Македонија
ДКСК отвори предмет за вработувања пред изборите
Државната комисија за спречување на корупцијата ќе бара дополнителни објаснувања и информации за конкурсите за вработување што ги објавиле по распишувањето на претстојните парламентарни избори Министерството за правда, Македонска пошта, а.д. Скопје, ОУ „Страшо Пинџур“ од општина Карбинци и Театарот за деца и младинци.
На јавна седница, во среда, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ги разгледуваше приговорите против овие институции поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ, а според кои, со објавените огласи е прекрешен член 8а од Изборниот законик. Со тој член е пропишано дека во изборниот период се забранува почнување постапка за вработување нови лица или престанок на работа, а почнатите постапки се ставаат во мирување, освен ако не станува збор за итни и неодложни работи, а подносителот на приговорите смета дека е прекрешен и член 16 а од Законот за спречување корупција.
Членовите на Антикорупциската комисија го отфрлија приговорот што до нив го доставила опозициската коалиција за огласот со кој токму Комисијата ангажирала администратор за информатичка технологија на определено време. Според Комисијата, се работи за веќе оправдана и итна постапка за ангажман на лице на испразнета работна позиција. За тоа работно место биле обезбедени финансиски средства и согласност од Министерство за финансии пред да биде донесена одлуката за распишување на изборите./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Автобусите по неделен возен ред, жичницата нема да работи
ЈСП Скопје извести дека автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема воопшто да работи.
Со оглед на тоа што денот кога се одржуваат парламентарните и вториот круг од претседателските избори е прогласен за неработен за сите граѓани, и автобусите од градскиот јавез превоз ќе сообраќаат по скратен, односно неделен возен ред.
Воедно, жичницата од Средно Водно во врвот Крстовар нема да работи.
Дежурни билетарници од 7 до 14 часот ќе бидат само две, на Транспортен Центар и Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во вечерните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со обилен пороен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 26 степени.
Во Скопје променливо облачно. Попладне и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 25 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно време, на повеќе места нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Дневната температура од четврток ќе биде во опаѓање. Во деновите од викендот условите за нестабилност ќе се намалат.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.