Свет
Американците уште се скептични во претседателскиот капацитет на Трамп
Помалку од половината Американци се уверени во способноста на избраниот претседател Доналд Трамп да се справи со светските кризи, како и разборито да ја користи воената моќ и да спречи големи скандали во неговата администрација, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мнение кое во понеделникот ги објави вашингтонската агенција Gallup.
Според резултатите од анкетата, Американците уште се скептични во врска со претседателските потенцијали на републиканецот Доналд Трамп, чијашто инаугурација во 45-ти претседател на САД ќе се одржи на 20-ти јануари.
Дека новиот станар на Белата куќа може да ги реши меѓународните кризи сега веруваат 46 отсто од Американците, додека 47 отсто сметаат дека тој ќе може мудро да ги користи американските сили во странство, а 44 проценти сметаат дека ќе може да спречи скандали поради активностите на неговата администрација. Сепак, повеќе од половината негови сонародници, или 53 отсто, се убедени дека Доналд Трамп ќе може ефикасно да управува со извршната власт.
Трамп, инаку, уште пред почетокот на предизборите за претседателската номинација на Републиканската партија важеше за аутсајдер, токму поради отсуството на искуство во извршување должности.
Во врска со резултатите, од Gallup потсетуваат дека претходниците на Трамп на должноста, како демократите Барак Обама и Бил Клинтон, така и републиканецот Џорц В. Буш, пред преземањето на претседателската должност имале значително повисоки показатели во ваквите анкети, меѓу 71 и 84 отсто.
Истражувањето покажало и дека речиси 55 отсто од испитаниците се уверени во способноста на Трамп да ги заштити американските интереси на светската сцена, 59 проценти во неговата способност ефикасно да управува со националната економија и 60 отсто сметаат дека има капацитет ефикасно да соработува со Конгресот во интерес на решавањето на разни прашања.
Анкетата била спроведена во периодот меѓу 7-ми и 11-ти декември во сите 50 американски сојузни држава и федералниот округ Колумбија, на примерок од 1.028 испитаници на возраст од 18 до 50 години, со маргина на можна грешка од 4 отсто./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американскиот план за Украина бара дополнителна работа, велат западните челници
Американскиот план за Украина бара дополнителна работа, се согласија челниците на 11 земји и ЕУ во заедничка изјава по состанокот на маргините на самитот Г20 во Јоханесбург.
Тие сметаат дека нацртoт на американскиот мировен план за Украина претставува основа за понатамошна разработка, но дека поединечни точки, вклучувајќи ги предложените ограничувања за украинските вооружени сили, предизвикуваат сериозна загриженост.
Во изјавата стои дека нацрт-планот од 28 точки е темел кој бара дополнителна работа, а челниците истовремено изразуваат загриженост поради предложеното ограничување на украинските вооружени сили, што би ја направило Украина ранлива на идни напади.
Декларацијата ја потпишаа во име на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон, финскиот претседател Александар Стуб, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерите Марк Карни од Канада, Михал Мартин од Ирска, Џорџа Мелони од Италија, Санае Такаичи од Јапонија, Дик Схоф од Холандија, Педро Санчез од Шпанија, Кир Стармер од Обединетото Кралство и Јонас Гар Сторе од Норвешка.
Во изјавата се признава дека американскиот предлог вклучува важни елементи што ќе бидат клучни за праведен и траен мир. Но повторуваат дека „се јасни во принципот дека границите не смеат да се менуваат со сила“.
Потсетуваат и дека елементите од планот кои се однесуваат на ЕУ и НАТО бараат согласност од членките на ЕУ и НАТО и додаваат дека имаат намера да продолжат со тесната координација со Украина и САД во наредните денови.
Американскиот план во Киев се гледа со голема загриженост затоа што содржи неколку клучни руски барања: Украина се откажува од дел од територијата, прифаќа намалување на големината на својата армија и се откажува од членството во НАТО.
Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би морала да се откаже од другите освоени подрачја.
Од друга страна, Украина би добила западни безбедносни гаранции за спречување на идни руски напади.
Планот предвидува и огромен глобален пакет мерки за Украина веднаш да започне со обновата на разурнатата земја, вклучувајќи основање на Украински фонд за развој со цел инвестирање во брзорастечки индустрии, меѓу кои технологија, дата-центри и вештачка интелигенција.
Свет
Европските земји, САД и украинските претставници утре ќе разговараат во Женева
Претставници на европските држави утре во Женева ќе разговараат со американски и украински претставници за американскиот мировен план за Украина, изјавил извор од германската влада за dpa. Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ дал рок на Украина до четврток да одговори на предлогот со 28 точки.
Нацрт-планот, кој протече во медиумите и во четврток беше официјално претставен на Киев, предизвика загриженост затоа што предвидува широки територијални и воени отстапки кон Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски именуваше преговарачка делегација, со Андриј Јермак како главен преговарач. Во деветчлената група е и Кирило Буданов, шеф на воената разузнавачка служба.
Зеленски изјави дека планот ја остава Украина пред „многу тежок избор: или губење на достоинството или ризик од губење на клучниот партнер“ – мислејќи на САД, кои обезбедуваат оружје и разузнавачка поддршка.
Украински високи претставници во наредните денови треба да се сретнат со американска делегација во Швајцарија за да разговараат за планот, но точниот термин и локација не се прецизирани.
Свет
Вооружени лица киднапираа повеќе од 300 ученици и 12 наставници од католичко училиште во Нигерија
Бројот на киднапираните ученици и наставници од католичкиот интернат „Света Марија“ во сојузната држава Нигер во Нигерија порасна на повеќе од 300 ученици и 12 наставници, соопшти Христијанската организација на Нигерија (ЦАН), пренесе АП.
Според соопштението на претседателот на огранокот на ЦАН во државата Нигер, Булус Даува Јохана, бројките се ажурирани по конечната проверка на евиденцијата. Претходно беше објавено дека се киднапирани 215 ученици и 12 наставници.
Интернатот, кој го посетуваат деца од 7 до 17 години, се наоѓа близу главниот пат меѓу Јелва и Моква. ЦАН соопшти дека училиштето повторно почнало со работа без известување на надлежните, со што ги изложило учениците и персоналот на ризик.
Католичката бискупија Контогора информираше дека еден службеник за обезбедување бил тешко ранет во нападот.

