Македонија
Хелсиншки Комитет: Низа неправилности и нерегуларности на повеќе избирачки места
Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија во текот на изборниот ден, до 13 часот, забележа низа неправилности и нерегуларности на повеќе избирачки места. Информациите претежно доаѓаат од граѓани но и од набљудувачи на терен, додаваат од организацијата.
Во општина Ѓорче Петров, гласачко место бр. 2556 во средното училиште Кочо Рацин гласањето било прекинато од 8.25 часот до 8.35 часот бидејќи гласач фотографирал ливче со телефон. Гласачот бил приведен од страна на полициски службеници.
Во општина Валандово, гласачко место бр. 0281 гласач фотографирал ливче и откако му било укажано дека тоа не е дозволено, избегал од гласачкото место. Во општина Арачиново, на поголем број граѓани не им било дозволено да гласаат затоа што ги немало на избирачкиот список а поседувале валидни лични карти.
Во општина Кисела Вода, на улица Боте Боцевски, на Роми им се нуделе по илјада денари за да гласаат за ВМРО ДПМНЕ. Случајот е пријавен од страна на граѓанка која го посведочила настанот. Во општина Прилеп, во дом за стари лица Киро Крстевски Платник, личните документи на болните биле задржани од страна на управата на домот и не можеле да го остварат своето избирачко право.
Во општина Неготино, на гласачко место бр. 1219, гласач јавно кажал за кого гласал. Во општина Демир Хисар, на гласачко место со бр. 0624, член на избирачки одбор кој гласа на истото место каде е член на одборот, јавно кажал за кого гласа и гласал надвор од параванот, односно пред сите присутни.
Во Теарце едно гласачко ливче е откинато од кочанот заедно со серискиот број на ливчето. Во општина Струга, на гласачко место бр. 1849, еден гласач откако веќе гласал повторно дошол да гласа уште еднаш. Во општина Штип биле забележани неовластени лица кои ги евидентирале гласачите пред гласачкото место. Во Ново Село едно лице агитирало пред гласачко место и по повикување на полиција избегало.
Во Маврови Анови, на гласачко место (училиште) немало полициски службеници од самиот почеток на гласањето; Во истата општина биле забележани малолетни лица на возвраст од околу 16 години кои терале постари лица да излезат и да гласаат за ВМРО ДПМНЕ. Затвореник во КПУ Штип известил дека не можел да гласа затоа што го немало на избирачки список. Дополнително известил дека во затворот видел луѓе што веќе ја имале издржано затворската казна а сепак гласале како затвореници, додаваат од Хелсиншкиот комитетот.
Во поголем број на општини и избирачки места е пријавувано од страна на граѓани дека ги нема на избирачкиот список иако поседувале валидни лични карти и на претходните изборни циклуси можеле да го остварат своето право на глас. Имаше и такви пријави каде граѓаните се наоѓале на дополнителните списоци кои биле наменети за дијаспората. Од ДИК биле уверувани дека иако се на тие списоци нивните гласови ќе бидат валидни на територијата на Република Македонија. По овие пријави, граѓаните беа советувани да испратат приговори до ДИК, која има законска обврска да одговори во рок од 4 часа, велат од Хелсиншкиот комитет./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

