Регион
Сириза го зголемува водството
Грчката партија на крајната левица Сириза во вторник, на помалку од една недела пред парламентарните избори, го зголеми водството на изборните анкети од 4,5 на 6,6 отстотни бодови, покажуваат најновите податоци што ги пренесува dpa.
Грчката партија на крајната левица Сириза во вторник, на помалку од една недела пред парламентарните избори, го зголеми водството на изборните анкети од 4,5 на 6,6 отстотни бодови, покажуваат најновите податоци што ги пренесува dpa.
Партијата предводена од Алексис Ципрас најави крај на политиката на строги мерки на штедење и многу реформи, запирање на приватизацијата и нови преговори со Европската унија(ЕУ) околу прашањето на долгот.
На изборите во недела оваа партија, како што сега покажуваат анкетите, би можела да освои 33,5 отсто од гласовите на бирачите.
Конзервативната владејачка партија Нова демократија, која е главен конкурент на сè попопуларната левица, ја ужива поддршката на 27 отсто од избирачите. Партијата предводена од актуелниот грчки премиер Андонис Самарас сака да продолжи со реформите што се дел од пакет на меѓународната помош за стабилизирање на грчката економија.
Социјалистичката партија ПАСОК, која во моментот коалицира со Нова демократија, е на трето место со поддршка од само 5,1 отсто од гласачите.
Грчките и меѓународните аналитичари стравуваат дека победата на Сириза би можела да ја доведе земјата во пат позиција заради противењето кон меѓународните кредитори. Атина кон средината на годината би можела да банкротира доколку со Европската комисија(ЕК), Европската централна банка(ЕЦБ) и Меѓународниот монетарен фонд(ММФ) не постигне договор за новата транша помош. Пакетот помош што во моментот е на сила истекува на 28 февруари.
Ципрас најави дека во случај на победа на изборите ќе свика „должничка конференција“ за простување на долговите, потсетувајќи на простувањето на половина од долговите на Германија во 1953 и на Полска во 1991 година. На тоа решително се противат Германија и ММФ.
Професорот по економија на универзитетот Оксфорд, Симон Врен-Луис смета дека смалувањето на товарот на долгот на Грција, а веројатно и на други места, би и донело на еврозоната многу колективна полза. Простување на долговите заговара и Ханс Вернер Шин, претседател на германскиот економски институт Ифо од Минхен, кој тврди дека е јасно оти Грција никогаш нема да може да го врати целиот долг. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Дали има само еден претседател Вучиќ, интервјуата се чини дека ги даваат сосема различни луѓе“, вели Захарова
Официјалната портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека Москва постојано добивала уверенија од српското раководство дека извозот на муниција е под строга контрола и дека оружје од српско производство нема да биде испорачано во Украина.
„Москва постојано добивала уверенија од раководството на Србија дека извозот на муниција од српско производство е под строг надзор и дека оваа стока нема да биде испорачана во Украина, со цел да се спречи Киев да ја користи против нашите војници“, рече Захарова на редовниот брифинг, коментирајќи ги изјавите на претседателот Александар Вучиќ во интервју за германско списание за подготвеноста на Србија да продава муниција на Европската Унија.
Зборувајќи за изјавите на српскиот претседател, Захарова додаде:
„Знаете, кога ги читам сите тие интервјуа на претседателот на Србија, се прашувам дали навистина постои само еден претседател Вучиќ, бидејќи се добива впечаток дека овие интервјуа ги даваат сосема различни луѓе. Слушаме одредени изјави кога е во Москва, а сосема различни кога зборува од други географски точки. Зборувам само за она што е во јавната сфера. Можеби медиумите погрешно известиле нешто, но во тој случај треба да има објаснување од прес-службата на претседателот“, истакна Захарова, објавија руските државни агенции.
Таа потсети дека руската страна на највисоко ниво постојано слушала гаранции од Белград за почитување на неутралноста и контрола на извозот на оружје:
„Искрено кажано, неколку пати, и на највисоко ниво, добивме изјави од српското раководство дека извозот на српска муниција е строго контролиран и дека оваа стока нема да заврши во Украина, со цел да се спречи нејзина употреба против нашите војници“, нагласи портпаролката на руското МНР.
Таа, исто така, потсети дека „руските војници постојано му приоѓале на помош на братскиот српски народ“.
„Одбивам дури и да ја разгледам не само можноста, туку и самата помисла дека руските војници, кои историски ги дале своите срца – во секоја смисла на зборот, давајќи ги своите животи или изразувајќи љубов и лојалност кон своите српски браќа – би можеле да бидат погодени или убиени од српско оружје, муниција и гранати“, заклучи Захарова, објави РИА Новости.
Претходно, Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) објави дека Белград наводно испратил муниција во Киев, и покрај својата прогласена неутрална позиција. После тоа, Вучиќ изјави дека „сите спорни испораки ќе бидат откажани доколку има сомнежи во врска со документацијата или крајниот корисник“. На 23 јуни, тој објави дека Србија го суспендирала извозот на муниција и дека ќе бидат потребни посебни одлуки за секоја идна пратка во странство, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Шест мигранти загинаа за време на полициска потера во Бугарија, четири лица повредени
Шест мигранти се убиени, а четири лица се повредени за време на полициска потера во близина на градот Бургас на Црното Море, јавува бугарската агенција БТА.
„’Шкода’ со романски регистарски таблички превезувала 10 лица, не застанала кога наишла на полициски контролен пункт и се обидела да побегне синоќа“, изјави началникот на граничната полиција, Антон Златанов, за БТВ.
Шест лица загинале на самото место, а возачот, романски државјанин, и тројца преживеани мигранти добиле медицинска помош, јавува „Ројтерс“. Се верува дека преживеаните се од Авганистан.
Од 2015 година балканските земји станаа главни транзитни рути за бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Авганистан, Азија и Африка, кои бегаат од војни и сиромаштија кон Европската Унија.
Регион
Шести ден штрајк со глад пред Собранието: мајката на жртва од Нови Сад бара правда и избори
Дијана Хрка, мајка на младиот Стефан, кој загина при уривање на натстрешникот во Нови Сад, штрајкува со глад веќе шести ден, а утрово го повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ, лично и јавно да разговара со неа.
„Сега му се обраќам директно на Вучиќ. Ова што се случува е на лична основа. Само нека дојде да ми каже на која лична основа, па ќе му кажам и јас некои работи“, рече Дијана Хрка додавајќи дека се чувствува добро, јавуваат српските медиуми.
Таа, сепак, не очекува Вучиќ да дојде до нејзиниот шатор поставен во близина на српското Собрание.
„Тоа никогаш нема да се случи. Го викам веќе една година, нема тој храброст“, изјави Хрка.
Пред зградата на Собранието на Србија е мирно, а во близина има полициски сили со опрема за растерување демонстрации. Граѓани ѝ приоѓаат на Дијана Хрка за да ја прашаат за нејзиното здравје и да ѝ понудат помош. Некои ѝ понудиле и свој стан во близина на Собранието за да се одмори или истушира.
Дијана Хрка го почна штрајкот со глад на 2 ноември по комеморативниот собир одржан еден ден претходно во Нови Сад по повод годишнината од падот на натстрешникот на железничката станица, при што загинаа 16 лица, меѓу кои и еден Македонец.
Мајката на Стефан Хрка бара процесирање на одговорните за трагедијата, ослободување на сите притворени студенти и распишување вонредни парламентарни избори.

