Македонија
Груевски во Василево презентираше нови проекти за земјоделството
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во 4. Изборна единица, Никола Груевски денеска пред жителите на општина Василево ја презентираше Изборната програма за следниот четиригодишен период во која, како што рече, голем дел е посветен на развојот на земјоделството.
Тој нагласи дека станува збор за крупни проекти со кои имаат сериозна намера да го зајакнат македонското земјоделство како во поглед на квалитетот, така и во поглед на извозот и македонскиот земјоделец да стане конкурентен на пазарот.
Груевски посочи дека во Програмата се предвидува поддршка за отворање органски продавници со тоа што 50 проценти ќе бидат финансирани трошоците за опрема до максимални 60.000 денари, а исто така се предвидува и 50 проценти поддршка за производство и употреба на зелена енергија и за заштита на квалитетот на земјоделските производи.
Како дел од Програмата, тој ги презентираше и проектите со кои се предвидува 60 процентно финансирање за набавка на нова земјоделска механизација, како и 60 процентна поддршка за осигурување на земјоделските посеви, притоа апелирајќи до земјоделците да ја искористат оваа можност и да ги осигуруваат своите посеви во услови кога се повеќе се очекуваат поплави и суши.
Ова не се само предизборни ветувања, туку ова е долгорочна стратегија каде ќе се движи нашето земјоделско производство. Верувам дека тоа е правецот по кој треба да се движи македонското земјоделство во наредните години. Чекор по чекор луѓето ќе ги користат мерките и ќе се менува структурата на македонското земјоделство, истакна Груевски.
Пред жителите на Василево беа презентирани и придобивките од проектот „Рурални развојни зони“, 80 процентната финансиска поддршка од државата за инсталирање на системот „капка по капка“ и исто толкава финансиска поддршка за набавка на високоприносен добиток.
За подобро искористување на ИПАРД средствата се планира формирање на фонд кој ќе обезбеди гаранцијаза хипотеката на земјоделските кредити во висина од 50 проценти од износот, а со 50 проценти ќе се субвенционираат каматните стапки за ИПАРД инвестициите.
Како дел од Програмата, преку проектот „Агро-тирз“ се предвидуваат и голем број поволности за отворање центри за откуп и дистрибуција на свеж зеленчук и овошје.
Осврнувајќи се на проектите што се планираат во општина Василево, Груевски ги спомена реконструкцијата на браната „Турија“ со што ќе се овозможи наводнување на поголеми површини, потоа реконструкција на патишта, изградба на нова детска градинка и две кошаркарски игралишта./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

