Македонија
МОСТ: Ситни неправилности во изборниот процес
Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега се забележани повеќе поситни неправилности гласачките места непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од подносители на кандидатски листи и гласачи.
Имено, забележан е во Тетово, на пример член на избирачкиот одбор од политичка партија откинал пет гласачки ливчиња и му ги дал на друг член од политичка партија, кој отишол позади параванот и гласал. Гласачките ливчиња стуткани биле ставени во гласачката кутија.
Имало гласање на погрешно гласачко место, повеќе случаи на траги од невидливо мастило, кај луѓе кои дошле да гласаат првпат, семејно гласање, на местото во Избирачкиот список на гласач кој дошол да гласа веќе било потпишано друго лице, во општина Липково, УВ ламбата не била користена во текот на 1 час.
Во општина Карпош, членот на избирачки одбор од политичка партија го изнесол изводот од избирачкиот список надвор од гласачкото место. Друг член пријавил во полиција по што лицето било отстрането од гласачкото место, а за случајот била известена и ДИК.
Во општина Кавадарци, гласањето било прекинато 30 минути бидејќи еден гласач го скинал ливчето од член на семејството, сакал да ја искрши и кутијата, но бил спречен од избирачкиот одбор. Гласачот го напуштил гласачкото место со скинатото ливче. Била повикана полиција која направила записник и гласањето продолжило, а во општина Демир Хисар, член на избирачкиот одбор од политичка партија ги евидентирал гласачите во посебен список, додека во општина Пробиштип, партиски набљудувач водел евиденција кој гласа.
Забележани се случаи на вршење поткуп на гласачи од ромска националност пред училиштето „Санде Штерјоски“ во Кичево. Откако биле забележани од координаторот и мобилниот тим на МОСТ се префрлиле на друга локација. Едно лице агитирало пред ОУ „Александар Урдаревски“ во општина Чучер-Сандево во кое се сместени 2 гласачки места. Во општина Штип, членови на политичка партија агитирале пред гласачкото место.
Во општина Пласница, син на носител на јавна функција и набљудувач од политичка партија биле на раб на физичка пресметка, била повикана полиција која го отстранила првото лице, но истото останало пред гласачкото место и продолжило да агитира.
Забележани се случаи на фотографирање на гласачко ливче и тоа во Аеродром, во Ѓорче Петров, во Струмица, во Тетово, во Пехчево, во Центар и во Босилово.
Во текот на денот на бесплатната телфонска линија 080 080 080 и на neregulranosti.most.org.mk беа примени 60 пријави за граѓани кои не се запишани во Избирачкиот список./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

