Општество
Вељаноски: Македонија била и ќе биде Македонија
Македонија била и ќе биде Македонија, македонскиот народ бил, е и ќе биде македонски народ. Остануваме цврсти во нашите намери да ја афирмираме вистината за Македонија!, порача во сабота претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски на Мечкин Камен во Крушево, во обраќањето на свеченоста по повод националниот празник Илинден.
„Крушевскиот манифест е основата на која почиваат денешните напредни идеи за меѓуетнички и меѓуверски соживот и толеранција, додека Асномската декларација е темелот на демократскиот амбиент во кој живеат граѓаните како личности во оваа наша македонска држава“, рече Вељаноски.
Според него, идеите на Крушевскиот манифест, на партизанското движење и на АСНОМ и денес се еднакво силни, како и тогаш кога биле обнародени. Вељаноски нагласи дека политичките разлики не смеат да ја загрозуваат Македонија.
„Не смееме да говориме „за наши“, и „за ваши“ кога станува збор за Македонија. Македонија е нашата единствена партија и единствена програмска платформа. Да си подадеме рака и да си простиме за се затоа што сите ние сме Македонија. Да застанеме сите зад иднината на Македонија и да работиме сложно како што се бореа и комитите и партизаните, и припадниците на македонската левица и припаднците на македонската десница. Да не дозволиме нашите различни интереси да ги загрозат интересите на Македонија. Мораме да бидеме уште посплотени и поодговорни кога станува збор за интересите на државата. Знам дека имаме сила така да постапуваме“, порача претседателот на Собранието, при тоа додавајќи дека сите успеси низ историјата се постигани со заедништво и заради тоа, како што рече, треба уште повеќе да работиме на унапредување на меѓуетничкиот и на меѓуверскиот соживот.
Вељаноски се осврна и на односите со соседите.
„Нашата заедничка иднина е обединета Европа во која вредностите на демократијата ќе бидат подеднакво прифатени од сите нас кои со векови сме тука на Балканот“, рече тој изразувајќи верување дека најдобрата иднина за Балканот е обединета Европа и ЕУ, а интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО стратешка цел.
„Македонија нема друг избор освен ЕУ, интеграцијата во европското семејство на народите е најдобриот рецепт за натамошна модернизација на македонската држава“, истакна Вељаноски, потенцирајќи дека Македонија останува подготвена за натамошен развој на дијалогот со Грција.
„Македонија не е, ниту некогаш ќе биде закана за Република Грција. Македонскиот народ не е, ниту некогаш ќе биде закана за грчкиот народ. Изразуваме јасна подготвеност за понатамошен развој на добрососедските односи и вкупната соработка на економски и на секаков друг план. Мораме повеќе да гледаме на нештата што не спојуваат отколку на оние што не разделуваат. Верувам дека ќе соработуваме меѓутоа тоа мора да биде на рамноправни основи. Во духот на христијанската љубов во период кога светот се соочува со овие геополитички предизвици, Република Македонија и Грција мора да завртат нова страна од историјата, верата, надежта и љубовта ќе бидат точките кои ќе ги обединат двата народа најпрво помеѓу себе, а потоа и со истиот бог на кој му припаѓаме и на кој му се молиме“, рече Вељаноски.
Тој повика на единство и обединување меѓу партиите и луѓето во Македонија.
„Извојуваната државност мораме да ја сочуваме, а се е потешко доколку отсуствува единството и секоја цел е подалечна доколку не сме обединети. Затоа како претседател на македонскиот законодавен дом уште еднаш искрено сакам да повикам на унапредување на единството помеѓу партиите. Мораме да ги надминуваме нашите разлики. Не смееме да дозволиме во жарот на политичката битка повредена да излезе Македонија. Да си подадеме рака на овој голем ден, да и погледнеме во очи на реалноста и да го осигураме уште повеќе развојот и демократската иднина на Македонија. За иднината на Македонија одговорност носат сите. И власта, но и опозицијата“, истакна Вељаноски. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.