Македонија
Судот ги одби тужбите од СДПМ и НДМ

Управниот суд ги одбил сите тужби поднесени од Социјалдемократската партија на Македонија (СДПМ) и Народното вижење за Македонија (НДП) во врска со кандидатските листи за претстојните предвремени парламентарни избори на 11 декември.
Партиите поднесоа тужби до Управниот суд откако Државната изборна комисија (ДИК) ги отфрли сите кандидатски листи поднесени од двете партии поради недостатоци и недоследности.
Граѓаните на 11 декември ќе избираат меѓу кандидатите на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, опозициската коалиција предводена од СДСМ, Коалицијата за промени и правда, Коалицијата ВМРО за Македонија и Коалицијата „Алијанса за Албанците“ која ја сочинуваат Движењето за реформи – ДПА, УНИТЕТИ и НДР, како и партииите ДУИ, ДПА, ПДП, ЛП, Левица и Беса.
Од ДИК информираат дека утре ќе биде извршено жребувањето за редоследот на партиите и коалициите на гласачките ливчиња. Според роковникот за предвремените парламентарни избори, жребувањето треба да се изврши до недела 20 ноември.
Во понеделник, пак, почнува дваесетдневната изборна кампања која ќе заврши на 9 декември.
Партиите и коалициите веќе се подготвуваат за митинзи и средби со граѓани. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ кампањата ќе ја започне традиционално во Охрид, СДСМ и коалициските партии во Прилеп, ДУИ во Липково./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Горчлива иронија е фотографијата од Коцевски и Тошковски кои потпишуваат меморандум за борба против корупцијата

Вчерашната фотографија на Јавниот обвинител Коцевски и министерот за внатрешни работи Тошковски, како потпишуваат меморандум за соработка во борбата против корупцијата, беше горчлива иронија за правдата и симбол на заробена држава, велат од ДУИ.
Интегративците во соопштението наведуваат дека наместо тоа ракување, таа сцена требаше да биде истражна постапка во која министерот за внатрешни работи дава отчет за неговата улога во трагедијата во Кочани.
„Повеќе од една година, ноќен клуб функционирал без лиценца, со целосно знаење на командниот синџир на локалната полиција. И покрај внатрешните предупредувања за сериозни прекршувања – вклучително и присуство на малолетници, употреба на дрога и пиротехника – не беше преземено ништо. Таа негрижа доведе до трагична загуба на над 60 животи и повредување на над 200 лица“, велат од ДУИ.
Се додава дека наместо да покаже чувствителност и да преземе одговорност, министерот Тошковски продолжува да ја избегнува секоја морална или правна одговорност. Ова однесување го зацврстува впечатокот за заробена држава, каде што правдата е селективна и политички контролирана, смета ДУИ.
Партијата го повика обвинителството да постапува независно и со интегритет, без одлагање и без политички влијанија, и да ги истражи сите кои потфрлиле во својата должност да ги заштитат граѓаните.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и Јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Коцевски вчера потпишаа нов Протокол за соработка помеѓу МВР и Јавното обвинителство.
Министерот Тошковски образложи дека документот утврдува јасни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители, во активностите што се преземаат за откривање и гонење на сторители на кривични дела, а во исто време треба да го подобри функционирањето и ефикасноста на кривичниот прогон како дел од кривично-правниот систем.
Македонија
Дел од онколошките пациенти повторно без лекови, СДСМ бара одговорност

Дел од онколошките пациенти повторно останаа без лекови. Oколу еден месец нема биолошка терапија за рак на дојка, а деновиве снемало и за меланом и карцином на бели дробови.
Ана Марјановиќ од Здружението Хема – Онко рече дека причината зошто болните се оставени без терапија се должи на доцнењето со тендерските процедури за годишната набавка и административните кочења.
Од Клиниката, пак, информираа дека процедурата за годишната набавка на терапија е во тек и кон крајот на наредната недела или веднаш после Велигден ќе се потпишат договорите со добавувачите за да почнат да ги носат лековите кои недостигаат.
Утрово стигна реакција од опозициската СДСМ која повика на одговорност.
„Пациентите на Клиниката за онкологија повторно се соочуваат со недостаток на клучни лекови, од кои директно зависи нивниот живот. Иако Клековски јавно ветуваше дека нема да се случи повторно да нема лекови, оваа недела недостасува биолошкиот лек Palbosiklib, недостиг има и на лекот Bevacizumab (Авастин) – терапија што ја примаат голем број пациенти два пати месечно, терапија од која зависи нивниот живот. Кој е сега изговорот на Клековски и на Таравари? Кој ќе понесе одговорност?“, велат од СДСМ.
Се додава дека наместо конкретни решенија и навремена набавка, институциите под раководство на ВМРО-ДПМНЕ се неспособни да обезбедат навреме лекови, луѓето со месеци чекаат на терапија. Недозволиво е, се додава, во 21 век да нема континуирана достапност на основна терапија за најтешките болни.
Македонија
Свлечиште во Битолско блокира пат

РЦУК Битола, известува дека поради настанатото свлечиште на патот што ги поврзува село Долно Дивјаци, Општина Крушево и село Кочишта Општина, Демир Хисар состојбата на патот оневозможува безбеден сообраќај.
Поради тоа привремено, се до решавање на настаниот проблем, за сите категории на возила се забранува движење на дел од истиот патен правец.
Забраната на сообраќајот е објавена преку средствата за јавно информирање и е означена со сообраќајна сигнализација.
РЦУК Битола, исто така, известува дека преку број за итни повици 112 добиена е пријава за срушен ѕид од куќа на улицата Стево Патако бр.5, кој го попречува нормално одвивање на сообраќајот. За настанатата состојба известени се СВР Битола за понатамошно постапување (поставување на соодветна сообраќајна сигнализација и пренасочување на сообраќајот).