Регион
Грција може да воведе контрола на прометот на капиталот и да го затвори банките

Грција во понеделник би можела да воведе контрола на прометот на капиталот и да ги затвори вратите на банките откако европските доверители одбија да ѝ ја продолжат програмата за помош откако Атина најави референдум на 5-ти јули за прифаќање или одбивање на предлогот на доверителите, а штедачите побрзаа да ја подигнат својата готовина во евра, во очекување дека судирот меѓу грчката влада и Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд ќе дојде до ново опасно ниво.
Грчките банки, коишто во живот ги одржува националната централна банка, се во центарот на вниманието, додека Атина, како што стојат работите, во вторник 30-ти јуни, нема да може да го исплати вкупниот долг од 1,6 милијарди евра од четирите јунски рати кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кој ѝ дозволи да ги обедини во една.
Европската централна банка (ЕЦБ), на којашто Атина во јули и август треба да ѝ плати 6,7 милијарди евра од долгот, соопшти во неделата дека нема да го зголемува нивото на итните позајмувања за Грција, што е дополнителен притисок врз грчките банки, коишто последните неколку седмици преживуваа благодарејќи на постепеното зголемување на финансиските средства, потсетува Reuters.
Покрај политичката драма којашто се одвива во Грција, во којашто мнозинството граѓани сакаат да останат во рамките на еврозоната, следните неколку денови бидат голем предизвик за интегритетот на еврозоната која постои 16 години.
„Ова е нешто што ќе мораме да го решиме во текот на ноќта со помош на грчките власти, но и на властите во Франкфурт“, рече за радиото BBC, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис зборувајќи за затворањето на банките и за контролата на капиталот. Грчкото министерство за финансии подоцна соопшти дека владата не е наклонета на контрола на прометот на капиталот, како и дека тоа не е во согласност со монетарната унија.
Грчката влада преговараше за потенцијалниот договор кој би ѝ овозможил навремено финансирање на долгот кон ММФ, но во саботата утрото премиерот Алексис Ципрас ненадејно побара на Грција да ѝ се овозможи дополнително време, за на референдум граѓаните да се изјаснат за условите од договорот што го нудат доверителите. Вториве лесно го одбија ова барање, оставајќи ѝ малку простор за маневрирање на Атина, освен да не ја исполни својата обврска за плаќање на долгот, што врши дополнителен притисок врз банкарскиот систем.
Пред банкоматите во неделата се создадоа долги редови од штедачи кои подигнуваат готовина. Германското министерство за надворешни работи на своите државјани кои патуваат во Грција им советува со себе да понесат доволно готовина, за да ги избегнат можните проблеми во локалните банки.
ЕЦБ во неделата во соопштение објави дека и натаму ќе продолжи со итната помош за грчките банки за ликвидност на сегашното ниво, како и дека ја следи ситуацијата и е подготвена „повторно да ја преразгледа својата одлука“. Меѓутоа, сé повеќе расте противењето во некои европски земји за продолжување на финансирањето на Грција од Страна на ЕЦБ.
Министерот Баруфакис во интервјуто за радиото BBC рече дека кризата и планираниот референдум не значат дека Грција нужно мора да излезе од еврозоната, дури и ако Грците гласаат за отфрлање на понудата што ја нудат доверителите.
„Тоа не мора и не би требало да е така. Нема одредби за тоа на кој начин се излегува од еврозоната кога се еднаш во неа. Не можете да излезете надвор. Тоа е дел од европските договори. Зошто воопшто би требало да го разгледуваме излегувањето на еврозоната?“, запраша Варуфакис. На прашањето дали Грција ќе ја исполни својата обврска за исплата на ратите кон ММФ, Варуфакис, пак, одговори дека од меѓународните доверители зависи дали ќе префрлат пари коишто ѝ ги должат на Атина за да го покрие својот долг.
Варуфакис во неделата за германскиот весник Bild рече дека „клучевите за излегувањето на Грција од кризата“ во своите раце ги држи германската канцеларка Ангела Меркел, како и оти се надева дека таа ќе ги употреби. Вели и дека неговата влада е „отворена за новите предлози на институциите“ (како што сега се именува „тројката“ – ЕК, ЕЦБ и ММФ), по неуспешните преговори во Брисел во саботата. Во интервјуто коешто ќе биде објавено целосно во понеделник, Варуфакис истакнува дека Грција нема да изнесува нови предлози во преговорите со доверителите, како и дека смета дека сега на ред на Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд да направат компромис./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
15-годишно девојче загина по удар од автобус во Земун, повредени се неколку лица

15-годишно девојче загина денеска во сообраќајна несреќа во Земун, додека четири лица се пренесени во болница, меѓу кои бремена жена и шестгодишно дете, пишуваат медиумите во регионот.
Девојчето што починало било удрено од автобус, по што се судриле три патнички возила, според Танјуг.
Според сведоците, жена трчала преку улицата, а возачот на автобусот се обидел да ја избегне, па всушност преминал на тротоарот, каде што го удрил детето.
И јавното комунално претпријатие GSP се огласи по повод тешката сообраќајна несреќа во Земун во која девојче (15) почина кога беше удрено од автобус а неколку лица беа повредени, стои во написите на српските медиуми.
„Денес околу 12:20 часот, на улицата Цар Душан на број 136, се случи тешка сообраќајна несреќа со смртоносен исход и неколку полесни повреди. Во оваа несреќа учествуваа неколку патнички возила и автобус од линија 18 што ја напушти гаражата и се упати кон терминалот за да се вклучи во сообраќајот. Околностите под кои се случи оваа сообраќајна несреќа се уште се непознати и полицијата работи на нивно утврдување“, изјави GSP.
Како што пишува „Телеграф“, автобусот се обидел да избегне жена која трчала преку улицата надвор од пешачкиот премин, поради што свтел на тротоарот, удирајќи го девојчето кое завршило под возилото. На патот, тој удрил во неколку паркирани автомобили, а потоа се забил во порта на куќата.
Телото на девојчето било извлечено од под автобусот од пожарникари, а екипите за итни случаи можеле само да констатираат смрт. Во несреќата биле повредени десет лица, меѓу кои деветмесечна бремена жена, мајка и шестгодишно дете, 74-годишна жена.
Фото: принтскрин
Регион
Девојки скокнале од воз во движење бидејќи ја пропуштиле својата станица, едната е во критична состојба: хорор во Бугарија

Две девојки, на возраст од 20 и 21 година, биле итно префрлени во болница во Пловдив откако скокнале од патнички воз на линијата Софија-Бургас во близина на железничката станица „Клисура“, потврди вчера прес-центарот на Одделот за внатрешни работи во Пловдив. 20-годишната девојка се здобила со тешки повреди и е во критична состојба, објавува порталот 24chasa.bg.
Инцидентот бил пријавен во службите за итни случаи во вторник околу 13:30 часот. Според првичните информации, девојките скокнале од прозорецот додека возот се движел, објавува БНТ.
Се наведува дека тие скокнале од возот во движење бидејќи ја пропуштиле станицата од каде што требало да слезат.
Наводно, не успеале да ја отворат вратата од вагонот на време. Кога конечно успеале да го сторат тоа, решиле да скокнат, но возот веќе добивал брзина.
Покрената е прелиминарна истрага и е известено Окружното обвинителство.
Поради инцидентот, сообраќајот помеѓу станиците „Клисура“ и „Стрјама“ е привремено прекинат.
Според Антонија Иванова од прес-центарот на Универзитетската болница за активен третман „Свети Георги“ во Пловдив, состојбата на 20-годишното девојче е исклучително лоша, објавува 24chasa.bg.
„Во моментов не можам да дадам никакви дополнителни информации. Другото девојче, кое има 21 година, е хоспитализирано во клиника во здравствена установа во стабилна состојба“, рече таа.
фото: принтскрин
Регион
Дете остана без рака при експлозија на плажа кај Будва

Страшна несреќа се случи на плажа во близина на Будва, каде што вчера експлодираше боца за нуркање. Во таа прилика, едно дете беше тешко повредено.
Црногорската полиција го уапси М. Б. (45), граѓанин на Белград, кој е обвинет за предизвикување јавна опасност и нелегални активности. Според официјалните информации, осомничениот управувал со опрема за нуркање без потребната регистрација или одобрение, што, како што е наведено, ги загрозило животите на присутните.
Детонацијата се случила во непосредна близина на плажата, кога експлодирала боцата за нуркање. Делови од неа одлетале на поголемо растојание и го погодиле детето, странски државјанин, во раката, што довело до ампутирање на неговата рака. Повреденото дете веднаш било пренесено во болница.
До него, уште две лица се здобиле со полесни повреди од експлозијата и побарале медицинска помош.
На местото на настанот дошол обвинителот на Основното државно обвинителство во Котор, заедно со експерти од машинската струка, каде што била спроведена истрагата. По спроведените мерки и дејствија, М.Б. бил уапсен и приведен од надлежните органи.
Несреќата предизвика голема вознемиреност кај туристите и локалните жители, додека истрагата треба да ги утврди сите околности и одговорноста на осомничениот, пренесуваат медиумите во соседството.
Фото: принтскрин