Регион
Една од експлозиите во Истанбул најверојатно ја активирал самоубиец

Бомбаш самоубиец најверојатно ја предизвикал една од двете експлозии во Истанбул во саботата вечерта, изјави за новинарите турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, кој ноќта кон неделата пристигна во Истанбул.
Според прелиминарните сознанија, имало две експлозии. Едната била детонирана спроти објектот „Сузер Плаза“ близу стадионот „Водафон арена“ на кој претходно се одигра фудбалскиот натпревар меѓу Бешикташ и Бурса. Втората одекнала во паркот Мачка, за која полицијата се сомнева дека ја активирал бомбаш самоубиец, изјави министерот.
Сојлу изјави дека во моментов се водат истражни дејствија, и се утврдува точниот број настрадани, но „ги има многу“, додаде и дека ќе го посети местото на настанот и лично ќе се запознае со наодите.
Од истанбулската полиција за медиумите одбиваат да коментираат.
Според податоците на телевизијата Al Jazeera Turk, која се повикува на безбедносни извори, во експлозиите во Истанбул чија цел бил најверојатно полициски автобус, загинале 15 луѓе. Агенцијата Reuters од свои извори објави за 13 загинати, додека телевизијата NTV јави за 38 настрадани.
Засега ниедна милитантна група или организација не ја презема одговорноста за овој бомбашки напад./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Двегодишно девојче најдено мртво на плажа во Грција

Девојче на околу двегоишна возраст е пронајдено мртво на плажа во атинското предградие Палео Фалиро во неделата наутро, пренесуваат грчките медиуми.
На телото на девојчето наишол маж од Египет, кој веднаш ја известил полицијата со повик на бројот за итни случаи 112. Екипа на Брза помош го пренела телото во Детската болница, каде се очекува да биде извршена обдукција.
Во меѓувреме, полицијата ги проверува списоците на исчезнати лица, но засега идентитетот на жртвата не е утврден.
Регион
(Видео) Факели и емоции: „Цесарица“ одекнуваше на фериботот кон Корчула

Три и пол часа по тргнувањето од Сплит, атмосферата на фериботот кон Корчула не стивнуваше. Следеа хитовите на Оливер, а кога бендот ја отпеа „Цесарица“, беа запалени и факели, објави Индекс.хр.
Погледнете ја атмосферата и запалените факели за време на настапот со „Цесарица“:
Регион
Грција бара помош за справување со големите пожари

За активните пожари на неколку различни локации низ целата земја, Грција побара помош од Европскиот механизам за цивилна заштита, со цел да се испратат шест авиони.
Од попладнево, грчките пожарникари водат битка во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во северна Грција, на островите Евија и Китира, како и во јужниот дел на Пелопонез, од бројот 112 за итни случаи беа испратени низа пораки за превентивна евакуација до жителите на зафатените области.
Портпаролот на противпожарната служба информираше дека во сите пожари интервенираат голем број пожарникари заедно со копнени и воздушни средства, но и дека во деловите каде што се пожарите е пријавена штета, чија процена ќе се направи кога ќе заврши гаснењето.
– Сите пожари што избувнуваат овие денови, а особено денеска, брзо се шират, стануваат опасни, а се очекува овие услови да преовладуваат и во наредните денови. Поради оваа причина, нашата земја побара помош од Европскиот механизам за цивилна заштита, со цел да ни обезбеди шест авиони, рече Василис Ватракојанис.