Свет
Божикна елка од 30 метри поставена во Багдад
Во пресрет на божикните и новогодишните празници локалните власти одлучија да ја украсат ирачката престолнина Багдад со божикна елка висока 30 метри, поставена во забавниот пар аз-Завра во центарот на градот, а којашто е подарок од муслимански бизнисмен.
Јасер Саад, изјави за Associated Press дека иницијативата има цел „да се придружиме на нашите христијански браќа во нивното празнување и да помогнеме Ирачаните да заборават на нивната болка“, споменувајќи ја битката за вториот по големина град во земјата Мосул. Според него, реализацијата на оваа иницијатива со божикното дрво чини 24.000 американски долари.
Агенцијата забележува дека христијанската заедница во Ирак постојано се намалува од американската инвазија во 2003 година. Христијаните беа цел на погроми од исламските екстремисти во неколку наврати, а многумина ја напуштија земјата и поради подобри економски можности.
Од соборувањето на Садам Хусеин, кога ги имало 1,4 милиони христијани, во 2016 година ги имало 275.000, според организацијата ADF International. Според нивните процени, населението во Ирак во 2015 година изнесувало 32,6 милиони од кои 98 отсто се муслимани, 1 процент се христијани и 1 отсто се од други религиозни малцинства.
Илјадници преостанати христијани побегнаа и од Мосул и околните области откако во летото 2014 година беа заземени од Исламската држава. Екстремистите им наметнаа на христијаните да плаќаат посебни високи даноци или да преминат во исламот, а често им бил конфискуван имотот.
Неодамна, помали групи христијани се вратија во своите домови во населбите коишто ги ослободија ирачките владини групи, и започнаа да ги обновуваат руинираните и ограбени домови и древни цркви.
Како што пренесува во четвртокот телевизијата Al Sumaria, покрај божикната елка, багдадските власти ја украсиле по целата должина и улицата којашто води до паркот аз-Завра со празнични светилки и различни кукли и играчки. По улицата се поставен и мали елки и убаво осветлената традиционална санка на Дедо Мраза со подароци и ирвасите кои ја влечат.
Од властите на Багдад изјавиле дека иницијативата има цел на сите Ирачани да им се доближи вистинската празнична атмосфера и убаво да се одбележат наближувачките божикни и новогодишни празници. Притоа истакнуваат дека главната божикна „убавица“, чијашто височина заедно со постаментот надминува 30 метри, годинава е најголемата во Ирак.
Освен тоа, жителите на Багдад ги очекува уште едно изненадување од градските власти. Имено, најавен е голем огномет кој ќе започне истовремено во неколку градски квартови.
Сиве овие подготовки за претстојните настани треба да покажат дека и покрај исклучително тешката безбедносна ситуација, постојаните смртоносни терористички напади и борбите со ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава во поголемиот дела од земјата, Ирачаните не заборавила како да уживаат во животот.
Сите градски служби во Багдад се подготвуваат за прилив луѓе во парковите и шеталиштата, а кои покрај украсувањето, како што уверуваат властите, ќе бидат и максимално обезбедувани.
Минатата година во споменатиот багдадски парк, исто така, беше поставена гигантска божикна елка за којашто властите велат дека била највисоката во регионот на Блискиот исток./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ одобри 90 милијарди евра за Украина
Европскиот парламент денеска го одобри пакетот финансиска помош за Украина во висина од 90 милијарди евра, наменет за поддршка на јавните служби и одбранбените капацитети на земјата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави брзото гласање и порача: „Храброста на Украина е непоколеблива. Како и решителноста на Европа да биде на нејзина страна. Денес и утре!“
Средствата ќе се распределуваат преку два главни механизми: 30 милијарди евра: како макроекономска поддршка (макрофинансиска помош или преку инструментот „За Украина“); 60 милијарди евра: за јакнење на украинската одбранбена индустрија и набавка на воена опрема, вклучително и од ЕУ-производители.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, го нарече гласањето „витален спас за Украина“, нагласувајќи дека средствата ќе обезбедат континуитет на јавните служби и ќе ја зајакнат одбраната.
Пакетот сè уште треба формално да го одобри Советот на ЕУ, по што Европската комисија ќе може да ја исплати првата транша, очекувано во вториот квартал од 2026.
Претходно, ЕУ-членките се согласија дека во 2026 и 2027 Украина ќе се финансира преку задолжување на пазарите на капитал, бидејќи не беше постигнат консензус за користење на замрзнатиот руски имот.
Свет
Студент на факултет во Русија уби обезбедувач и рани тројца
Едно лице е убиено, а три се повредени во пукање во технички колеџ во рускиот град Анапа, во Краснодарскиот крај, соопштија властите.
Гувернерот на Краснодарскиот крај, Венијамин Кондратјев, на Телеграм наведе дека обезбедувачот бил убиен додека се обидувал да го запре напаѓачот.
„Засега имаме една жртва, обезбедувачот кој прв го примил ударот. Реагирал брзо и ја повикал полицијата. Го спречил напаѓачот да продре понатаму во техничкиот колеџ“, изјави Кондратјев.
Регионалната канцеларија на руското Министерство за внатрешни работи за Краснодарскиот крај соопшти дека студент отворил оган во холот на образовната установа, при што три лица се повредени.
Напаѓачот бил уапсен од полицијата, се додава во соопштението.
Околностите на нападот засега не се познати, а истрагата е во тек.
Свет
„Човек никогаш не мисли дека вакво нешто може да се случи“ – шок во малата канадска заедница по масовното пукање во училиштето
Алармот во средното училиште „Тамблер Риџ“ се огласил кратко откако Дариан Квист пристигнал на настава. Кога станало јасно дека не станува збор за вежба, матурантот и неговите соученици брзо реагирале.
„Ги зедовме масите и ги забарикадиравме вратите“, изјавил тој за „Си-би-си Радио Вест“, пишува „Си-ен-ен“.
Квист опишал дека тој и останатите ученици поминале околу два часа забарикадирани во училницата. Атмосферата станала уште понапрегната кога некои почнале да споделуваат „вознемирувачки“ фотографии кои, според неговите зборови, прикажувале „што навистина се случува“ во останатиот дел од училиштето, вклучувајќи сцени со крв. Ситуацијата се смирила дури по пристигнувањето на полицијата, која на крајот безбедно ги извела учениците од зградата.
Во меѓувреме, на паркингот пред училиштето чекала мајката на Дариан, Шели Квист. За инцидентот дознала од колега од блиска лабораторија кој ја прашал „дали знае што се случува во средното училиште“. Како што пристигнувале сè повеќе информации, станувала посвесна за сериозноста на ситуацијата.
„Човек никогаш не мисли дека вакво нешто може да се случи“, изјавила таа. Признала дека ја фатила паника која не попуштила сè додека не го видела својот син безбеден, меѓу учениците што биле изведувани од зградата.
Шок во малата канадска заедница по масовното пукање
Во пукањето што го потресе Тамблер Риџ во Британска Колумбија, животот го загубиле девет лица, а 25 биле повредени. Последиците од нападот во оваа мала, рурална заедница во западната канадска провинција длабоко ги погодиле нејзините тесно поврзани жители.
Шест лица биле убиени во средното училиште „Тамблер Риџ“.
„Тешко е со зборови да се опише стравот и ужасот што го чувствувате знаејќи дека сакана личност е во опасност“, изјавил Крис Норбери, локален советник чија сопруга работи во училиштето. Тој истакнал дека Тамблер Риџ досега бил исклучително безбедно место.
„Ние тука не ги заклучуваме вратите. Ова е неверојатно безбедна заедница“, рекол тој.
Градоначалникот Дарил Краковка, кој жителите на градот ги смета за свое „семејство“, изјавил дека лично ја познава секоја жртва.
„Тука сум 19 години, ние сме мала заедница“, изјавил тој.
Локалниот новинар Трент Ернст, кој известувал од терен по нападот, го сумирал општиот шок.
„Секогаш постои чувство дека ваквите работи се случуваат некаде на друго место, не тука. Сега тоа е разбиено“, рекол тој.
Родителите чекаат информации за своите деца
Родителите на децата кои го посетуваат училиштето во кое се случил масакрот се собрале во локална сала каде што чекаат вести, пишува „Би-би-си“.
„Родителите се одведени во месната сала каде што чекаат вести дали ова ги погодило нивните деца. Во толку тесно поврзана заедница, ова е многу тешко за луѓето што живеат таму“, пишува „Би-би-си“.

