Регион
Осомничениот Киргиз ослободен од сомневањата за атентатот во Истанбул

Државјанинот на Киргистан, 28-годишниот Лакхе Машрапов, кој бил приведен и испитан по враќањето од Турција поради можна поврзаност со нападот врз ноќниот клуб во Истанбул на новогодишната ноќ, ослободен е од сомневањата, објавија во вторникот киргистанските медиуми.
Лакхе Машрапов се споменува во турските медиуми, кои се повикуваат на безбедносни извори, како можен осомничен во врска со нападот во клубот „Reinа“ во кој се убиени 39 луѓе, претежно странски туристи во текот на дочекот на Новата година.
„Државниот комитет за национална безбедност (ГКНБ) ја истражува можноста за вмешаноста на државјанина Киргистан во нападот во Истанбул. ГКНБ испрати барање во таа смисла на турските колеги. Службениците на ГКНБ го префрлија во регионалната канцеларија каде што е испитуван“, изјавил за медиумите портпаролот на киргистанската тајна служба.
Машрапов подоцна е пуштен на слобода и против него не е подигнато обвинение, објавија киргистанските медиуми повикувајќи се на ГКНБ.
Претходно во вторникот Машрапов во интервју за агенцијата АКИpress негираше дека е вмешан во нападот во Истанбул, а во вторникот отпатувал откако турската полиција кусо го испитувала бидејќи личел на мажот осомничен за нападот.
Киргистанското министерство за надворешни работи оцени дека „не е веројатно“ оти киргистански државјанин е вмешан во тој напад.
„Според прелиминарните податоци, таа информација не е веродостојна, но министерството сепак, прави натамошни проверки“, изјавил портпаролот на министерството.
Во вторникот вечерта, според агенцијата Dogan, двајца странци чијашто националност не е објавена, се уапсени на меѓународниот истанбулски аеродром „Ататурк“ на влегувањето на меѓународниот терминал за заминување и одведени се на испитување./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Поради силни ветрови, во прекин фериботскиот сообраќај во Грција

Фериботскиот сообраќај во Егејското Море во Грција денес беше прекинат поради силни ветрови, кои достигнаа брзина од 60 километри на час, поради што илјадници туристи не можеа да одат до своите планирани дестинации.
Забраната за пловидба, која ќе биде во сила денес најмалку до 13 часот по локално време, важи во сите поголеми пристаништа во Атика, а само фериботите на неколку линии во областа Аргосароникос сè уште пловат, објавува „Јуроњуз“.
Пристанишните власти чекаат ветерот да стивне за да може да се укине забраната за пловидба.
Пловењето кон островите Киклади беше прекинато во пристаништето Рафина иако екскурзиите до Мармарис на островот Кос продолжија според планот.
Фериботите не сообраќаат од Пиреја, а пловидбата во пристаништето Лаврио е прекината во правец на Китнос и Агиос Маринас и Неа Стира.
Илјадници патници не можеа да го почнат своето патување утрово поради прекин на пловидбата и чекаат да одат на своите дестинации.
Грчката крајбрежна стража им советува на патниците да се консултираат со компанијата чиј ферибот треба да ги превезува кога ќе бидат можни нови поаѓања, како и да ги избегнуваат пристаништата на кои се појавил сообраќаен метеж.
Метеоролошката служба прогнозира дека силните ветрови ќе траат најмалку до недела, што би можело да влијае на фериботскиот сообраќај.
Поради оваа причина, властите им препорачаа на туристите да стапат во контакт со локалните пристанишни власти и компании пред да заминат.
Регион
Гори во Грција: издадена наредба за итна евакуација

Голем шумски пожар избувна денес во областа Каравадос на грчкиот остров Кефалонија, а издадена е наредба за евакуација на три области, јавуваат грчките медиуми.
Пожарот избувнал во земјоделска и шумска зона, а ангажирани биле 20 припадници на противпожарната служба со седум возила, како и членови на планинската спасувачка служба и волонтери, објави „Катимерини“.
„Доколку се наоѓате во областите Каравадос, Доризата и Керамис, засолнете се и упатете се во правец на Аргостоли. Следете ги упатствата на властите“, се наведува во известувањето на противпожарната служба.
Четири авиони и два хеликоптера исто така помагаат во гаснењето на пожарот, пишува грчкиот весник.
Фото: принтскрин
Регион
Плинска боца експлодира во стан на српски туристи во Грција, има повредени

Пет туристи од Србија се повредени денес во експлозија на плинска боца во изнајмена соба во Аспровалта, во регионот на Солун, од кои еден доби тешки изгореници, објавува Катимерини.
Несреќата се случила денес околу 15:30 часот под сè уште неразјаснети околности.
Најтешко повреден е 41-годишен маж, кој се здобил со изгореници, додека другите се здобиле со повреди од скршено стакло, објавува Катимерини, додека Прототема објавува дека маж со изгореници од прв и втор степен и жена со изгореници од прв степен се пренесени во свесна состојба во Општата болница во Солун.
Полицијата го уапси 86-годишниот сопственик на куќата, а надлежните органи ги истражуваат причините за несреќата.