Регион
Започнува предизборната кампања за претседателските избори во Хрватска
На полноќ во Хрватска започнува предизборната кампања за претседателските избори во земјата, а покрај актуелниот претседател Иво Јосиповиќ, кандидати се и Колинда Грабар-Китаровиќ, Милан Кујунџиќ и Иван Вилибор Синчиќ, соопштила Државната изборна комисија на Хрватска, пренесува Hina.
Кандидатот на хрватската Социјалдемократска партија, актуелниот претседател Јосиповиќ е правник и композитор роден на 28-ми август 1957 година, а според политичките ставови е социјалдемократ кој промовира човекови права, како и еколошки вредности и програми.
Кампањата за новиот мандат Јосиповиќ ја започнува со мотото „Тоа е вистинскиот пат“, со предлози за уставни промени како предуслов за спроведувањето на економските реформи, неопходни за економското опоравување на Хрватска. Според него, до економското опоравување на Хрватска може да се дојде само преку структурни реформи на администрацијата и управата. Тој се залага за децентрализација на земјата а ја промовира и новата енергетска улога и големиот потенцијал на Хрватска.
Неговиот противник во претседателската трка, кандидатката на Хрватската демократска заедница, Колинда Грабар Китаровиќ кампањата ја започнува со мотото „За подобра Хрватска“. Китаровиќ е поранешна министерка за надворшни работи и европски интеграции во периодот од 2005-та до 2008-та година, а од таа година па до 2011-та работеше како хрватски амбасадор во САД, и е првата жена која беше именувана како помошник на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија.
Грабар Китаровиќ својата изборна програма ја базира врз решавањето на економските проблеми и истакнува дела главната причина за нејзината кандидатура е тешката економска и социјална состојба во земјата.
За разлика од Јосиповиќ, таа смета дека на земјата не и се потребни нови основи, нити пак нов Устав. Доколку таа победи на изборите, Хрватска ќе ја добие првата жена претседател во својата држава.
Милан Кујунџиќ е претседателскиот кандидат на Сојузот на Хрватска, а по професија е доктор. До 1990-та година не бил член на ниедна политичка организација а потоа станал член на Хрватската демократска партија. Две години подоцна тој станува дел од Хрватската демократска заедница, која ја напушта во јуни 2013-та година и неколку месеци подоцна ја основа партијата Хрватска Зора. Неговото мото е „работа, работа и само работа“.
Четвртиот кандидат во претседателската трка, граѓанскиот активист Иван Вилибор Синчиќ на изборите учествува поради тоа што сака да предупреди на проблемот од неможноста за подмирувањето на долговите и враќањето на кредитите во постоечкиот систем.
Кандидатот на здружението „Жив ѕид“ има 25 години, апсолвент по електротехника, а за време на четирите години на активизам и политичка работа бил организатор на многу акции и иницијативи насочени против почитичките елити.
Како што претходно најавија, претседателските кандидати за време на кампањата ќе ја обиколат цела Хрватска за да им ја претстават својата програма на граѓаните и да ги убедат да гласаат за нив и да им го доделат претседателскиот мандат кој трае пет години. Денот за одржувањето на претседателските избори во Хрватска е закажан за 28-ми декември./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки
Таксистите во Атина најавија 48-часовен штрајк, објави „Катимерини“. Нивното незадоволство произлегува од новите даночни политики и задолжителниот премин кон електрични возила.
Синдикатот на таксистите во Атина (SATA) наведува дека задолжителното воведување електрични автомобили го загрозува опстанокот на секторот, поради недостаток на соодветна инфраструктура за полнење, прифатливи цени на електричната енергија и реални трошоци за возилата. Таксистите оценуваат дека ваквиот потег претставува економско уништување, а не зелена транзиција.
Возачите изразија загриженост и поради недостиг од јасна регулаторна рамка која ги раздвојува такси-услугите од возилата за изнајмување со возач. Според SATA, такси-возилата обезбедуваат превоз од точка до точка, додека приватните компании за изнајмување продаваат време на патување.
Синдикатот тврди дека мултинационалните апликации за споделено возење го нарушуваат пазарот, посочувајќи дека грчките професионалци работат под строг надзор, додека странските компании функционираат без доволна контрола или локална даночна основа.
Таксистите бараат и пристап до лентите за автобуси при превоз на патници, нагласувајќи дека такси-услугите се дел од јавниот превоз и дека ограничувањата ги зголемуваат сообраќајните гужви и негативното влијание врз животната средина. Во однос на оданочувањето, SATA истакнува дека возачите се соочуваат со неправичен третман и растечки трошоци за гориво, одржување и живот, наведувајќи дека секторот повеќе не може да издржи прекумерен даночен притисок.
Фото: pexels
Регион
Вучиќ од Абу Даби: Пандорината кутија е отворена; ќе дадам сѐ за да го зачуваме мирот и нашата земја
Претседателот на Србија Александар Вучиќ им се обрати на граѓаните од Абу Даби, каде што присуствуваше на отворањето на Неделата на одржливост 2026 и се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед.
Вучиќ изјави дека државата мора сериозно да се насочи кон развојот на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека светот влегува во нова ера на големи промени.
„Големи промени се случувале и порано – од 15 век, кога Европа воспоставила доминација благодарение на научните откритија и освојувањето територии. Денес сите гледаат дека доаѓа ново време кое го носи вештачката интелигенција. Ние сме на 39. место во светот според индексите, што е подобро отколку што очекувавме“, рече Вучиќ, пренесе „Б92“.
Тој додаде дека тоа не е доволно и предупреди дека за шест месеци неработење Србија може да падне и на 70. место, нагласувајќи дека мора постојано да се работи и учи.
„Се соочуваме со две работи – огромен напредок и стравот кај луѓето дека ќе ги загубат работните места“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека државата мора да создаде рамка која ќе го поттикне развојот на вештачката интелигенција, но и ќе гарантира дека граѓаните нема да останат без работа. Посочи дека три проценти од енергијата во Европа се трошат на суперкомпјутери и дека ќе биде неопходно зголемување на енергетските капацитети.
„Важно е да го подготвиме теренот за децата што доаѓаат по нас, за да можат рамноправно да се натпреваруваат со другите во светот“, додаде тој.
Вучиќ информираше дека имал кратка средба со шеикот Мохамед бин Зајед и изрази благодарност за гостопримството, додавајќи дека наскоро се надева на добри вести поврзани со НИС.
„Мораме да ги зголемиме капацитетите на ЕПС, но и да склучуваме договори со други за да ги обезбедиме нашите потреби“, изјави српскиот претседател.
Осврнувајќи се на меѓународната ситуација, Вучиќ зборуваше за Гренланд и Иран, оценувајќи дека светот влегува во период на голема неизвесност.
„Не се радувам на ништо од тоа што се случува. Се плашам од времето во кое влегуваме. Пандорината кутија е отворена и повеќе никој не може да ја контролира“, рече Вучиќ, додавајќи дека ќе вложи целосна енергија за да ги зачува мирот и државата.
Тој нагласи дека граѓаните на Србија не треба да се грижат и дека државата внимателно ја следи ситуацијата. Потврди и дека утре ќе има билатерална средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
„Станува збор за двајца лични пријатели. Разговараме како да ја унапредиме соработката. Не заборавајте дека дел од дроновите ги набавуваме од тука“, изјави Вучиќ.
На крајот, тој се осврна и на критиките од дел од медиумите, нагласувајќи дека Србија успеала да издржи и во најтешките моменти, дури и кога 94 дена немало испорака на нафта, без граѓаните да го почувствуваат тоа.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels

