Македонија
ДИК потсетува на Кодексот за фер и демократски избори
Во тек е политичката кампања, а од Државната изборна комисија ги потсетуваат политичките партии на што се обврзаа кога го потпишаа кодексот за фер и демократски избори.
Врз основа на член 8-в од Изборниот законик, политичките партии учесници во предвремените избори на пратеници во Собранието на Република Македонија закажани за 11 декември 2016 година го потпишуваат овој Кодекс за фер и демократски избори.
„Избори кои се фер и демократски и ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење придонесуваат за демократски развој на општеството. Сите учесници во изборите со своите активности го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем на Република Македонија. Сознанието дека заедно учествуваме во процесот на одржување на високото ниво на демократија за нас, политичките партии учесници во предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија закажани за 11 декември 2016 година, е од непроценливо значење.
Токму затоа, се согласивме и го потпишуваме овој Кодекс за фер и демократски избори. Свечено се обврзуваме и си ветуваме еден на друг, но и на сите граѓани на Република Македонија, дека ќе се придржуваме и активно ќе го промовираме овој Кодекс.
Ние, учесниците во изборниот процес се обврзуваме дека ќе ги почитуваме сите закони, правила и прописи на Република Македонија кои се релевантни за изборите и ќе го почитуваме владеењето на правото при организирањето и спроведувањето на изборите.
Ние, учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваме дека нема да вршиме никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.
Ние, учесниците во изборниот процес, исто така, недвосмислено се обврзуваме дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на било каква закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на било која политичка партија или кандидат“, стои во Кодексот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен ветер ја зафати Битола: на неколку локации предизвикани штети
Силен ветер попладнево ја зафати Битола, според објавија надлежните во овој град.
Ветерот според информациите предизвикал штети на неколку локации.
„Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и екипите на јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“ и ТППЕ Битола, постојано се на терен, по силниот ветер кој денес ја зафати Битола и сеуште предизвикува штети на повеќе локации.
Екипите дејствуваат координирано на повеќе места, а ќе останат на терен се до расчистување на сите локации“, соопштија од општинската управа.
Македонија
Сиљановска Давкова ја прими Шекеринска: единството и консензусот меѓу носителите на највисоките функции се клучот за успехот и афирмацијата на државата
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО.
За обете важната функција е не само лично, туку и државно признание, доказ дека единството и консензусот меѓу носителите на највисоките функции се клучот за успехот и афирмацијата на државата.
Претседателката изрази уверување дека Шекеринска, ќе даде значаен придонес во остварувањето на клучните цели на Алијансата: унапредувањето на колективната безбедност, зајакнувањето на солидарноста меѓу сојузниците и справувањето со современите закани.
Со изборот на Радмила Шекеринска на високата функција во НАТО, Алијансата јасно и отворено ја манифестира свеста за важноста на регионот, како и посветеноста кон него.
Македонија
Мицкоски на средба со Вучиќ и Вучевиќ: Мора да создаваме мостови за економска и политичка соработка со сите соседи
Премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека остварил средба со премиерот на Република Србија, Милош Вучевић и со српскиот претседател Александар Вуќиќ.
„Интензивната комуникација меѓу двете влади отвора можност за економска и политичка соработка.
Средбата се одржа во духот на традиционално добрите односи меѓу двете земји, со акцент на зајакнување на билатералната соработка и реализирање на заеднички регионални проекти.
Разговаравме за подобрување на соработката во енергетиката, економијата и транспортната инфраструктура, како и за заедничките напори за справување со регионалните предизвици“, објави Мицкоски по средбата со српскиот премиер.
Појасни дека имал средба со претседателот на Република Србија, Александар Вичиќ.
„Двете држави немаат отворени прашања, а односите се базираат на меѓусебно почитување и пријателство. Мора да создаваме мостови за економска и политичка соработка со сите соседи и да градиме иднина за нашите граѓани“, напиша Мицкоски за средбата.