Македонија
Владината делегација во Њујорк ги претстави инвестициските поволности
Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во чиј состав се министерот за финансии, Зоран Ставрески и директорот на Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони, Виктор Мизо во понеделникот во Њујорк присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Њујорк е важен трговски и економски центар и претставува најголемата регионална економија во САД со најголем бруто регионален производ. На бизнис форумот кој се одржа во соработка со Фајненшл Тајмс присуствуваа претставници од повеќе компании кои доаѓаат од финансискиот сектор, градежништвото, осигурувањето и трговијата на недвижен имот, прехранбената и преработувачка индустрија, а кои се интересираат и ги разгледуваат можностите за инвестирање.
Премиерот Груевски пред присутните ја нагласи стабилната макроекономска политика и континуитетот кој постои во реформите со цел државата да стане привлечна за странските инвеститори. Истакна дека Македонија има многу поволна бизнис клима која е сериозно подобрена во последните неколку години.
„Во извештајот на Светска банка Дуинг бизнис во 2006 – та година државата беше на 94 место, а денес, во најновиот извештај е на 30-то место, со што државата е рангирана подобро од 16 земји членки на ЕУ, подобра од сите земји од Југоисточна Европа и подобра од речиси сите држави од Централна и Источна Европа”, рече Груевски.
Премиерот истакна дека ваквиот напредок во креирањето на добра бизнис клима беше забележан и од другите реномирани институции кои ги следат економските текови и посочи дека Форбс ја рангира Македонија на 36- то место како најдобра земја за бизнис во светот со што остварен е напредок од 46 места во последните 5 години, а на Индексот за економски слободи според фондацијата „Херетиџ“, Македонија ја подобри позицијата од 78 – то на 43 то место.
Премиерот Груевски посочи дека ваквата добра инвестициска клима веќе ја препознаа некои големи компании меѓу кои и „Џонсон Контролс“ од САД која задоволна од својата прва инвестиција отвори втора фабрика, „Кемет Електроник“ исто така од САД која произведува електронски уреди за автомобилската индустрија, „Амфенол“ од САД, „Џонсон Мети“ од Велика Британија која покрај првата има и втора инвестиција, „Текнохозе“ од Италија, „Ван Хол“ од Белгија која произведува автобуси кои во најголема мера се извезуваат овде во САД, „Дрекселмајер“, „Кромберт и Шуберт“ од Германија и многу други. Исто така, во последните неколку месеци повеќе компании информираа за нивната одлука да инвестираат во државата, а со неколку други сме во интензивни разговори што е потврда за успешната инвестициска клима на која како Влада посветено работиме, посочи Груевски.
Вицепремиерот Зоран Ставрески истакна дека американската економија е во одлична позиција, а Њујорк е центарот на инвеститорите и финансиите во САД и светот и затоа денес на овој бизнис форум се користи можноста пред инвеститорите да се презентираат можностите за отпочнување и водење на бизнис во Македонија.
„Значајно е да се објаснат политиките на Владата во полето на инвестициите, не само во делот на даноците каде што Македонија е најатрактивна дестинација во Европа и меѓу најдобрите во светот, туку и во поглед на квалитетот на работната сила за што има голем интерес и од страна на инвеститорите и е признание дека Македонија располага со квалитетна работна сила, добра инфраструктура, макроекономска политика која што е стабилна и која што подразбира ниско ниво на задолженост на земјата, ниска инфлација и стабилна валута, и предвидливост на владините политики односно долгорочна можност за инвеститорите да планираат и да знаат какви ќе бидат политиките во иднина. Сето ова во пакет презентирано пред компаниите наоѓа на одличен интерес од инвеститорите, и од тој аспект очекуваме во иднина дел од нив да ја посетат Македонија и да имаат реално влијание овие бизнис форуми на заинтересираноста на американските компании за нивните инвестиции во државата”, истакна Ставрески.
Сопственикот на компанијата „Смарт колинг“, Ендру Лоза, која произведува делови од автомобилската индустрија, но и софтвер за редуцирање на зависноста од електричната енергија е заинтересиран да инвестира во Македонија.
„Бараме локација за градење на фабрика и производство некаде во светот. Дојдов на овој форум за да ги дознаам сите предности и поволности кои се нудат: квалитетот на работната сила, даноците, банкарскиот сектор, и доста сум импресиониран, дотолку што планирам да ја посетам Македонија до крајот на годината, најкасно на почетокот на јануари идната година, и да се информирам за тоа колку ќе чини и што е се потребно за да се започне со производство до крајот на следната година”, изјави сопственикот на компанијата „Смарт Колинг“, Ендру Лоза.
Владината делегација предводена од премиерот Груевски ја продолжува економската посета на САД при што по Њујорк, во вторник ќе се обрати на бизнис форум во градот Чикаго./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангелова: Буџетот за 2026 обезбедува зголемени средства за социјална заштита, како и за раст и редовна исплата на пензиите
На денешната седница за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, која се осврна на делот кој се однесува на социјалната заштита и поддршката на граѓаните, истакнувајќи дека цврсто стои зад буџетската рамка, затоа што обезбедува зголемени средства за социјална заштита и поддршка на ранливите категории.
„Предлог Буџетот за 2026 година обезбедува зголемени средства за социјална заштита, и поддршка на ранливите категории – децата, лицата со попреченост, самохраните родители, старите лица и сите кои се соочуваат со сиромаштија и социјална исклученост. Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на платите и пензиите, како и континуирана социјална заштита. Средствата за социјална заштита се проектирани на 206,3 милијарди денари, што е раст од 6,7 проценти. Платите изнесуваат 52,6 милијарди денари, или 7 проценти повеќе во однос на оваа година, во кое е опфатено зголемување на платите со порастот на минималната плата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангелова посочи дека ќе продолжи растот на пензиите и во наредниот период но и дека ќе се продолжи со мерки кои обезбедуваат одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на расходите и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг како и засилена фискална дисциплина и транспарентност.
„Во пензискиот систем се вклучени сите зголемувања реализирани во износ од 5.000 денари во септември 2024 и март 2025 година, како и последното зголемување од 1.000 денари. Растот на пензиите ќе продолжи и во наредниот период, со цел поддршка на стандардот на пензионерите. Со овој Предлог – буџет за 2026 година ќе има засилена фискална дисциплина, поголема ефикасност во капиталните инвестиции, централизирана контрола и транспарентност, јасна процедура за субвенции и трансфери, подобра контрола врз општините, транспарентност во повратот на приходи, редовно известување и отчетност, правна сигурност и предвидливост и поголема одговорност на институциите“, рече Ангелова.
Економија
Битиќи: Новиот буџет носи рекордно задолжување
На денешната комисиска расправа за финансирање на буџет, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи обвини дека предложениот буџет на Владата носи рекордно задолжување и историски најголемо плаќање камати.
„Во 2026 година јавниот долг ќе се искачи над 62% од БДП, со планирано задолжување над 120 милијарди денари и „рекордни 21,27 милијарди за камати“, посочи Битиќи.
Тој нагласи дека парите наместо во развојни проекти се топат во дефицитот.
„Од проектираните даночни приходи од околу 200 милијарди денари, наместо да завршат во училници, операциони сали, лаборатории, патишта и железници, тие ќе исчезнат во јазот на дефицитот и во каматите“, рече Битиќи.
Тој укажа и на сериозно кратење на капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на 40,2 милијарди денари, значително помалку од 47,3 милијарди во ребалансот за 2025.
Битиќи предупреди и на падот на странските директни инвестиции кои паѓаат од 570 милиони евра на 220 милиони евра.
„Средствата за општински инфраструктурни проекти се кратат од 6,3 милијарди на 2,6 милијарди денари, а во технолошко-индустриските зони има само 273 милиони денари. Исто така и евроинтегративните програми се кратат од 4,45 на 3,2 милијарди денари, што е јасен сигнал за оддалечување од ЕУ“ потенцираше Битиќи.
Тој оцени дека 2026 година е подготвена како популистичка или изборна година, со раст на тековните расходи и кратење на капиталните инвестиции.
„Пред нас имаме октроиран буџет на влада која абдицира од фискална дисциплина, транспарентност, инклузивен дијалог и развојна одговорност. Граѓаните заслужуваат да ја видат вистината. СДСМ ја повикува Владата да повлече ваков модел на волунтаризам и да изготви буџет кој ќе биде легитимен по постапката и развоен по суштината.“, посочи Битиќи.
Економија
Министерството за економија: Законските измени ќе придонесат до поквалитетни инвестиции и повисоки плати
Со усвојувањето на измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите во август и со дополнителните измени што треба да се финализираат до крајот на годината, се создава стабилна и транспарентна рамка за стимулирање на поквалитетни инвестиции, соопшти Министерството за економија и труд.
Според Министерството, новите законски решенија ќе резултираат со забрзан економски раст, отворање на нови работни места и раст на продуктивноста, што ќе се одрази и врз повисоки плати и пониска инфлација.
„Нашата цел е преку новите мерки да поттикнеме инвестиции со поголема додадена вредност – инвестиции кои ќе ја развиваат производствената индустрија, ќе воведат нови технологии и иновации и ќе создаваат одржливи работни места“, наведуваат од ресорното министерство.
Законот прецизно ги дефинира субјектите кои можат да користат финансиска поддршка – компании што реализираат почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра во преработувачката индустрија. Истовремено, се исклучуваат субјектите што работат во примарното земјоделство, шумарството и рибарството, како и фирмите што се занимаваат со изградба и продажба на станови и деловни објекти.
Министерството за економија и труд ја води целата постапка – од евалуација и склучување договори до следење на нивната реализација, со што, како што се наведува, се обезбедува континуитет, контрола и отчетност при користење на јавните средства.
Примената на законот започнува на 1 јануари 2026 година, а Министерството очекува конкретни и мерливи резултати, додавајќи дека останува посветено на создавање предвидлива и поддржувачка бизнис-клима за домашните и странските инвеститори.

