено дека принципите на еднаков третман, еднаква плата, недискриминација и родово вклучување ќе бидат интегрирани во сите клучни енергетски реформи.
Министерката ја поздрави соработката со UN Women и изработката на десетте родови GAP анализи, кои ќе бидат основа за нови мерки, статистички показатели и политики засновани на докази.
„Зелената транзиција нема да успее ако половина од населението остане надвор од процесот. Нашата обврска е да креираме систем кој е стабилен, европски и праведен – систем во кој секоја жена има пристап до образование, технологија, иновации и лидерски позиции во енергетиката, Европа не гради нов енергетски систем за да ја повтори неправдата од стариот. Европа гради систем во кој секој добива шанса да придонесе – и ние мора да бидеме дел од таа визија,“ подвлече Божиновска.
Конференцијата заврши со повик за засилена координација меѓу институциите, донаторите и граѓанскиот сектор, како и со заедничка оценка дека Северна Македонија има потенцијал да стане регионски лидер во создавањето инклузивна и родово еднаква зелена транзиција.

