Македонија
УБК следела најмалку 4.300 телефониски броеви, прислушувањето продолжило и во 2016 година
Десет лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, во период од 2008 до 2016 година, незаконски прислушувале околу 4.300 телефонски броеви за кои немало судска наредба и уште 1.500 кои биле прислушувани надвор од периодот одреден за следење со судска наредба.
Како што објави Специјалното јавно обвинителство во петок на прес-конференција, биле следени телефонските броеви на новинарите Борјан Јовановски, Мери Јордановска, Горан Михајловски, но и на лицата обвинети во случајот „Пуч“, лидерот на СДСМ Зоран Заев, поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска и службеникот од Општина Струмица, Бранко Палифров.
Со незаконското следење телефонските комуникации од 2008 до 2015 ниту им се почитувани приватноста на прислушуваните, ниту е гарантирна тајноста на податоците, иако државата според Уставот има задача да ги заштити од незаконско прислушување нејзините граѓани, појасни специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Се злоупотребувале системите за следење на комуникациите од Управата за безбедност и контраразузнавање од службените лица кои работеле таму, а се платени од Буџет.
Десет лица вработени во УБК од највисоките структури до пониски позиции кои како соизвршители извршиле злоупотреба за службената положба.
„Постои основано сомнение дека осомничените лица на штета на средства од државата со злоупотреба на системите за прислушување потешко ги оштетиле правата и слободите на граѓаните“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.
Појасни дека најмалку 4.286 телефонски броеви биле незаконски прислушувани за кои воопшто не биле издадени судски наредби, а дополнително 1.541 телефонски број за кои во одреден период имало судска наредба за следење, но биле прислушувани и вон таа рамка, што значи вкупно најмалку 5.827 телефонски броеви. Можеби таа бројка се чини мала споредено со изјавите на Зоран Заев кога ги објави прислушуваните материјали, но треба да се има предвид дека на тој начин се прислушувале и други кои не биле основен таргет, но се јавиле на некои од тие телефони.
Предмет на истражување на СЈО биле работењето на системите за следење на комуникациите во УБК од 2008 до 2015 година, при што во тој период во употреба биле три различни системи, а во однос на тоа кој систем бил во употреба биле прислушувани различни случаи.
Тројца од обвинетите спротивно на законските прописи давале нареби да се внесуваат броеви во системите за кои немало судски наредби, а внесувале и сами.
Првоосомничениот кој бил на раководна позиција иако немал законско право издавал наредби за лица од блиското окружување, но и приватни лица, како и лица од политичката и бизнис, но и новинарската фела.
Второосомничениот, раководител на оддел УБК, заедно со првоосомничениот и самостојно спротивно на закон за следење на комуникација го организирале процесот на незаконско прислушување.
Освен што давал наредби за телефонски броеви и самиот внесувал телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби и слушал разговори. Третоосомничената како раководител на сектор по насоки на второосомничениот проследувала телефонски броеви кои требало да бидат внесени во системите со налог до кој краен корисник да ја следи таа телефонска комуникација, а најчесто тоа биле прво и второосомничниот.
Двајца од останатите осомничени ги внесувале телефонските броеви во системот, останатите осомничени транскрибирале разговори за прво и второосомничениот.
Ова го забележало лице вработено во УБК, кој потоа прибавил дел од аудиозаписите од незаконските прислушувања и транскрипти, ги предавал на друго лице, а преку трето лице на лидерот на една политичка парија, кој, пак, ги предаде во СЈО.
„Една од последиците е потешката повреда на правата на лицата чии комуникации се следени без судска наредба, од кои дел веќе побарале отштета“, појасни Фетаи.
Таа ги наброи новинарот Борјан Јовановски, Мери Јордановска и Горан Михајловски прислушувани од 2013 до 2015 година
„Ова ќе има импликации врз предметот „Пуч“, рече Фетаи, во кој осомничени се Зоран Верушевски, Соња Верушевска, Бранко Палифров и Зоран Заев.
Во рамки на предистражната постапка произлегло дека дел од обвинетите биле незаконски следени пред издавање на судски наредби, па така Зоран Верушевски незаконски е прислушуван 600 дена пред судска наредба, Соња Верушевска 816 денови, Бранко Палифров 90 дена пред судска наредба, а Зоран Заев 1.150 денови од кои најголем дел пред судска наредба и околу година по судската наредба на едниот телефон, а на другиот број 400 денови.
По објавувањето на `бомбите` од страна на опозицијата, прислушувани разговори на високи функционери, тие беа обвинети за „шпионажа“ и „насилство спрема државни функционери“. Заев во рамки на случајот „Пуч“ е обвинет дека го уценувал Груевски со снимките од прислушуваните разговори и барал да бидат одржани избори.
Незаконското следење на телефонските комуникации е вршено со злоупотреба на системите во УБК, со тоа што уништените системи ја отежнале истрагата, појасни Фетаи.
Постои сомнение дека незаконското следење продолжило и по обелоденувањето на „бомбите“, а според системот користен до 31.12.2015 произлегува дека биле следени 138 телефонски броеви. „Доказите покажуваат дека процесот на злоупотреба продолжил и во 2016 година“, рече Фетаи.
„Уништувањето на двата системи кои биле во употреба од 2008 до 2015 значително го отежна истражувањето, но тоа се истражува во рамки на предметот „Тврдина“, додаде Фетаи.
Најави и дека се води предистражна постапка за уништувањето на архивираните материјали, но бидејќи е предистражната постапка тајна, не изнесе повеќе детали.
Обвинителката Ленче Ристовска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека не поседуваат докажи дека незаконското прислушување било вршено од странски служби и жолти комбиња. /крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Македонија
Градот Скопје обезбедува сопствен стан, шелтер центар за заштита на жртвите од родово базирано насилство
На денешната седница на Советот на град Скопје беше донесена одлука со која се отвора можност еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Овој простор ќе овозможи итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје практично ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство. Оваа мерка претставува важен чекор напред во градењето на систем кој обезбедува сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот веќе ги подготви сите неопходни услови за објава на јавниот повик, кој ќе биде наменет за организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.
Со ова започнуваме нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење, со цел изградба на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара.
Македонија
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговараше за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот оствари и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви. На средбата беше разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
Учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.

