Скопје
Нови покриви за 100 индивидуални и колективни објекти во Карпош
Општина Карпош од среда започна со испорака на материјали за покривна конструкција за индивидуални и колективни објекти.
Локалната самоуправа им помага на граѓаните кои аплицирале за промена на старите со нови покриви, со бел пластифициран ребрест лим, штафни и парна брана, како и комплет штрафови со капички и гуми за колективните станбени објекти.
Општината обезбедува исти материјали, но без штафни и парна брана и за индивидуалните објекти на територија на Карпош. Одлуката за фирмата која ќе го обновува покривот, е обврска на станарите. Досега пристигнати се околу 100 барања за промена на покривите, но, одобрение добија 21 индивидуален објект, како и 12 колективни станбени објекти. За останатите се чека комплетирање на целосната документација.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски беше присутен меѓу граѓаните во Карпош 4, од каде што и започна испораката на материјалите за обнова на покривите.
„Општина Карпош започна со испораката на лимот за менување, односно за покривање на колективните станбени згради и индивидуалните објекти. Испорачан е материјал за една куќа на улицата Прашка 16, а исто така, во моментов, се врши испорака и на улицата Волгоградска број 8 за колективна станбена зграда. Имајќи во предвид дека истата зграда е земена за реконструкција со термичка фасада, тоа значи дека оваа зграда ќе биде подготвена и заштитена за наредните 30 години. Лимот е исклучиво бел, бидејќи се намалува топлината за одреден степен којшто се создава во текот на летниот период“, рече Јакимовски.
Тој апелираше до сите граѓани на Карпош да аплицираат во наредниот конкурс за обнова на покривите.
„Ги повикувам сите оние граѓани и куќни совети, по јануари, откако ќе го распишеме новиот конкурс за реконструкција на покриви и за поставување на нови, да аплицираат во локалната самоуправа. За овие се уплатени средствата во фирмата, за сите објекти кои треба да се реконструираат и истата започна со вршење испорака. Очекуваме од граѓаните совесно да се однесуваат кон доделениот материјал и тоа да се заврши во најбрз временски период. За овој проект имаме одвоено околу 17 милиони денари, или околу 300 илјади евра. Продолжуваме и наредната година, сакаме сите покриви кои се азбестни во период од шест до седум години да се променат и да нема ниту еден азбестен покрив, без разлика дали станува збор за колективна или индивидуална зграда“, изјави првиот човек на локалната самоуправа. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Во текот на јануари се отстранети 𝟤𝟩𝟨𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на првиот месец од 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, известуваат од Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, беа отстранети и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.

