Регион
Унгарија усвои закон кој овозможува градба на Јужен тек

Унгарскиот парламент усвои закон кој би можел да го овозможи градењето на рускиот гасовод Јужен тек којшто го блокира Европската унија, пренесуваа во вторникот европските медиуми.
Унгарскиот парламент усвои закон кој би можел да го овозможи градењето на рускиот гасовод Јужен тек којшто го блокира Европската унија, пренесуваа во вторникот европските медиуми.
Како што пренесува EUobserve, унгарскиот парламент законот го усвоил со надмоќно мнозинство со 132 гласови „за“ и 35 гласови „против“.
Всушност станува збор за измена на законот со кој се овозможува некоја компанија да изгради гасовод иако ги нема потребните дозволи со нив да управува и теоретски би можел да ја овозможи изградбата на делницата низ Унгарија на рускиот гасовод Јужен тек до 2017 година, пишува порталот The Budapest Beacon.
Унгарската гасна компанија MVM во 2012 година потпиша со рускиот државен енергетски гигант „Газпром“ договор за изградба на гасоводот Јужен тек низ Унгарија, но нивната нова компанија за реализација на тој проект нема оперативна дозвола.
Европската унија поради своите прописи за управување со проекти и ресурси од сферата на енергетиката ја блокира изградбата на гасоводот низ териториите на членките земји или оние кои се кандидати за полноправни членки, како Србија и Македонија, бидејќи оваа инфраструктура ја заобиколува Унгарија и и’ овозможува на Русија да го испорачува гасот до европските потрошувачи без да зависи од соседот со кој крајно ги заостри односите. Меѓутоа, некои од поважните земји членки на ЕУ, како Австрија и Италија, се упорни во намерите да го поддржат проектот Јужен тек.
Изградбата на унгарската делница на Јужен тек, во должина од 229 километри, би можела да започне за шест месеци, изјави неодамна Чаба Баји, претседател и извршен директор на MVM за унгарскиот дневен весник Napi Gazdasag.
Така Јужен тек, чиј планиран капацитет е 63 милијарди кубни метри гас годишно, ќе и’ овозможи на Русија да го извезува рускиот природен гас преку Бугарија, Србија и Унгарија, по дното на Црното Море, со заштеда од околу 20 милијарди американски долари, откако во март 2014 година црноморскиот полуостров Крим со референдум се присоедини кон Русија, што Западот го смета за руска анексија на украинска територија и поради тоа и’ наметна неколку круга санкции на Москва.
Унгарија во јануари со Русија договори и изградба на два нови блокови во нуклеарката Пакс, јужно до главниот град Будимпешта, за што од Русија доби заем од десет милијарди евра, но го предизвика гневот на ЕУ и на САД. Покрај тоа, премиерот Виктор Орбан го суспендираше испорачувањето гас за Украина, по што „Газпром“ ги зголеми испораките за Унгарија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.