Македонија
Одложено рочиштето за првото обвинение на СЈО за по избори

Обвинетите Никола Груевски и Миле Јанакиески, в понеделник нема да седнат на обвинителна клупа за првото обвиниение на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за насилните протести во Општина Центар, а рочиштето е одложено за 16-ти декември, пет дена по изборите.
Имено, како што соопшти судот, адвокатското друштво Никола Додевски со писмен поднесок го известило Основниот суд Скопје 1 – Скопје дека адвокатот Никола Додевски бранител на М.Ј., второобвинет во предметот во врска со настаните пред Општина Центар, за кој главната расправа е закажана за 21.11.2016 год. е спречен да присуствува на закажаната главна расправа.
Инаку, за закажаната главна расправа, преку соопштение на веб страната на судот, јавноста беше информирана уште на 29.09.2016 година кога беа испратени и поканите до странките, но со оглед на поднесокот на адвокатот Додевски, а имајќи го предвид и фактот дека за седмо и десето обвинетиот, од 14 обвинети опфатени во предметот, се уште не е добиена повратница дека го примиле обвинителниот предлог и поканата, судечкиот судија кај кој беше распореден предметот, по службена должност, ја презакажа главната расправа за 16.12.2016 година, за што ги извести странките./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова објави дека се фотографираше со Доналд и Меланија Трамп

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на својот Фејсбук-профил објави дека ѝ претставувало чест да присуствува на приемот што го приредија претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и неговата сопруга Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации.
Во објавата таа истакна дека во овие турбулентни времиња е важно да не се отстапува од демократските вредности и да се работи заеднички на зачувување на глобалниот мир и безбедност, додавајќи дека САД остануваат искрен сојузник на Македонија.
„Благодарност за гостопримството!“, напиша Сиљановска Давкова.
Македонија
Филипче: Ѓубрето во Скопје е исклучиво одговорност на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарски прашања поврзани со најновите анкети кои се појавија во јавноста, а кои наводно укажуваат на слаб резултат на СДСМ, остро ги отфрли ваквите наративи, оценувајќи ги како намерен обид да се искриви реалната слика во општеството.
„Прво, анкетите сметам дека се обид да се искриви вистинската слика во секојдневниот живот и реалноста, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ според наши анализи губи огромен број на гласови. Сакаат да створат некаква перцепција дека се победници, меѓутоа вистината е дека граѓаните воопшто не се задоволни од начинот како тие ги раководат општините“, рече Филипче.
Во одговорот, Филипче посочи дека токму локалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе четири години е најсилниот аргумент против нив, особено во главниот град.
„Еве, 90% од општините во Скопје, вклучувајќи и градот Скопје, се раководени од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години. Па гледајте во каков град, какви општини живееме. Така што сметам дека е тоа само еден таков обид“, рече Филипче.
На новинарско прашање за хаосот со ѓубрето, запуштените улици и урбаната запоставеност на градот, Филипче директно ја посочи одговорноста кон ВМРО ДПМНЕ.
„Исклучиво и ексклузивно вината е во ВМРО-ДПМНЕ, во блокадите на Советот во Град Скопје, во рамките на раководењето на нивните општини. Еве, видете како е несредено, неискосено, неисчистено и во Аеродром, и во Кисела Вода. И сега тие луѓе повторно претендираат да бидат градоначалници“, рече Филипче.
Тој додаде дека оваа очајна слика е резултат на неработење и неодговорност на ВМРО ДПМНЕ, а дека пуштањето на анкети со однапред нарачани резултати е обид за одбрана од вистината.
„И во една таква ситуација, кога луѓето се свесни дека тие луѓе немале никаков перформанс, и сега се повторно кандидати, сè што можат во овој предизборен период е да пуштат такви лажни анкети“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Пожарите стивнаа, остана само еден активен

На територијата на државата денеска до 18:00 часот има два пожари на отворен простор, од кои еден пожар е активен и еден е изгаснат, информираат до ЦУК.
Активен е пожарот во Општина Демир Капија, кај м.в. Јаворица каде гори нискостеблеста деградирана шума.
Изгаснат е пожарот во село Дедели, во Општина Валандово, каде гореше депонија.