Македонија
Набљудувачите од МОСТ забележале повеќе помали изборни нерегуларности
Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега се забележани повеќе помали неправилности на гласачките места.
Во општина Маврово и Ростуше, член на ИО ги евидентира гласачите кои гласаат во посебен список и истиот го предава на неовластено лице. Во општина Центар Жупа, пак, влегло неовластено лице кое се претставило како партиски набљудувач, но не поседувало акредитација, по што избирачкиот одбор го отстранил од гласачкото место. Лицето останало присутно пред вратата на гласачкото место и ги евидентира гласачите.
Во ОУ „Јане Сандански“ во општина Центар во ходникот било присутно неовластено лице кое на гласачите од ромска националност им укажувало за кого да гласаат. После извесно време лицето бил отстрането од страна на избирачкиот одбор. Во општина Кичево, пак, присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот. Пред други два објекти во општина Кичево во кои се сместени 6 гласачки места присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.
Пред ОУ „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба во кое се сместени 11 гласачки места присутни се неовластени лица кои агитираат. Во општина Чучер-Сандево, неовластено лице агитира пред гласачкото место. Во општина Кочани, 12 гласачи јавно гласале со покажување на своите гласачки ливчиња.
Случаи на фотографирање на гласачките ливчиња се забележани во ГМ 2561, општина Ѓорче Петров каде не реагирал избирачкиот одбор и ГМ 1644 во општина Ресен, каде што имало реакција од избирачкиот одбор и бил направен записник. Фотографирање на гласачкото ливче е забележано и во ГМ 1612, општина Конче, по што избирачкиот одбор го предупредил гласачот дека тоа е незаконски.
Во општина Чешиново-Облешево, активист на одредена политичка партија кој не бил овластен да присуствува на гласачкото место не дозволил член на семјество да му помогне на гласачот и тоа го направил тој. Членовите на избирачкиот одбор реагирале и побарале од претседателот случајот да влезе во записник, по што активистот му се заканил на претседателот дека ако го стори тоа ќе добие отказ од работа.
Во општина Старо Нагоричане, иако слепо лице дошло да гласа заедно со член од семејството кој требало да му помогне, избирачкиот избор не дозволил и на лицето му помогнал член на избирачкиот одбор предложен од политичка партија. Во општина Куманово, откако член на семејството му помогнал на слепо лице да гласа без да побара дозвола од избирачкиот одбор, член на избирачкиот одбор го поништил гласачкото ливче.
Во општина Куманово исто така во три случаи претседателот на избирачкиот одбор не дозволил придружбата да им помага на гласачите кои не можат да гласаат сами и тоа го направил самиот тој. Бил опоменат од членовите на избирачкиот одбор. На истото место избирачкиот одбор не бил информиран дека поседува два изводи од Избирачкиот список. 6 луѓе кои не биле пронајдени во Избирачкиот список за граѓани кои се во РМ биле упатени во ОИК. Кога подоцна сфатиле дека има уште еден извод за граѓани кои се во странство и го провериле, пронашле 3 од 6-те лица на кои претходно не им било овозможено да гласаат.
„Поради тоа, напоменуваме дека на гласачките места има два изводи од Избирачкиот список и доколку гласачот не може да се најде во списокот за граѓани кои се во РМ, избирачкиот одбор мора да го провери и изводот од избирачкиот список за граѓани кои престојуваат во странство. Доколку гласачот не може да се пронајде во ниту еден список, треба да се упати во подрачната канцеларија на ДИК за да провери дали може да гласа на тоа избирачко место или е запишан во друго“, додаваат од МОСТ.
На бесплатната телфонска линија 080 080 080 и на neregulranosti.most.org.mk 15 граѓани пријавија дека не може да се пронајдат во Избирачкиот список.
Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот:
ИЕ 1 – до 11 часот 18,78%, до 12 часот 28,58%, до 13 часот 38,74%
ИЕ 2 – до 11 часот 16,98%, до 12 часот 25,27%, до 13 часот 33,41%
ИЕ 3 – до 11 часот 20,69%, до 12 часот 30,18%, до 13 часот 39,14%
ИЕ 4 – до 11 часот 20,48%, до 12 часот 29,99%, до 13 часот 39,31%
ИЕ 5 – до 11 часот 17,54%, до 12 часот 25,81%, до 13 часот 33,87%
ИЕ 6 – до 11 часот 10,54%, до 12 часот 17,28%, до 13 часот 24,83%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

