Вести
Урнат дел од древните ѕидини на сириски Алепо

Дел од ѕидините на познатата крепост на Алепо, симболот на некогашната финансиска престолнина на Сирија, која е на листата на Светското културно наследство на УНЕСКО е урнат во неделата по експлозија во тунел подметната од страна на една до бунтовничките групи, објавија во неделата официјалните државни медиуми и опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон.
„Експлозиите на бомбите на терористите во тунел во близина на Алепската тврдина разурнале дел од ѕидот на тврдината, која е дел од Стариот град вклучен на листа на УНЕСКО“, објави во неделата државната новинска агенција SANA.
Според агенцијата, терористичките групи ноќта кон неделата подметнале експлозив во тунелот во стариот дел на Алепо, што го предизвикало уривањето на ѕидината која датира од XIII век. Не се прецизира која од радикалните групи кои се активни во делови од градот и неговата околина е одговорна за нападот.
Во изјава за агенцијата AFP, директорот на SOHR Рахман Абдулрахман, кој е главниот информатор на западните медиуми од сириското боиште, потврдил дека имало „силна експлозија која одекнала ноќта кон неделата во тунел во стариот дел на Алепо, вториот по големина град во Сирија. Додал дека „по експлозијата избувнале жестоки судири меѓу припадниците на силите на режимот и бунтовничките групи“.
Алепо, кој порано беше економски центар на Сирија, е поделен од јули 2012 година на сектор под контрола на лојалистите кон претседателот Башар ал-Асад, христијани, шиити и либерални сунити, и опозициските сунитски вооружени сили кои ги држат источните населби кои сега се преземени од Исламската држава. На бунтовниците од октомври 2014 година им се заканува опсада поради напредувањето на владините сили кои се обидуваат да ги спречат правците за снабдување.
Владините сили се сместени во делот од историскиот центар и во познатата Алепска крепост и контролираат околу 60 отсто од градот, додека другите сектори ги контролираат Исламската држава, Џебхат ан-Нусра (Фронтот на победата), Џаиш ал-Исламиа (Војската на исламот) Џаиш ал-Фатех (Војска на победата). Од минатата година исламистичките борци неколку пати подметнуваа експлозии во тунелите за да допрат до позициите на војската во стариот дел од градот, уништувајќи притоа многу знаменитости, меѓу нив и познатиот хотел „Карлтон“ кој беше тешко оштетен на 8-ми мај 2014 година./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.