Македонија
Ветени помилувања за затворениците кои ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ

Директорот на затворот Идризово, Живко Пејковски заедно со директорката на санкции Лидија Гавриловска, поткупуваат гласови од затворениците низ цело Идризово и насамо им ветуваат помилувања доколку гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, обвинува Мери Николова, активист за правата на затворениците.
Николова за А1он вели дека оваа информација ја добила од повеќе семејства на осудениците кои се обратиле до неа телефонски и преку пораки.
Според Николова, притисоците од страна на директорот Пејковски кон затворениците започнале заедно со предизборната кампања. Таа вели дека затворениците биле под закана овие притисоци да ги чуваат во тајност и да не ги изнесуваат во медиумите.
„Секогаш имало притисоци кон затворениците да не контактираат новинари, да не се жалат. Но вакви притисоци и методи, со ветување на помилување и слично, започнале со почетокот на оваа предизборна кампања. Не верувам дека некој од затворениците ќе поверува за помилување затоа што, како што целата јавност е сведок преку Собранискиот канал најгласни противници на законот за амнестија што јас го предложив во Собранието беа токму пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Влатко Ѓорчев кој преседаваше со комисијата“, рече Николова.
Поткупување гласови и помилување на затворениците само за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ е противзаконски, Николова смета дека Јавното обвинителство нема да превземе ништо во врска со овој случај исто како што се случуваше и со многу други случаи кои не оделе во прилог на досегашната власт.
Докажаниот активист за правата на затворениците јавно им се обраќа на директорот на КПД Идризово, Живко Пејковски и директорката на санкции, Лидија Гавриловска да не вршат никакви притисоци врз затворениците и да не им го скратуваат нивното демократско право на одлучување./крај/а1он
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Бројот на вработени намален за 17.000 – погубни економски политики на ВМРО-ДПМНЕ

Фрапатни се податоците кои покажуваат дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година во земјава има над 17.000 помалку вработени, обвини СДСМ.
Според партијата, тоа е директен резултат на погубните економски политики, хаосот и несигурноста, како и напуштање на политиките кои ги востастави СДСМ за стабилна и одржлива економија.
„Со оваа неспособна Влада: пазарот на труд се стеснува, продуктивното население е разочарано и заминува, Фондот за пензиско осигурување е под притисок, бидејќи денес 1,63 вработени обезбедуваат една пензија, наместо 1,74 како што беше пред само една година. Владата нема стратегија, нема визија, нема мерки за задржување и отворање на нови работни места“, велат од СДСМ.
Од таму обвинија дека ова се последици од владеењето на Мицкоски и дека се зголемува несигурноста за младите, пензискиот систем се доведува во ризик, а приватниот сектор е оставен сам да се снаоѓа.
Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.