Регион
СИРИЗА: Нереално е да се очекува Грција да го врати целиот долг
Нереално е да се очекува дека Грција целосно ќе ги отплати своите долгови, изјавил главниот портпарол за економија на грчката ултралевичарска партија СИРИЗА, која изминатиот викенд победи на предвремените парламентарни избори во земјата.
„Никој не верува дека грчкиот долг е одржлив“, изјавил за BBC, портпаролот на СИРИЗА Еуклид Цакалос.
„Се уште не сум сретнал економист кој навистина верува дека Грција целосно ќе ги отплати своите долгово. Тоа е невозможно“, рекол Цакалос и додал дека лидерите на Европската унија (ЕУ) би требало да покажат дека се подготвени да соработуваат со СИРИЗА, партијата која остро се противи на натамошната примена на рестриктивните мерки на штедење во Грција.
„Европа ќе постане доста чудна и опасна, со многу силни центрифугални политички сили, доколку покаже дека не е подготвена да разговара со новата влада, избрана на демократски одржаните избори“, истакнал портпаролот на СИРИЗА.
„Тоа ќе биде конечен сигнал дека се работи за Европа која не може да прифати нити демократски, нити општествени промени“, рекол Цакалос, сепак додавајќи дека најголемиот страв и ноќна на партијата е „распад на Еврозоната поради банкротот на Грција“.
„Доколку Грција банкротира и излезе од Еврозоната, тогаш Еврозоната ќе се распадне. Ние од почетокот зборуваме дека Еврозоната е во опасност и дека еврото е во опасност, но не поради СИРИЗА, туку поради политиките за штедење“, предупредил Цакалос.
СИРИЗА сака да покрене нови преговори околу условите под кои Грција од меѓународните кредитори доби заем во износ од 240 милијарди евра, но лидерите на ЕУ предупредуваат дека новата грчка владата ќе мора да ги исполни своите обврски кон кредиторите.
Се очекува пак новиот грчки премиер Алексис Ципрас во вторник да ја претстави новата коалициска влада, во чиј состав влегуваат СИРИЗА и партијата „Независнки Грци“. Новата грчка влада во текот на денот ќе положи и заклетва, со што „шокираната“ Европа ќе добие подобар увид во новата грчката администрација, пренесува AFP.
Аналитичарите ја опишале најавената заедничка влада на левицата и десницата како „неприродна коалиција“ и најверојатно краткотрајна, поради тоа што партијата „Независни Грци“ е доста „непредвидлива“, а и двете партии остро се разликуваат во поглед на имиграциската политика.
Меѓутоа и двете партии се противат на програмите на ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд за спасување на Грција, која ги примора Грците на тешки мерки на штедење и ја продлабочи болната шестгодишна рецесија, додава AFP.
Претставниците на Брисел и Берлин порачале дека се подготвени да разговараат со новата влада на чело со Ципрас, притоа инсистирајќи дека Атина ќе мора да ги почитува договорите кои ги постигна со меѓународните кредитори.
Ципрас како премиер за прв пат ќе се состане со останатите европски лидери на самитот на 12-ти февруари, на кој една од темите секако ќе биде судбината на Грција во Еврозоната и одржливоста на нејзиниот јавен долг./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

