Македонија
Груевски најави нови 600 млн евра за земјоделците
Нови 600 милиони евра субвенции за земјоделците, 60 отсто кофинансирање за осигурување на посевите и 80 отсто за покривање на трошоците за инсталирање на системот „капка по капка“ најави во вторникот Никола Груевски челникот на ВМРОДПМНЕ кој е носител на кандидатската листа во Изборната единца број 4 во текот на неговата посета на Општина Могила.
Во Македонија изминативе години активно се работи на развој на земјоделството, истакна Груевски, посочувајќи ги како мерки кои придонеле за таа цел субвенциите и инвестициите во руралните средини.
„Со нас знаете на што сте, со нас сте на сигурно и за вас и за вашето семејство, но на сигурно и за Македонија. За Македонија унитарна и суверена, а не кантонизирана и распарчувана. За Македонија каква што ја сака народот и за Македонија со влада која одговара и дава отчет пред народот“, порача лидерот на коалицијата којашто ја предводи ВМРО ДПМНЕ.
Пред жителите на Могила, Груевски го презентираше и проектот „Рурални развојни зони“ со кој се предвидува секој граѓанин кој ќе сака да почне нов бизнис во следните десет години да биде ослободен од персонален данок на доход и данок на добивка, 50 проценти да не плаќа од придонесите за здравствено и пензиско осигурување, а за секој нов вработен да добие финансиска поддршка од 2.000 евра и за целата нова инвестиција што ќе ја направи ќе добие 10 отсто грант од државата.
Груевски во продолжение на средбата со граѓаните посочи дека меѓу клучните проекти за Пелагонија е топлификацијата на регионот со користење на топлинската енергија од РЕК Битола, а од што бенефит ќе имаат индивидуалните корисници, но и земјоделците бидејќи со таа енергија ќе ги затоплуваат оранжериите. И општините Новаци и Могила ќе бидат вклучени во проектот за развој на руралните зони, со што фирмите ќе добијат бенефиции поголеми од оние во слободните индустриски зони, додаде.
„Цела Македонија ќе стане слободна економска зона. Значи, сето она што го има во зоните ќе го има и тука. Се даваат такви можности што бројката од 70.000 нови работни места колку што се предвидуваат за следните четири години, најверојатно ќе се надмине“, рече Груевски.
Кажа дека во изборната програма на неговата партија е предвидено и темелно чистење на коритото на Црна Река, реконструкции на локални и регионални патишта, нови спортски сали, модуларни училишта и градинки. Груевски, исто така, најави инвестиции и во хидросистемот Стрежево, со што ќе се обезбеди вода за седумте населени места во овој регион, и наводнување на три илјади хектари земјиште. Покрај тоа, се планира и 60 отсто покривање на трошоците за набавка на механизација за земјоделците, наместо досегашните 50 проценти. /крај/мф/аш
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Одбија Законот за 600 евра плата да биде на дневен ред, сакаат авион за Мицкоски“, велат од СДСМ
„Пратениците од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, на вчерашната собраниска седница застанаа против работниците: одбија Законот за минимална плата од 600 евра да биде ставен на дневен ред“, велат од СДСМ.
„Иако СДСМ го поднесе предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што согласно Деливникот целосно беше исполнет условот точките поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на вчерашаната седницата.
Додека работниците протестираа пред македонското Собрание, внатре во собраниската сала беа понижени од пратениците на тендер коалиција ВМРО-ЗНАМ
Затоа, во знак на протест пратениците на СДСМ ја науштија седницата.
Барањата на претставниците на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра или 36.960 денари се реални и издржани. Во буџетот има пари, само со пренамена на две категории се обезбедуваат 200 милиони евра, доволно да им се излезе во пресрет на работниците.
Но, владата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака да ја покачи минималната плата, го избра сопствениот луксуз наместо потребите на работниците.
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.

