Македонија
Груевски порача дека на 11-ти декември се носи одлука „за Македонија“
Изборите на 11-ти декември ќе бидат еден вид одлука за Македонија којашто не потклекнува пред сценарија кои ги изготвиле некои, порача челникот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот во Кавадарци во средата вечерта.
„На овие избори секој носи многу важна одлука. Прво, ова е одлука за тебе. За секој од вас. За тоа кој ќе ти овозможи подобар живот тебе и на твоето семејство. Кој има подобра програма со конкретни мерки, програма која е реална и нуди решенија за твоите секојдневни проблеми и за која знаете дека со сигурност ќе ја реализира. И второ, овие избори се и еден вид друга одлука. Одлука за Македонија. За Македонија која не потклекнува пред уцени и не потклекнува на сценарија кои ѝ ги изготвиле некои“, рече Груевски на предизборниот собир на Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски истакна дека Македонија „е силна и нема да дозволи да ја држат под постојана тензија, да ја редефинираат“ и променат на полошо или, пак, да си поигруваат со неа и со извесноста на нејзината иднина, со нејзиниот суверенитет и со нејзината државност.
„Македонија која сака да оди напред верувајќи во сопствените капацитети и во сопствените вредности. Македонија во која живее горд и достоинствен народ, кој е мудар и многу добро знае да препознае што се случуваше сиот изминат период. И народ кој никој не смее да го потценува. Силата на нашиот народ ни даваше и нам сила да истраеме да издржиме и да бидеме подобри, убедени дека народот знае каква иднина за себе посакува, и кој може таква иднина да му обезбеди. Иднина на развиена економија, на подобар стандард, на нови работни места, на фокусирање и решавање на реалните проблеми на луѓето“, рече Груевски.
Додаде дека бидејќи суштината и смислата на делувањето на сите политичари, според него, е подобар живот за граѓаните, отворање работни места, посочувајќи притоа дека неговата влада овозможувајќи ја инвестицијата на „Дрексел Мајер“, кој вработи повеќе од 5.600 луѓе, односно наоѓање можности за луѓето и решавање на нивните проблеми.
„Ние знаеме кои се очекувањата од нас. Веруваме во тебе и веруваме во Македонија. Тука сме да ги штитиме вашите интереси, да ги штитиме интересите на државата. Време е Македонија да продолжи да оди напред! Доста беше криза! Доста ја влечеа државата надолу! Време е да се остави конфликтноста и поделеноста зад нас и да продолжиме напред со силно темпо“, порача Груевски.
Поради тоа, продолжи лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тој е уверен дека граѓаните ќе умеат да препознаат кој може да стори повеќе за подобрување на животниот стандард.
„.. Со кого ќе бидете посигурни дека нема да ве изневери и да ве излаже, знае што е подобро за тебе и за твоето семејство, знае што е подобро за Македониј… Знаете што е подобро за Македонија, и на 11-ти декември сите вие, знам дека ќе го кажете тоа и ќе изберете влада која ќе ја води земјата напред во нови успеси“, заклучи Груевски./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.

