Македонија
Недостига квалификувана работна сила во домашната индустрија
Недостатокот од квалификувана работна сила во домашната индустрија е сѐ поизразен. Оваа појава станува алармантна во текстилната индустрија и затоа итно се неопходни ефективни мерки со кои ќе се надмине овој проблем кој прераснува во реална закана за опстанокот на многу домашни компании од овој сектор.
Ова е главната констатација на учесниците на најновиот состанок од серијата консултации со претставници на бизнисот, коишто во рамки на проектот „Деловен појадок“ ги организира Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), со цел размена на мислења и идеи од кои ќе произлезат предлози за подобрување на регулативата во областите кои се од интерес на работодавачите.
На состанокот на кој присуствуваа и претставници на Трговско-текстилниот кластер беа детектирани главните причини за дефицитот на работна сила во оваа индустриска гранка, како и можните начини како тој да се надмине.
„Државните субвенции во вид на ослободување од данок и придонеси што ги добиваат странските фабрики во технолошко – индустриските развојни зони им овозможуваат да исплаќаат малку повисоки плати и на тој начин да ги привлечат квалификуваните работници од домашните фабрики кои не можат да користат вакви субвенции од државата со кои би се намалиле нивните трошоци. На ваков начин, домашните индустриски капацитети „преку ноќ“ се празнат од висококвалификуван кадар во чие создавање со години било вложувано“, вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, дополнувајќи дека „ваквата нееднаква положба меѓу домашните и странските компании во земјава создава нелојална конкуренција на пазарот на труд и воедно им прави штета и на фондовите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување кои губат осигуреници кои плаќаат придонеси, а добиваат осигуреници за кои никој не плаќа придонеси“.
Втората причина за алармантниот недостаток на квалификувана работа сила, особено во текстилната индустрија, е слабиот интерес кај младите да работат во оваа гранка.
„Реформите во образованието и наставните програми мора да ги следат потребите на стопанството кое нема никаква полза од систем кој овозможува запишување на факултет без какви било критериуми и дипломирани студенти со многу ниско ниво на знаење и скоро без никакви практични вештини. Потребна е професионална ориентација на учениците уште во основното образование и промоција на средните стручни училишта и занимања“, смета претседателката на Трговско-текстилниот кластер, Маријана Перковска.
Од ОРМ најавуваат дека како резултат на овие консултации со членовите на организацијата и пошироката бизнис заедница, ќе се дефинираат конкретни предлози кои меѓудругото ќе се однесуваат и на надминување на нелојалната конкуренција на пазарот на работна сила и на потребата од образовни реформи со кои ќе се елиминира недостатокот од квалификувани работници во текстилната индустрија, која има големо значење за домашната економија – учествува со 11% во вкупниот извоз на Македонија и вработува околу 37.000 работници, што претставува над 35% од вработените во целокупната преработувачка индустрија.
На состанокот во Штип, којшто се одржа во рамки на проектот „Деловен појадок“, се разговараше и за новиот предлог-модел за ангажман на сезонски работници, за потребата од поефикасни законски решенија за намалување на повредите и несреќите на работните места, како и за измени во законот за трговски друштва со кои ќе се поттикнат домашните инвестиции. Сите овие предлози и мерки се разгледуваат на регионалните состаноци кои ги иницира ОРМ, за што добива поддршка од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот . /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемаштво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемаштво, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото успешно го реализира настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на програмата „Стандардизирани менторски услуги“.
Настанот поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA имаше цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар во Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот менторите од шесте регионални центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, во согласност со методологијата за спроведување стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за периодот 2024 – 2029, Агенцијата ѝ додели овластување за инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, а на Никола Димковски (комуникациски вештини) и Тони Цветановски (управување со човечки ресурси) им додели овластување за обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија чифлик“ од Битола и СВАРОГ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемаштвото во земјата обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи, кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.
Економија
УЈП: Трговците имаат обврска да ги прикажат во фискалните сметки попустите за „црниот петок“
Во пресрет на најавениот Црн петок викенд (Black Friday), Управата за јавни приходи упатува препорака до сите даночни обврзници кои ќе применуваат попусти на цените на своите производи и услуги, истите да ги изразат и наведат при издавање на сметката, односно, пресметаниот данок на додадена вредност да биде наведен во сметката со новосоздадената цена.
Даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги а за кои плаќањето се извршува готовински, должни се да поседуваат фискален систем на опрема (ФСО) , задолжително да издаваат фискални сметки при вршење на продажба и промет и на видно место, да постават соопштение со кое го информираaт купувачот на доброто за неговата обврска да побара фискална сметка.
Потрошувачите на добрата, односно корисниците на услуги при купување должни се да побараат фискална сметка и истата да ја чуваат по напуштањето на местото на прометот на доброто, заради контрола.
Секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници кои не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки.
Ова може да го направат преку електронската пошта [email protected] или на телефонските броеви: од фиксна линија: 0800 33 000; oд мобилен телефон: 02 3253 200 или да пријават неправилности на 198.
Економија
Остварете ги вашите цели и желби со кредитните производи на Халкбанк
Халкбанк АД Скопје е банка посветена на обезбедување финансиска поддршка за сите граѓани кои сакаат да ги остварат своите цели. Во кредитното портфолио на Банката е широк спектар на кредити за физички лица, станбени кредити наменети за купување недвижен имот, потрошувачки кредити, кредити за возила, онлајн кредит, еко кредити наменети за зголемување на енергетската ефикасност во домот, кредит со депозит и хипотекарен кредит, како и дозволено пречекорување на тековната сметка.
Со широк избор на кредити прилагодени на различни потреби и можности, Халкбанк нуди поволни услови кои се во согласност со финансиските планови на секој клиент без разлика дали се работи за големи проекти или секојдневни потреби.
Па така, кај потрошувачките кредити, кои по правило се најбарани бидејќи средствата можат да се искористат на најразлични намени – тековни потреби, реновирање, образование, патување и други лични потреби, постојат повеќе понуди со различни услови, па секој може да одбере производ што најмногу му одговара. Потрошувачкиот кредит со фиксна каматна стапка од 5% за целиот период на отплата е со рок до 95 месеци, и максимален износ до 1.500.000 мкд. Кредитот е без трошоци за провизија за обработка на кредитот и провизија за предвремена ликвидација.
Тука е и Онлајн кредитот со кој може да се обезбедат средства до 600.000 денари, при што со само неколку клика, во рок од неколку минути, на Вашата сметка ги добивате потребните финансиски средства. За да аплицирате за ONLINE кредит треба да сте корисник на електронско банкарство во Халкбанк АД Скопје и да сте примател на плата или пензија во банката. Каматната стапка е фиксна од 8,5% годишно, а рокот на отплата е до 84 месеци.
Идеални за стекнување свој дом се станбените кредити на Халкбанк. Наменскиот станбен кредит обезбеден со полиса за животно осигурување и полиса од незгода може да се користи за купување стан или куќа, како и рефинансирање на изложеноста во други банки по основ на станбен кредит. Кредитот е со рок на отплата до 360 месеци, почнувајќи од 3% фиксна каматна стапка за првите 5 години или почнувајќи од 3,4% фиксна каматна стапка за првите 10 години. Провизијата за обработка на кредитот е 0%.
Осигурителните полиси кои се вклучени кај одделни производи овозможуваат заштита на имотот на клиентот од последица на несреќен случај, сигурност во отплатата и заштита на целото семејство.
Со Халкбанк АД Скопје секој чекор кон остварување на вашите финансиски цели е полесен. Без разлика дали сонувате за нов дом, автомобил или ви се потребни средства за остварување други планови, кредитите на Халкбанк се вистинскиот избор.
(ПР)