Македонија
Укината забраната за движење на камиони на Ѓавато, Маврово и Деве Баир

Забраните за тешки товарни возила на патните правци крак Маврово- Дебар, Крива Паланка- граничен премин Деве Баир и Ресен- Битола на превој „Ѓавато“ се укинати, информираат од Авто мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Сообраќајот на патните правци низ државата се одвива повлажни коловози, на повисоките места наместа со остатоци од кашест снег.
Во клисурите и усеците можна е помала појава на одрони, особено на патните правци: Кочани-М.Каменица-Делчево, Виница-Берово, Гостивар-Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија-Удово, Катланово-Велес, Крушево-Демир Хисар и Ресен-Буково.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Скајтракс“ го рангираше скопскиот аеродром меѓу првите 10 во Источна Европа

Реномираната авијациска организација Скајтракс (Skytrax) го рангираше Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, меѓу најдобрите 10 аеродроми во регионот на Источна Европа, во рамки на својата програма наречена Светски Аеродромски Награди (Skytrax World Airport Awards).
Наградите кои Скајтракс ги доделува според гласовите на патниците, беа објавени на авијацискиот саем „Пасинџер Терминал Експо“ кој се одржа во Мадрид, Шпанија, каде што се собраа над 2.000 професионалци од авиоиндустријата, од повеќе од 120 земји во светот. Најдобрите аеродроми во Источна Европа за 2025 година, според Скајтракс се: 1. Будимпешта; 2. Софија; 3. Тбилиси; 4. Талин; 5. Рига; 6. Кутаиси; 7. Белград; 8. Букурешт; 9. Батуми; 10. Скопје.
„Како ТАВ Македонија оваа година ја славиме нашата 15-годишнина, што значи дека веќе 15 години посветено работиме со цел да им го понудиме најдоброто патничко искуство на нашите патници. Во рамки на Светските Аеродромски Награди на реномираната организација Скајтракс оваа година со Меѓународниот Аеродром Скопје влеговме меѓу најдобрите 10 аеродроми во Источна Европа. Навистина сме среќни поради ова признание и ќе продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на аеродромските услуги и целокупното патничко искуство”, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Покрај Меѓународниот Аеродром Скопје, уште 7 други аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП, беа признати меѓу најдобрите аеродроми во светот, во рамки на наградите. Тоа се аеродромите во: Алмати – Казаxстан, Анкара и Измир – Турција, Батуми и Тбилиси – Грузија, Рига – Латвија и Медина – Саудиска Арабија.
Наградите на Скајтракс (Skytrax), наречени Светски Аеродромски Награди (World Airport Awards), се одредуваат преку резултатите од истражувањето за мислењето на патниците, кое беше направено од август 2024 до февруари 2025 година, односно во период од шест месеци. Притоа луѓе од над 100 различни националности оценуваа 575 аеродрома во светот, преку клучни индикатори за квалитет, опфаќајќи го патничкото искуство од услугите и од производите коишто се нудат на аеродромите.
Светските Аеродромски Награди се независна програма на авијациската организација Скајтракс кои функционираат од 1999 година и претставуваат глобален репер за совршеност на аеродромите.
Македонија
Муцунски на Делфи Економскиот Форум упати благодарност до Грција за помошта по трагедијата во Кочани

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес учествува на Делфи Економскиот Форум што се одржува во Грција, каде се обрати на панел-дискусија на тема: „Дали ЕУ – САД алијансата е надвор од поправка?“
Во своето обраќање, министерот се осврна на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, важноста на регионалната соработка, стабилноста на регионот, стратешкото партнерство во рамките на НАТО, како и на соработката со САД и трансатлантската поврзаност, извести Министерството за надворешни работи.
Притоа, министерот Муцунски ја истакна важноста на регионалната поддршка, која особено се манифестираше по трагедијата во Кочани, упатувајќи искрена благодарност до Грција за покажаната солидарност и медицинска помош.
Министерот нагласи дека проширувањето на Европската Унија не е само економска и трговска неопходност, туку предуслов за политичка и безбедносна стабилност на целиот континент. Тој порача дека е неопходно да се обезбеди јасен и опиплив пат напред за регионот, кој ќе го врати кредибилитетот и ќе ги исполни очекувањата од процесот на европска интеграција.
Во однос на улогата на САД, Муцунски ја подвлече нивната клучна улога како инвеститор – не само во политичката и безбедносната, туку и во економската стабилност на регионот – истакнувајќи дека САД се меѓу највидливите и најсилните поддржувачи на процесот на проширување на Европската Унија, се додава во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Македонија
Градоначалникот Стефковски: Изминатите три години успеавме да го вратиме спортот насекаде низ општина Гази Баба

Вчеравечер се одржа првиот тематски настан на тема „Гази Баба за спортот“ на кој беа презентирани постигнатите резултати во областа на спортот во мандатниот период 2021 – 2025 година под раководство на градоначалникот Бобан Стефковски.
Пред присутните во своето обраќање, градоначалникот Стефковски ги истакна реализираните проекти во оваа област, а вооедно и ја најави реализацијата на проектите кои ќе следуваат во следниот период.
„Изминатите повеќе од три години успеавме да го вратиме спортот насекаде низ општина Гази Баба. Инвестиравме во спортската инфраструктура како никогаш претходно. Изградивме 27 спортски терени на најсовремена тартан подлога, а во деновите пред нас ќе изградиме уште 8 нови терени со тартан подлога. Изградивме и 5 спортски терени на подлога од вештачка трева, а за скоро од денес ќе изградиме уште 3 нови терени. За прв пат во општина Гази Баба изградивме 6 фитнес зони, а наскоро ќе изградивме уште 3 нови зони. Преку изградбата на нови училишни спортски сали обезбедуваме услови за реализација на часовите по физичко и здравствено образование. Изградивме училишни спортски сали во Булачани и Стајковци, а во тек е изградбата на нова сала во Црешево. Дополнително изградивме и два нови спортски комплекси во Стајковци и Хиподром кои соддржат терени за различни категории на спорт. Посебно сакам да ја истакнам финансиската поддршката која ја доделува општина Гази Баба на спортските клубови и индивидуалните спортисти. Во изминатите четири години доделивме 40 милиони денари директна финансиска поддршка за спортот во општина Гази Баба“, истакна Стефковски.
Тој пред присутните наведе дека сите спортски клубови и спортисти од Гази Баба се дел од победничкиот тим кој тој го предводи.
„Денес сите ние сме тука како еден голем победнички тим. Во нашиот тим се клубовите од сите категории на спортови, тренерите и играчите, таеквондистите и каратистите, фудбалерите, кошаркарите и други. Тука се и учениците и наставниците. Заедно тренираме и се натпреваруваме, едноставно заедно победуваме. На спортските терени има спортисти кои доаѓаат од различни средини, зборуваат на различни јазици и одат во различни храмови. Но сите овие разлики стануваат неважни, бидејќи сите ние заеднички во победите се радуваме, а во поразите тагуваме“, заклучи Стефковски.
На настанот беа доделени плакети на спортисти од општината кои во изминатиот период имаат постигнато врвни спортски успеси во Република Македонија но и надвор од неа. Плакети во знак на признание добија: Милијана Релиќ, Александар Илиевски, Марко Стојковиќ, Теодор Николовски, Андреј Митревски и Максим Митровски.
За успешна соработка во изминатите години, беа доделени плакети и на претседателите на ракометната федерација, таеквондо федерацијата и атлетската федерација на Македонија, како и на селекторот на ракометната репрезентација на Македонија Кирил Лазаров.
На настанот присуствуваа претставници на сите спортски клубови, спортисти, пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на Советот на општина Гази Баба и други граѓани од општината.